Спорт
Кога Вимблдон зависи од деца
Од Лондон, Ненад Живановски
Тие се во „сенка“, иако постојано се на сонце. Тие се незабележливи, иако ги гледате на ТВ-екранот како претрчуваат. Тие се анонимни, иако и Ѓоковиќ и Медведев и Надал со задоволство прифаќаат да се фотографираат со нив. Тие се собирачи на топки или популарно се нарекувани на Вимблдон ball boys и ball girls (ББГ). Момчиња и девојчина на кои секој победник на турнир ќе им се заблагодари и ќе рече дека без нив турнирот не би бил можен.
Секој Вимблдон првиот ден многу време посветувам гледајќи во нив и секогаш одново сум импресиониран колку воиграно и координирано си ја вршат својата работа, која едноставно може да се нарече собирање топчиња. Меѓутоа, таа е многу повеќе од тоа – од моментот кога топчето ќе падне на земја, па до моментот кога ќе се појави на тенискиот рекет на тенисерот, тоа е цел еден процес, кој автоматизирано, со воиграни eye contact и body language го извршуваат овие деца.
Така увежбани, на некои им наликуваат како да се припадници на специјалните единици; низ Вимблдон се движат формациски еден зад друг и по десетина на број, на терените се без каква било емоција на лицето и сите стојат во ист став – на сонце или на ветер, извршувајќи ги задачите како роботи, со идентични движења на сите нив.
Престижно е да се биде ББГ на еден од четирите гренд-слемови, иако овие од Вимблдон важат за најелитни од четирите големи турнири. Чарли Бренон е еден од нив – елитните. Ball boy на Вимблдон е веќе неколку година по ред, со намера да учествува и наредната.
Сосема случајно го сретнав кога дојде на автобуската станица, облечен во карактеристична работна маица. Не сакав да ја пропуштам шансата да поразговарам со него. Без проблем ја прифати молбата за разговор, кој го водевме на најнеобичното место на кое сум правел интервју кога било – на горниот кат од даблдекерот, додека се возевме во ист правец од Вимблдон кон Морден.
На моето прашање како се станува ББГ, русокосиот Чарли ми одговори:
„Во основа, ако вашето училиште е во близина на Вимблдон, организаторот ги скаутира потенцијалните момчиња и девојчиња кои ќе бидат ангажирани на турнирот. Јас бев еден од нив. Најпрвин претстои пробно тестирање, за да се види дали ги исполнувате основните критериуми. Кога еднаш ќе го поминете пробниот период, ако сте доволно добар, тогаш влегувате на Вимблдон и повеќе контактите не се преку училиштето туку директно меѓу вас и организаторот. Тогаш започнува процесот на обука и тренирање, кој трае околу девет месеци за потоа да можете да учествувате на турнирот како ББГ“.
За критериумите што се потребни да бидат исполнети за да можеш да бидеш селектиран, Чарли ми појасни:
„Ако си повисок, тогаш можеш да стоиш зад задната линија – тоа се позициите каде што стојат четворица и ги додаваат топчињата на тенисерите да сервираат. Ако си понизок, како јас, тогаш најчесто си поставен на центарот, зад мрежата. Исто така, потребно е да си во добра физичка кондиција, секој тренинг ние правиме десет минути загревање, што се состои и од 3-4 трчања околу теренот. По секој тренинг, поединечно сме оценувани и доколку не си доволно добар, може да бидеш елиминиран. Старосната граница е во просек 13-14 години, но и нешто погоре, но на 18 години веќе се смета дека си стар за да бидеш ББГ.
Следно што ме занимаше беше дали еднаш кога ќе бидеш ангажиран као ББГ имаш сигурност дека и наредната година ќе бидеш повикан, или секоја година се прави нова селекција?
„Секоја година се регрутираат нови ББГ, но, исто така, се повикуваат и старите од последните 2-3 години. Ако претходно си учествувал и ако си доволно добар веднаш го почнуваш пробниот период, без претходна селекција. Јас сум неколку година последователно ball boy и се надевам дека и следната година ќе бидам ангажиран“.
