Спорт
Кога Вимблдон зависи од деца

Тие се во сенка, иако стојат на сонце. Тие се незабележливи, иако ги гледате на ТВ екранот како ви претрчуваат. Тие се анонимуси, иако и Ѓоковиќ и Федерер и Надал со задоволство прифаќаат да се фотографираат со нив. Тие се собирачи на топки или како популарно се нарекувани на Вимблдон ball boy и ball girl (ББГ). Момчиња и девојчина на кои секој победник на турнир ќе им се заблагодари и ќе рече дека без нив турнирот не би бил можен.
Првиот ден на Вимблдон, наместо во тенисерите, многу време посветив гледајќи во нив, зачуден колку уиграно и координирано си ја вршат својата работа, која упростено може да се нарече собирање на топчиња. Меѓутоа, таа е многу повеќе од тоа – од моментот кога топчето ќе падне на земја, па до моментот кога ќе се појави на тенискиот рекет, тоа е цел еден процес, кој автоматизирано, со уиграни eye contact и body language го обавуваат овие деца. Така увежбани, на некои им наликуваат како да се припадници на специјалните единици; низ Вимблдон се движат формациски еден позади друг и по десетина на број, на терените се без било каква емоција на лицето и сите стојат во ист став – на сонце или на ветер, извршувајќи ги задачите како роботи, со идентични движења на сите нив.
Престижно е да се биде ББГ на еден од четирите гренд слемови, иако овие од Вимблдон важат за најелтини од четирите големи турнири. Четиринаесетгодишниот Чарли Бренон е еден од нив – елитните. Ball boy на Вимблдон е веќе трета година по ред, со намера да учествува и наредната. Сосема случајно го сретнав кога дојде на автобуската станица, облечен во карактеристичната виолетова маица. Не сакав да ја пропуштам приликата да поразговараме за неговиот ангажман. Без проблем ја прифати молбата за разговор, кој го водевме на најнеобичното место на кое сум правел интервју било кога – на горниот спрат од дабл-декерот, додека се возевме во ист правец од Вимблдон кон Морден.
На моето прашање како се постанува ББГ, русокосиот Чарли ми одговори:
– Во основа ако вашето училиште е во близина на Вимблдон, организаторот ги скаутира потенцијалните момчиња и девојчиња кои ќе бидат ангажирани на Турнирот. Јас бев еден од нив. Најпрвин престои пробно тестирање, за да се види дали ги исполнувате основните критериуми. Кога еднаш ќе го поминете пробниот период, ако сте доволно добар, тогаш влегувате на Вимблдон и повеќе контактите не се преку училиштето туку директно меѓу вас и организаторот. Тогаш започнува процесот на обука и тренирање, кој трае околу девет месеци за потоа да можете да учествувате на Турнирот како ББГ.
– Кои се критериумите за да можеш да бидеш селектиран?
– Ако си повисок, тогаш можеш да стоиш позади задната линија – тоа се позициите каде стојат четворица и ги додаваат топчињата на тенисерите да сервираат. Ако си понизок, како јас, тогаш најчесто си поставен на центарот, позади мрежата. Исто така, потребно е да си во добра физичка кондиција, секој тренинг ние правиме десет минути загревање, што се состои и од 3-4 трчања околу теренот. После секој тренинг, поединечно сме оценувани и доколку не си доволно добар, може да бидеш елиминиран. Старосната граница е во просек 13-14 години, но и нешто погоре, но на 18 години веќе се смета дека си стар за да бидеш ББГ.
– Дали еднаш кога ќе бидеш анагажиран као ББГ имаш сигурност дека и наредната година ќе бидеш повикан, или секоја година се прави нова селекција?
– Секоја година се регрутираат нови ББГ, но, исто така, се повикуваат и старите од последните 2-3 години. Ако претходно си учествувал и ако си доволно добар веднаш го почнуваш пробниот период, без претходна селекција. Јас сум трета година последователно ball boy и се надевам дека и следната година ќе бидам ангажиран.
– Дали вашиот ангажман е волонтерски или сте платени за него?
– Платени сме околу 200 фунти за двете седмици колку трае турнирот. Но, тоа зависи и од деновите. Обично после петокот помлаку сме платени бидејќи има и помалку мечеви на турнирот и немаат потреба од толку ББГ. Ако останеш до последниот ден т.е. до финалето, тогаш си платен околу 240 фунти.
– Дали ви е напорно кога се високи температурите, а вие морате да стоите на сонце?
– Пред натпреварот, се мачкаме со креми за да се заштитиме од сонцето. Исто така, имаме со нас и термуси со ладна вода и можеме да се освежиме при секоја пауза. Ако се случи некој да колабира, тука се интервентните екипи да го повратат, но и секогаш има резервни момчиња и девојки кои се подготвени да влезат и заменат некого. Никој од нас не стои на едне меч повеќе од еден час бидејќи организаторот знае дека топлото време не исцрпува и секогаш после едне час се прави замена со нови ББГ. Во текот на денот еден ББГ може да биде ангажиран најмногу четири часа, но никогаш тие не се во континуитет.
– Дали тренираш тенис?
– Не тренирам, но дефинитивно Вимблдон ме инспирира овие неколку години колку сум ball boy да решам наскоро да почнам да тренирам.
– Кој ти е омилен тенисер?
– Го обожавам Ник Кириос поради неговиот темперамент бидејќи е така забавен и смешен. Мислам дека тој и нема тренер, туку самиот се тренира, што ме воодушевува. Исто така, го сакам и Новак Ѓоковиќ. Тој е број еден и за мене.
Ненад Живановски
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Ејтон во Лејкерси

