Спорт
Лапорта: Опозицијата сакаше да растури клуб со повеќе од 100 години историја
Претседателот на Барселона Џоан Лапорта се обрати до јавноста на прес-конференција по враќањето на тимот од Саудиска Арабија, каде што го освоија Суперкупот со победата против Реал Мадрид (5:2).
„Дестабилизаторите од внатре и однадвор ќе мора да работат напорно за да не соборат. Ќе мора да работат многу повеќе ако сакаат да дестабилизираат клуб со повеќе од 100 години историја. Излеговме од од сите проблеми посилни, со обновена енергија. Нема да успеат да не дестабилизираат во клучен момент од историјата. Имаме тим кој ќе им пружи големо задоволство на нашите навивачи“, рече на почетокот Лапорта и ја продолжи својата презентација.
„Секоја кампања против клубот нема да ја спречи Барселона да биде сакана и обожавана од милиони луѓе ширум светот. Нашите играчи не не напуштија затоа што ја завршивме нашата работа. Сакаа да не ликвидираат, но ние никогаш не се откажавме. Успеавме да го оствариме она што го сакавме, ги регистриравме Олмо и Виктор и го вративме „правилото 1:1“.
„Успеавме во ова бидејќи сите во клубот работеа добро, направивме извонредна работа“, заклучи тој, откривајќи и дека Барселона повеќе не е под посебен надзор од Ла Лига благодарение на договорите со спонзорите како Најк и Спотифај.
„Кога ги потпишавме Олмо и Виктор летово, разговаравме со Најк. Сепак, Кристенсен беше повреден долго време и тоа го искористивме за да ги регистрираме Олмо и Виктор. Мислевме дека ќе ги регистрираме подоцна благодарение на договорот со Најк, но ние сепак го потпишавме тој договор. Доколку договорот со Најк го потпишевме минатото лето ќе заработевме 300 милиони евра помалку“, продолжи тој и индиректно му се заблагодари на Реал Мадрид.
„Обично не откривам приватни разговори, но можам да кажам дека сум многу благодарен на клубовите кои не ни се спротивставија во овој случај. Можеби сме ривали на теренот, но можеме да подадеме рака за други работи. не бев среќен со оние што зборуваа против нас, а јас сум им благодарен на оние што не зборуваа. Зборував со Флорентино Перез во текот на Суперкупот во Саудиска Арабија и што може да се подобри во однос на организацијата. Можеби треба да бидеме подобро платени и да добиеме повеќе од се“, истакна Лапорта.
Во врска со регистрацијата на Олмо, тој рече дека клубот ја испратил документацијата на 27 декември, но дека Ла Лига побарала дополнителна документација.
„Веќе го исполнивме правилото (за финансиски фер-плеј) на 31 декември“, рече Лапорта.
„Но, Ла Лига сметаше дека треба да ја доставиме дополнителни документи, што го направивме на 3 јануари“, додаде тој.
Лапорта објасни дека Барселона на инвеститорите од Катар и Обединетите Арапски Емирати им дала долгорочен закуп на 475 од 9.600 ВИП места на стадионот „Камп Ноу“, кој моментално се реновира и ќе има вкупно 105.000 седишта.
„Инвеститор од Катар ги купи седиштата за 30 милиони евра и ни ги исплати тие пари кои ги претставивме во Ла Лига. Друг инвеститор од Емиратите ги купи седиштата за 70 милиони евра и требаше веднаш да ни плати 40 отсто од таа сума. Но, парите не легнаа ведаш на сметката. Сметката беше затворена на 31.декември бидејќи банките беа затворени (за новогодишната ноќ), па парите ги добивме на 3 јануари, кога ја испративме потврдата во Ла Лига. “ изјави претседателот на Барселона.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Хет-трик на Гидсел, повторно е најдобар во светот
Репрезентативецот на Данска, Матијас Гидсел е прогласен за најдобар ракометар во светот во 2025 година во традиционалниот избор на Меѓународната ракометна федерација (IHF).