На прашањето дали овој ангажман е волонтерски, или се платени за него, Чарли ми одговори:
„Платени сме околу 200 фунти за двете седмици колку трае турнирот. Но, тоа зависи и од деновите. Обично после петокот помалку сме платени бидејќи има и помалку мечеви на турнирот и немаат потреба од толку ББГ. Ако останеш до последниот ден т.е. до финалето, тогаш си платен околу 240 фунти“.
Бидејќи на Јутјуб има снимки како некои собирачи на топки колабираат на терен од топло време, ме интересираше колку им е напорно кога се високи температурите, а тие мораат да стојат на сонце.
„Пред натпреварот се мачкаме со креми за да се заштитиме од сонцето. Исто така, имаме со нас и термоси со ладна вода и можеме да се освежиме при секоја пауза. Ако се случи некој да колабира, тука се интервентните екипи да го повратат, но и секогаш има резервни момчиња и девојки кои се подготвени да влезат и заменат некого. Никој од нас не стои на еден меч повеќе од еден час бидејќи организаторот знае дека топлото време нè исцрпува и секогаш по еден час се прави замена со нови ББГ. Во текот на денот еден ББГ може да биде ангажиран најмногу четири часа, но никогаш тие не се во континуитет“.
На крајот од разговорот, логично се наметна прашањето дали Чарли тренира тенис и кој му е омилен тенисер.
„Не тренирам, но дефинитивно Вимблдон ме инспирира овие неколку години колку сум ball boy да решам наскоро да почнам да тренирам. Од тенисерите го обожавам Ник Кириос поради неговиот темперамент бидејќи е забавен и смешен. Мислам дека тој и нема тренер, туку самиот се тренира, што ме воодушевува. Исто така, го сакам и Новак Ѓоковиќ. Тој е број еден и за мене“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Лил ја згасна Звезда
Фудбалерите на Лил триумфално го завршија натпреварот во Белград. Надополнија минус од еден гол, и по продолженијата со 2:0 славеа на „Рајко Митиќ“.
Дека Црвена звезда ќе има тешка вечер, навести ветеранот Оливие Жиру со голот во четвртата минута. Лил ја анулира предноста на противникот и потоа доминираше во првиот дел, но резултатото не се промени.
Второто полуврме донесе подобра игра на домаќинот, неколку шанси, без реализиција, па натпреварот замина во дополнителните 30 минути.
Таму на црвено-белите им пресуди Ендој во 99-та минута.
Лил во осминафиналето ќе игра против Лион или Астон Вила.
Foto/ Starsport
Спорт
Убедлив пораз на Шкендија кај Самсунспор
Фудбалерите на Шкендија го завршија својот настап во Конференциската лига. Вечервва, во рамките на плејофот за место во осминафиналето, Шкендија загуби со 4:0 кај Самсунспор. Турскиот тим со вкупен резултат 5:0 се пласира во следната фаза.
Шкендија успеа да издржи во првиот дел, но во вториот домаќинот ја демонстрираше својот квалитет.
Нтчам од пенал погоди во 53-та минута, а Ендиај го зголеми резултатот во 71-та. Точка на победата стави стрелецот на голот во Скопеј, Мариус во 79-та и 92-та минута.
EPA/GEORGI LICOVSKI
Спорт
Челзи или Баселона – Луис Енрике откри со кого сака да се соочи
Тренерот на Пари Сен Жермен, Луис Енрике, повеќе би сакал да се соочи со Челзи отколку со Барселона во осминафиналето од Лигата на шампионите.
Актуелниот првак немаше лесна задача во баражот, но успеа да го елиминира Монако. Утре ќе го дознае противникот во осминафиналето.
„Ќе бидам целосно искрен, нека Барселона не заобиколи овој пат. Веќе реков дека сакам повторно да играм против Челзи. Овој пат не сакам да играм против Барселона. Од емотивна страна, дуелот со Барса е секогаш посебен за мене, бидејќи е убаво да се вратиш дома. Барселона е прекрасна и многу посебна за мене. Затоа би сакал да играм против Челзи, ни должат, рече Луис Енрике.
Шпанецот алудираше на поразот во финалето на Светското клупско првенство во кое Челзи победи со убедлив резултат од 3:0.
Ждрепката за осминафиналето од Лигата на шампионите е закажана за петок во 12:00 часот.
Foto/ depositphotos