Фото/ EPA-EFE/CAROLINE BREHMAN
Деандре Ејтон се согласи на трансфер во Лос Анџелес Лејкерс три недели пред неговиот 27-ми роденден и три дена откако беше ослободен од договорот со Портланд Треил Блејзерс.
Ејтон, потпиша две годишен договор, а следната сезона ќе заработи 34 милиони долари.
Лејкерси го пронајдоа својот стартен центар во Ејтон, првиот избор на драфтот во 2018 година, кој е единствениот играч во историјата на НБА кој во просек постигнувал 15+ поени и имал шут од над 60 отсто во плејофот.
Тој има просек од 16,4 поени и 10,5 скока со 59 отсто шут во последните седум сезони.
Ејтон беше прв пик ма драфтот во 2018 година. На овој драфт Дончиќ беше избран како трет пик.
Спорт
Поништени сите резултати и рекорди на трансроднa пливачка којa доминираше во САД

Фото/ X
Универзитетот во Пенсилванија објави дека ретроактивно ќе ги поништи сите резултати и рекорди поставени од трансродовата пливачка Лија Томас.
Овој универзитет, исто така, им се извини на пливачките кои, поради учеството на Лија Томас на натпреварите во пливање во САД, беа во нееднаква и подредена положба.
Одлуката е резултат на спогодба со Министерството за образование на САД и доаѓа по неколкумесечна федерална истрага која заклучи дека универзитетот ги прекршил одредбите од Законот IX, кој забранува дискриминација врз основа на пол, но сега инсистира на биолошка дефиниција на полот во спортот, дозволувајќи ѝ на Томас да се натпреварува во женска конкуренција.
Да ве потсетиме дека во својата кариера Лија настапувала и во машка и во женска конкуренција.
Како дел од спогодбата, Универзитетот во Пенсилванија се согласи да ги врати сите индивидуални рекорди, титули и почести на пливачките кои ги изгубиле поради Томас, а секоја од нив ќе добие лично извинување.
Исто така, Универзитетот „Пен“ објави официјална изјава на својата веб-страница во која се обврзува дека во иднина нема да им дозволи на мажите да се натпреваруваат во женски спортски програми или да користат женски спортски објекти, а дефинициите на полот ќе се базираат исклучиво на биологијата.
Лија Томас стана првата трансродова спортистка што освои титула во прва дивизија на NCAA, победувајќи во трката на 450 метри слободен стил во 2022 година. Пред тоа, таа настапуваше за машкиот тим на истиот универзитет три години, а се натпреваруваше во женското натпреварување една сезона, за време на која постави бројни рекорди и освои медали.
Одлуката на Универзитетот во Пенсилванија доаѓа во време кога администрацијата на претседателот Доналд Трамп води широка кампања за забрана на трансродовите спортисти од женските спортови.
Министерството за образование, под закана за задржување на федералните средства (во овој случај 175 милиони долари или 150 милиони евра), побара од „Пен“ да ги почитува новите закони.
NCAA претходно им дозволуваше на трансродовите спортисти да се натпреваруваат во женска конкуренција под одредени услови, вклучувајќи хормонска терапија и документација за нивоата на тестостерон. Сепак, правилата оттогаш се променија и станаа значително порестриктивни, а најновите извршни наредби бараат строга поделба на спортистите според биолошкиот пол.
Секретарката за образование на САД, Линда Мекмахон, ја нарече оваа одлука голема победа за жените и девојчињата, не само на Универзитетот во Пенсилванија, туку и низ целата земја.
Спорт
Имобиле се врати во Серија А

Фото/ EPA-EFE/ERDEM SAHIN
Искусниот италијански напаѓач Чиро Имобиле (35) се враќа во Серија А.
Неговиот нов клуб е Болоња, тврди најпознатиот трансфер инсајдер Фабрицио Романо.
Имобиле ја помина претходната сезона во Бешикташ, одигра 30 натпревари и постигна 15 голови, потврдувајќи ја својата класа, но еден повик од неговата татковина го направи своето.
Чиро е играчот со најмногу титули „крал на стрелци“ во италијанското првенство, тој дури четири пати беше „Капоканониере“ на Серија А, еднаш во дресот на Торино, три пати како играч на Лацио.
Според Романо, тој ќе потпише едногодишен договор со Болоња со можност за продолжување за уште една сезона. Истиот извор претходно објави дека поранешниот играч на Јувентус, Федерико Бернардески, ќе се приклучи на Болоња ова лето.