Спорт
Клоп: На кој мудрец му текна финалето на Лига Европа да се игра во Азербејџан?
Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп вели дека е неодговорно од УЕФА да им дава на градови како Баку големи финалиња, откако англиските навивачи се најдоа пред голем предизвик како да стигнат до Азербејџан пред финалето на Лига Европа меѓу Челси и Арсенал.
Фановите на лондонските клубови ги очекува патување од над 8.000 километри до Баку на 29 мај, без директен лет од Лондон до азербејџанската престолнина. Фановите на Ливерпул и Тотенхем, пак, се наоѓаат пред друг предизвик – скапите летови за финалето на Лигата на шампионите во Мадрид.
„Да, јасно е дека во Мадрид е исклучително скапо, но навистина е смешно да патуваш за финалето на Лига Европа во Баку. Не знам што доручкувале тие момци кои носат вакви одлуки. Лани бевме во Киев за финалето на Лигата на шампионите, и тоа е прекрасен град, но не беше веројатно дека некој руски тим или тим од тој дел на Европа ќе биде во финалето. Навистина неодговорно и сочувствувам со фановите“, вели Клоп.

Од друга страна навивачките групи на Тотенхем и Ливерпул издадоа заедничко соопштение осудувајќи ја високата цена на билети, сместување и летови до Мадрид за 1 јуни. Повратен билет од Лондон до Мадрид е 1.500 фунти, а хотелското сместување достигнува астрономски суми.
Дури и менаџерот на Тотенхем, Маурисио Почетино признава дека имал проблеми да најде сместување за неговото семејство.
„Се јавував во некои хотели во Мадрид за да резервирам соби, бидејќи не знам кој од моето семејство ќе биде таму, пријатели и луѓе од Аргентина. Но, беше тешко и цените се луди. Не е нормално што се користи ваква шанса за брза заработувачка“, изјави Почетино.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Македонија против Украина или Словачка во баражот за СП
Ракометната репрезентација на Македонија добро помина на ждрепката, која ги одреди двојките за баражот, за пласман на Светското првенство.
Македонија ќе игра против победникот од претквалификацискиот дуел меѓу Украина и Словачка.
Македонија на 13 или 14.мај ќе гостува, а реваншот во Скопје ќе се одигра три дена подоцна.

Foto/ EPA
Спорт
Пол Џорџ падна на допинг тест
Кошаркарот на Филаделфија, Пол Џорџ, е суспендиран поради позитивен допинг тест.
Инсајдерот Шамс Чаранија, објави дека НБА го суспендираше Џорџ на 25 натпревари поради кршење на антидопинг прописите.
Пол Џорџ издаде соопштение во кое се вели:
„Во текот на изминатите неколку години, многу зборував за тоа колку е важно менталното здравје и поради тоа, направив голема грешка со тоа што самиот си земав лекови. Ја преземам одговорноста за моите постапки и им се извинувам на Севентисиксерс, соиграчите, навивачите и сите други за моите лоши одлуки за време на тој процес. Фокусиран сум на тоа да го искористам ова време за да го опоравам мојот ум и тело на најдобар можен начин и да му помогнам на тимот кога ќе се вратам“, рече Џорџ.
Не е наведено зошто Џорџ не го поминал допинг тестот.
Популарниот играч има 35 години и имаше просек од 16 поени и 5 скока во 27 натпревари оваа сезона.
Спорт
Ѓоковиќ: Разни „стручњаци“ ме испратија во пензија, им благодарам на тоа
Новак Ѓоковиќ, в недела ќе се бори за 11-та титула на Австралија Опен. Десеткратниот шампион во Мелбурн, во полуфиналето, во спектакуларен меч го победи бранителот на трофејот, Јаник Синер со 3:2 (3:6, 6:3, 4:6, 6:4, 6:4) за четири часа и девет минути игра.
„Никогаш не престанав да верувам во себе. Многу луѓе се сомневаа во мене. Гледам дека одеднаш се појавија многу „стручњаци“ кои сакаа да ме пензионираат или веќе го направија тоа неколку пати во последните години“, рече Ѓоковиќ и додаде:
„Сакам да им се заблагодарам затоа што ми дадоа сила и мотивација да им го докажам спротивното. Ова не е изненадување за мене. Знам на што сум способен“, рече Ѓоковиќ.
Неговиот настап прптив Синер, особено беше импресивен во петтиот сет, кога спаси осум брејк топки. Во текот на мечот Ѓоковиќ спаси 16 од 18-те топки за брејк.
Противник во финалето в недела ќе му биде Карлос Алкараз.
Foto/ depositphotos

