Спорт
Лејкерси најдоа тренер во Конектикат
Ден Харли, првиот човек кој ја одбрани титула за време на мартовското лудило по 2007 година и триумфот на Били Донован со Флорида Стејт се подготвува за најголемиот предизвик во неговата тренерска кариера.
Харли, архитектот на шампионската генерација на кошаркари од Универзитетот во Конектикат, кој ја одбрани шампионската титула во НЦАА со победата над Пердју во финалето е главен фаворит за нов тренер на Лос Анџелес Лејкерс.
Медиумите изминатите недели со Лејекрси го поврзуваа поранешниот кошаркар Џеј-Џеј Редик, но претседателката на Лејкерс Џени Бас и генералниот менаџер на познатата франшиза Роб Пелинка се свртеа кон решение кое дефинитивно има повеќе смисла и се однесува на соработката со човек кој, меѓу другото, во колеџ конкуренција се покажа како авторитет во тим полн со талент и идни НБА ѕвезди.
Тоа е еден од квалитетите кои го препорачуваат за сериозен предизвик, работа со Леброн Џејмс, Ентони Дејвис и остатокот од тимот, кој од титулата во „меурот“ во 2020 година бележи резултати далеку под реномето на франшизата и очекувањата на фановите и јавноста.
ЕСПН објави дека Харли во петок ќе отпатува за Калифорнија и ќе го има својот прв состанок со највисокото раководство на Лејкерс.
Извесно е дека по Пол Сајлас, Брендан Мелоун, Мајк Браун, Ерик Сполстра, Дејвид Блат, Тајрон Лу, Лук Волтон, Френк Фогел и Дарвин Хам, јубилеен десетти тренер на Леброн Џејмс во НБА ќе биде Харли.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Чешка го слави 19-годишниот Методеј Јилек
Со спектакуларно лизгање, Методеј Јилек и го донесе вториот златен медал за Чешка на Зимските олимписки игри во Милано.
Во трката на 10.000 метри во брзо лизгање, тој ја запре штоперицата на 12:33,42 и го постигна најубедливиот триумф во досегашниот тек од натпреварите во оваа дисциплина.
За чешкиот тинејџер, кој има само 19 години, ова е втор медал во Милано. Тој веќе го освои среброто на 5.000 метри.
Во сенка на сензационалниот Чех остана Полјакот Владимир Семируниј, кој стигна до среброто со заостанување од 5,65 секунди, додека бронзата му припадна на ветеранот, 40-годишниот Холанѓанец, Јорит Бергсм.
Foto/ EPA
Спорт
Игор Тудор ќе го води Тотенхем
Хрватскиот тренер Игор Тудор се согласи да ја преземе клупата на Тотенхем како привремено решение до крајот на сезоната. Тудор доаѓа откако Томас Франк беше отпуштен претходно оваа недела по лошата серија резултати што го остави клубот на 16-то место во Премиер лигата, само пет бода над зоната за испаѓање.
Извори велат дека одборот на Спарс сакал да назначи привремен менаџер пред играчите да се вратат на тренинзите во понеделник.
Последниот ангажман на Тудор беше во Јувентус, каде што помина седум месеци. Тој го презеде тимот во март минатата година како привремен тренер и забележа само еден пораз во девет натпревари до крајот на сезоната, обезбедувајќи му мест на клубот во Лигата на шампионите. Тој успех му донесе долгорочен договор.
Откако беше елиминиран во осминафиналето на Светското клупско првенство од Реал Мадрид, Јувентус ја отвори сезоната во Серија А со три победи, но следеше серија од осум натпревари без победа во сите натпреварувања. Тој беше отпуштен во октомври 2025 година по поразот од Лацио, оставајќи го клубот на осмото место на табелата.
Сепак, ситуацијата за следната сезона сè уште не е целосно дефинирана. Италијанскиот новинар Фабрцио Романо наведува дека Роберто Де Зерби и Маурисио Покетино се главните кандидати за трајно решение на клупата на Тотенхем по завршувањето на актуелната сезона.
Тудор го презема тимот во деликатен момент, со задача да го стабилизира тимот и да го извлече максимумот од сезоната, додека раководството ќе донесе конечна одлука за долгорочниот проект на лето.
Foto/ depositphotos
Спорт
Брентфорд го продолжи договорот со Игор Тијаго
Бразилскиот фудбалер Игор Тиаго го продолжи договорот со Брентфорд, објави англискиот клуб.
Со новиот договор, Тиаго би можел да остане во редовите на Премиер лигата до летото 2031 година, со можност за продолжување на соработката за уште една сезона.
Веста за продолжувањето доаѓа откако Премиер лигата го прогласи за најдобар играч во јануари. Тиаго постигна пет гола на пет натпревари во јануари, со што ја освои наградата за најдобар играч на месецот во Премиер лигата по втор пат оваа сезона.
Во тој период, Брентфорд забележа две победи, едно реми и два порази, и моментално е на седмото место на табелата во Премиер лигата со 40 бода.
Тиаго (24) пристигна во Брентфорд во 2024 година од Клуб Бриж, а пред тоа играше за Лудогорец и Крузеиро.
Бразилскиот фудбалер одигра 26 натпревари за англискиот клуб во сите натпреварувања оваа сезона и постигна 18 голови.
Foto/ depositphotos

