Спорт
Лаказет би можел да остане во Арсенал

Александар Лаказет би можел да остане во Арсенал. Францускиот ас по завршувањето на сезоната ќе биде слободен играч. Досега не добил понуда да ја продолжи соработката.
Лаказет, по заминувањето на Обамејанг во Барселона, го зазеде местото во врвот на нападот. Неговата форма е во подем, во неделата, забележа две асистенции во победата над Вотфорд.
„Имаше сезони во кои постигнуваше повеќе голови, но сега одлично ги извршува задачите кои ќе му ги поставам. Неговиот придонес е голем. На крајот од сезоната, кога ќе ги составиме плановите, ќе седнеме со играчите на кои им истекуваат договорите и ќе решиме што ќе правиме“, рекол менаџерот Артета.
Оваа сезона, Лаказет на 26 натпревари постигнал пет гола и забележал осум асистенции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Ефес или Олимпијакос, Реал или Барселона?

Завршниот турнир во кошаркарската Евролига ќе почне денес во Белград. На програмата се полуфиналните натпревари, Ефес-Олимпијакос (18 ч.) и Реал-Барселона (21 ч.). Финалниот меч ќе се одигра в сабота.
Првото полуфинале ќе го игра актуелниот шампион Ефес против Олимпијакос. Турскиот тим во лигата играше со премногу осцилации и падови и тоа е причината што сезоната ја заврши на седмото место. Грчкиот тим, регуларниот дел од сезоната го заврши на второто место, веднаш зад Барса и во неколку наврати покажа дека не е за потценување.
На двата претходни натпревари славеше домашната екипа. Прво Ефес во Истанбул во ноември (88:69), а потоа во Пиреја по продолженијата Олимпијакос дојде до триумф (87:85). Ова ќе биде 45. дуел помеѓу Ефес и Олимпијакос, засега е нерешено (22:22).
Гледајќи ја тимската статистика, Ефес е нешто подобар офанзивно (81,7 наспроти 80,4) поени по натпревар), додека Олимпијакос е значително подобар во дефанзивата (80,3 поени наспроти 85,1 поени).
Лидерите на двете страни се познати. На едната се најдобрите стрелци во Европа, Василије Мициќ и Шејн Ларкин, заедно со Крунослав Симон, на другата Костас Слукас и членот на идеалната петорка Саша Везенков со прекалениот Јоргос Принтезис.
Вака изгледа статистиката на лидерите – Мициќ (18,2, 4,6 асистенции, 2,6 скока), Ларкин (14,6, 5,3 асистенции и 3 скока), Симон (6,9, 2,8 скока, 2,6 асистенции), а од друга страна Слукас (11,9, 4,9 асистенции, 2,6 скока), Везенков (13,7, 5,8 скока, 1,5 аситенции), Принтезис (3,7, 1,3 скока).
На „Ел Класико“ не му треба посебна најава. Дуелите на Реал и Барса секогаш се жестоки без разлика дали се од натпреварувачки или пријателски карактер.
Во регуларниот дел од сезоната Барселона ги доби двата натпревари. Прво во декември дома (93:80), потоа во февруари во Мадрид (86:68). Тоа секако ќе биде мотив повеќе за „кралскиот клуб“ кој на крилата на Лука Дончиќ ја освои титулата во Белград во 2018 година. Словенецот потоа се пресели во Далас, но во овој тим на Реал има неколку играчи кои беа во тој тим. .
Тимската статистика го кажува следново – Барса е подобра офанзивно (81,4 наспроти 79,3 поени), додека Реал е подобар во одбраната (73,6 наспроти 75,5). Мадриѓаните се подобри и во скокот, па се очекува интересна борба во рекетот.
Лидерите се познати. Во Барса тоа се МВП Никола Миротиќ и плејмејкерите Ник Калатес, односно Нико Лапровитола, од другата страна се Серхио Љуљ, Гершон Јабуселе и џинот во рекетот Валтер Таварес.
Вака изгледа статистиката на Лидерот – Миротиќ (16,6 поени, 5,1 скока, 1,2 асистенции), Калатес (7,4 поени, 6 асистенции, 3,9 скока ), Лапровитола (9,5 поени, 3,1 асистенции, 1,9 скока), а со останатите страни се Љуљ. (8,6 поени, 2,7 асистенции, 1,7 скока), Јабуселе (11,9 поени, 4,7 скока, 1,6 асистенции) и Таварес (10,9 поени, 7,6 скока, 1,7 блокади).
Спорт
Олимпискиот првак победи на митингот во Савона

Италијанскиот атлетичар Марсел Џејкобс, по речиси една година учествуваше на трка на отворено. Олимпискиот првак на 100 метри настапи и победи на митингот во Савона.
Џејкобс полуфиналето го истрча за 9,99 секунди, додека во финалето целта ја мина за 10,04 секунди.
„Малку се мачев, мислев дека ќе трчам подобро отколку во полуфиналето. Малку ми недостига таа искра. Мислев дека оваа недела без тренинг ќе помогне, но, ова е прва трка во годината, има уште време до Светско првенство“, рече тој. Џејкобс за РАИ.
Светското првенство во атлетика започнува на 15.јули во Јуџин, САД.
Џејкобс не се натпреваруваше на отворено откако минатиот август изненадувачки го освои златниот медал на ОИ во Токио, каде победи со нов европски рекорд – 9,80 секунди.
Во март освои златен медал на Светското првенство во сала во Белград.
Спорт
Кунде постигнал вербален договор со Челси

Фудбалерот на Севиља, Жил Кунде ќе биде првото засилување на Челзи штом ќе биде потврдена продажба на клубот на Тод Боили и кога британската влада ќе ги укине санкциите кои му ги воведе на клубот.
Антонио Ридигер оди во Реал Мадрид, Андреас Кристенсен е најверојатно во Барселона, па на Челзи прво му треба квалитетен стопер.
Наводно, 23-годишниот фудбалер летово постигнал вербален договор да се пресели на „Стенфорд Бриџ“. Двете страни беа во преговори и минатото лето, но тогаш трансферот пропадна поради цената што требаше да и се плати на Севиља.
Севиља бара околу 59 милиони фунти за францускиот фудбалер, кој може да игра и како десен бек.
Томас Тухел минатата недела имаше ручек со новиот сопственик, но според информациите не зборувале за потенцијалните засилувања.
„Плати многу пари за Челзи, претпоставувам дека неговите амбиции нема да се намалат. Ќе разговараме подетално во наредните недели, сигурен сум дека сака тим кој ќе биде конкурентен на највисоко ниво“, изјави Тухел.
Се очекува Конор Галагер да се врати од позајмица во Кристал Палас и да се бори за место во тимот, а кога се во прашање стоперите, „сините“ се распрашуваат и за Персел Кимпембе (ПСЖ), Јошко Гвардиол (Лајпциг) и Хозе Марија Хименез (Атлетико Мадрид).