Спорт
Копа Америка 2019: Бразил по титула и без Нејмар, Аргентина и Меси пред нов предизвик
Во отсуство на Светско првенство или Европско првенство ова лето, европските фудбалски фанови ќе имаат шанси да гледаат малку јужноамерикански фудбал, откако вечерва во Бразил (2.30 часот) стартува Копа Америка 2019.
Бразил првпат по 30 години се домаќини на континенталното натпреварување, кое најавува многу драматични мечеви. Чиле ќе ги брани последните две титули, „Селесао“ ќе се бори за домашна титула без првата ѕвезда Нејмар, додека Лео Меси се враќа со аргентинската репрезентација во уште еден обид да стигне до голема титула во националниот дрес.
Јужноамериканските национални тимови немаа конкурентни мечеви од Светското првенство минаатата година, бидејќи не постојат квалификации за Копа Америка, а тие тимови кои не беа во Русија од октомври 2017 имаа само пријателски мечеви. Но, сега е време за сериозни мечеви.
Со Копа стартува новиот конкурентен циклус во Јужна Америка, кој ќе трае до Светското првенство во Катар во 2022 година. Од 10-те јужноамерикански селекции, шест ќе играат првпат во конкурентен меч.

Традиционалните фаворити, Аргентина и Бразил секако, ќе бидат тие на кои ќе се обрне најмногу внимание и кои имаат најмногу за докажување. Бразилците се без Нејмар, но силата на „Селесао“ во нападот не е за потценување – тука се Роберто Фирмино и Габриел Жесус. Аргентина од друга страна го има Меси во тимот кој не „блика“ со искуство – 15 од 23-те репрезентативци имаат помалку од 15 настапи за „албиселесте“. Покрај Меси, кој сигурно ќе биде под притисок, тука е и тестот на Лионел Скалони, селекторот кој му беше помошник на Хорхе Сампаоли во тимот на Севилја.
Уште поинтересна ситуацијата ќе ја направат двата тима кои ќе настапат како „гости“ – Јапонија и Катар. Јапонија е дефинитивно подобриот тим, додека Катар ја покажа сериозноста со освојувањето на Азискиот куп оваа година.
Копа Америка е најстарото континентално натпреварување, кое првпат се оддржа во 1916 година, и во минатото честопати се оддржуваше секоја година. Растот на јужноамериканскиот фудбал беше забележан од Европјаните на Олимпијадата во 1924 година, кога Уругвај го освои златниот медал, исто како и во 1928 година. Токму овој раст, предизвика организација на првото Светско првенство во 1930 година, во Уругвај, каде што се оддржа и првата Копа Америка во 1916 година.

14.06.2019, ПЕТОК
Бразил – Боливија 02.30 ч.
15.06.2019, САБОТА
Венецуела – Перу 21.00 ч.
Аргентина – Колумбија 00.00 ч.
16.06.2019, НЕДЕЛА
Парагвај – Катар 21.00 ч.
Уругвај – Еквадор 00.00 ч.
ГРУПА А
1.Бразил
2.Боливија
3.Венецуела
4.Перу
ГРУПА Б
1.Аргентина
2.Колумбија
3.Парагвај
4.Катар
ГРУПА Ц
1.Уругвај
2.Еквадор
3.Јапонија
4.Чиле
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Свитолина за 59 минути ја победи Гоф
Украинската тенисерка Елина Свитолина ја декласира Коко Гоф и се пласира во првото полуфинале на Австралија Опен во својата кариера.
Свитолина неочекувано лесно ја победи Гоф со 6:1, 6:2, за само 59 минути игра.
Искусната Украинка леташе по теренот, „пукаше“ винери од сите оружја, додека Гоф одеше од грешка во грешка и во ниту еден момент не изгледаше како трета тенисерка во светот.
Во првиот сет, Американката ги загуби сите четири сервис гејма, а на крајот од мечот имаше неверојатно лоша статистика.
Направи три винери и 26 неизнудени грешки.
Ова беше десетта победа по ред на Свитолина во 2026 година, а од почетокот на сезоната изгуби само еден сет.