Матијас Гидсел беше избран за најдобар ракометар на годината, трет пат по ред. Тој е третиот ракометар во историјата кој е прогласен за играч на годината три пати по Никола Карабатиќ и Микел Хансен.
Во 2025 година, Гидсел ја освои титулата светски шампион со данската репрезентација, а беше прогласен и за најкорисен играч (MVP) на планетарното првенство. Тој беше и најдобар стрелец и асистент на Светското првенство.
IHF ја избра Норвежанката Хени Рејстад за најдобра ракометарка во светот во 2025 година. И таа беше прогласена за играч на годината трет пат по ред.
Таа освои злато на Светското првенство минатата година со норвешката репрезентација. Рејстад беше најдобар стрелец, а беше прогласена и за најкорисен играч (MVP) на планетарното првенство.
Португалецот Франциско Коста беше избран за најдобар млад ракометар во 2025 година, додека најдобра млада ракометарка е Фиола Лојхтер од Германија.
Во гласањето учествуваа навивачи, селекторите на националните тимови кои учествуваа на Светското првенство во 2025 година, како и членови на Комисијата за тренинг и методи на IHF.
Фото/ ЕПА
Спорт
Упамекано го продолжи договорот со Баерн
Дајо Упамекано го продолжи договорот со Баерн Минхен до 30 јуни 2030 година, објави германскиот клуб.
Упамекано (27) пристигна во Минхен во сезоната 2021/22 од Лајпциг, а со Баерн досега освои три титули во Бундеслигата и три германски Суперкупа. Во дресот на баварскиот клуб одигра 180 натпреварувачки натпревари, постигна шест гола и запиша девет асистенции.
Генералниот менаџер на Баерн, Јан-Кристијан Дрезден, истакна дека Упамекано израснал во врвен играч во Минхен, додека членот на спортската администрација Макс Еберл нагласи дека францускиот стопер е еден од главните столбови на тимот и пример за развој на играчите во клубот.
Самиот фудбалер рече дека е среќен поради продолжувањето на соработката и дека има големи цели со тимот, со желба да освои повеќе трофеи.
Упамекано одигра 35 настапи и постигна два гола за француската репрезентација, ја освои Лигата на нации во 2021 година и беше дел од тимот што го играше финалето на Светското првенство во 2022 година против Аргентина.
Foto/ depositphotos
Спорт
Јада 83-ти, Клабо го освои осмото олимписко злато во кариерата
Македонскиот репрезентаивец, Ставре Јада, го заврши своето учество на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина во петокот. Јада го освои освои 83-то место во трката крос-кантри на 10 километри.
Во трката учествуваа 113 натпреварувачи, Јада ја помина целта како 83-ти, со време од 25:286,9, за 4:52,7 зад олимпискиот шампион. Ставре Јада претходно го освои 88-мо место во трката со спринт.
Златниот медал го освои кралот на овие Игри, Јоханес Хесфолт Клабо. Норвежанецот ја заврши трката за 20:36,02. Ова е негово трето злато на Игрите во Милано и Кортина, а негов осми златен медал – десетти вкупно, бидејќи Клабо има едно сребро и една бронза.
На Клабо му недостига само уште едно злато за да стане најуспешниот олимпиец во крос-кантри. Осум златни медали, и вкупно 12 олимписки медали во кариерата, освои Бјорн Дели.
Сребрениот медал му припадна на Матјас Делож, кој беше фантастичен, францускиот ас ја заврши трката 4,9 секунди зад Клабо. За дваесет и тригодишниот Французин, ова е прв олимписки медал.
Бронзата оди во Норвешка, кај Ејнар Хедегерт, кој имаше задоцнување од 14 секунди. И за него ова е првиот олимписки медал во неговата кариера.
Foto/ EPA