Нејзината противничка во полуфиналето исто така има резултат од 10-0, но таа не изгубила ниту еден сет. Тоа е Арина Сабаленка, и тоа ќе биде нивниот седми дуел – Белорусинката моментално води со 5-1. Овој дуел на програмата е во четврток од 9.30 часот по македонско време.
Foto/ depositphotos
Спорт
ПСЖ го официјализира трансферот на Дро Фернандез
Барселона остана без еден од своите најголеми таленти, Дро Фернандез, кој потпиша за ПСЖ. Парижаните ќе платат 8,2 милиони евра за неговите услуги.
Неговото целосно име е Педро Фернандез Сармиенто, а неговата мајка е од Филипините. Роден во Галиција, недалеку од португалската граница. Дро Фернандез се приклучи на Барселона од ЕД Вал Мињор Нигран и брзо напредуваше во младинските категории. За само три години, тој премина од тимот до 15 години во првиот тим.
Пред оваа сезона, Фернандез требаше да игра за Барса Атлетик, вториот тим на клубот што се натпреварува во четвртата дивизија.
Сепак, тој ги надмина сите очекувања за време на предсезоната, а тренерот Ханси Флик редовно го вклучуваше во првиот тим секогаш кога беше во форма. Иако одигра само неколку натпревари, Флик немаше дилеми да му даде шанса на 17-годишникот дури и во важни натпревари.
Оваа сезона, тој го имаше своето деби во стартниот состав против Реал Сосиедад, а еден месец подоцна го имаше и својот прв настап во Лигата на шампионите.
Bienvenue Dro Fernández ! ✍️❤️💙 pic.twitter.com/3GWe8Ufswr
— Paris Saint-Germain (@PSG_inside) January 26, 2026
И покрај ова, неговата иднина не е на „Камп Ноу“, бидејќи ПСЖ го договори неговиот трансфер. Моменталната пазарна вредност на Фернандез се проценува на 10 милиони евра.
Спорт
Берокал нов селектор на кошаркарската репрезентација
Кошаркарската федерација на Македонија донесе одлука за именување на Жозеп Мариа Берокал за селектор на машката репрезентација.
Берокал е искусен шпански тренер со импозантно портфолио зад себе, со повеќе од 35 години тренерско искуство, од кои 21 година во професионална кошарка, како и 14 години искуство во Евролигата, најелитното европско клупско натпреварување.
Во својата богата кариера како главен и помошен тренер, Берокал има освоено вкупно 21 трофеј, меѓу кои и две титули во Евролигата, а работел во 13 различни национални лиги и девет држави, што го вбројува меѓу најискусните интернационални тренери во европската кошарка.
Неговиот професионален ангажман вклучува работа во врвни европски клубови како Барселона, Панатинаикос, Басконија, Макаби од Тел Авив, Баерн Минхен, како и во повеќе национални првенства на највисоко ниво (AЦБ – Шпанија, Евролигата, израелската лига, Лигата на Турција, украинската лига и други).
Берокал соработувал со некои од најголемите имиња во светската кошарка, меѓу кои: Светислав Пешиќ Чави Пасквал, Душко Ивановиќ, Јоргос Барцокас, Велимир Перасовиќ, Одед Каташ и Гордон Херберт, што дополнително го потврдува неговиот стручeн и професионален кредибилитет.
Покрај работата со сениорски екипи, Берокал има и значајно искуство во развој на млади играчи, со 15 години работа во младински категории, вклучително и освојување на две шампионски титули во Шпанија со У18 селекции.
Неговата работа е препознаена како системска, дисциплинирана и насочена кон долгорочен развој на играчи и тимови.
Ангажманот на Жозеп Мариа Берокал претставува дел од стратешката определба на кошаркарската федерација на Македонија за подигнување на стручните стандарди, воспоставување на јасен систем на работа и градење конкурентна сениорска репрезентација, во тесна поврзаност со младинските селекции.
Федерацијата изразува уверување дека искуството, знаењето и меѓународниот авторитет на новиот селектор ќе придонесат за стабилност, напредок и јасна визија во натамошниот развој на македонската кошарка.
Izvor/ Foto: mkd.basketball

