Спорт
Лучано Спалети е новиот тренер на Јувентус
Лучано Спалети ќе биде новиот тренер на Јувентус, потврдија денес бројни извори од Апенините.
Спалети ќе потпише договорот до крајот на тековната сезона, а тој автоматски ќе биде продолжен до летото 2027 година доколку Јувентус обезбеди место во Лигата на шампионите.
Исто така е познато дека Спалети ќе заработува 2.800.000 евра годишно, и веднаш ќе го преземе тимот.
Спалети е без работа откако ја напушти клупата на италијанската репрезентација во јуни оваа година.
Претходно беше лут ривал на Јувентус, бидејќи го водеше Наполи до титулата во сезоната 2022/23. Спалети беше ривал на „старата дама“ и како тренер на Интер, од летото 2017 до летото 2019 година, а својот најголем белег го остави во Рома, која ја водеше во два наврати, од 2005 до 2009 година, а потоа од јануари 2016 до јуни 2017 година.
Спалети е големо име во италијанскиот фудбал, иако има освоено само едно Скудето со Наполи, со Рома двапати го освои Купот на Италија, како и Суперкупот. Најголемиот успех го постигна на клупата на руски Зенит, со кого беше шампион во 2010 и 2012 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Свечено отворена обновената сала во Градски парк, по пет децении Работнички доби нов дом
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, свечено ја отвори целосно реконструираната сала „Работнички“ во Градски парк, еден од најстарите спортски објекти во државата.
Во рамки на свеченоста се одигра ревијален натпревар меѓу младинскиот состав на КК „Работнички“ и шампионите од Лига Центар од ООУ „Кочо Рацин“, проследен со настапи на хип-хоп групи и богата спортска програма.
На отворањето, покрај бројните гости и советниците на Општина Центар, присуствуваа и ветераните на КК „Работнички“, Огнен Герасимовски, Драган Радосављевиќ, Рики Ѓорчевски, Стерули Андоновски, Томе Димишковски, Миро Крстевски, Тихо Матевски, и Перо Антиќ, на кои им беше доделено признанието „Феникс“, симболот на Општина Центар, птицата што се раѓа од пепел, како знак на обнова, истрајност и нов почеток.

„Се што правам како градоначалник, го работам со најдобра верба и мисла за нашите центарци. Со упорност, со скромност, со многу енергија и љубов, создадовме уште една победа, која им припаѓа на сите во Центар, без исклучок и поделби. И оваа сала е резултат на нашиот пристап, дека заедно можеме да направиме се. Без политика, без делби, напротив, обединети и сложни во успесите и резултатите“, рече Герасимовски.
Обраќајќи им се на младите центарци кои ги исполнија трибините, Герасимовски порача дека салата е наменета токму за нив, за генерациите што допрва ќе создаваат нови спортски успеси и ќе го носат духот на „Работнички“.
,,Драги ученици, новата сала е секогаш отворена за вас. За спорт, за натпревар, за другарување, за споделување на вистински вредности во животот. Од срце ве поканувам да ја користите, да бидете присутни, да бидете здрави и конкурентни, да создавате резултати, да се радувате на своите и заедничките успеси! Во оваа сала ќе ги гледаме нашите нови шампиони, ќе ја пишуваме новата историја”, порача Герасимовски.
Салата е реконструирана според стандардите на ФИБА, со целосно обновен паркет, нова фасада, современо ЛЕД-осветлување, енергетски ефикасен систем за греење, ладење и вентилација, нови соблекувални, санитарни јазли и нови столчиња на трибините.
Со обновата на објектот во Градски парк, најтрофејниот клуб доби дом достоен за своето име и традиција, место каде што ќе се редат нови победи и ќе се гради иднината на спортот во Центар.
Спорт
Хакими на суд ќе се брани од обвинението за силување
Дефанзивецот на ПСЖ, Ашраф Хакими, вели дека е подготвен да се појави пред судот по обвинението за силување.
Дваесет и четиригодишна девојка го обвини Хакими дека ја силувал во неговиот дом во Париз во 2023 година. Тој ги негира овие обвинувања.
Јавниот обвинител ја започна прелиминарната истрага во март 2023 година.
„Денес, обвинението за силување е доволно за да се оправда судењето. Тоа е неправедно кон оние кои се лажно обвинети, но и кон вистинските жртви.“
„Мирно го чекам судењето, тоа ќе ја изнесе вистината пред јавноста“, напиша Хакими на својот онлајн профил на социјалната мрежа „X“.
Ноќта помеѓу 24 и 25 февруари 2023 година, девојката разменила пораки со својата пријателка додека одела кон куќата на Хакими, по еден месец преписка, со фудбалерот на Инстаграм.
Како што изјавила, таа го сметале дека состанокот како можност да го заборави раскинувањето. Ѝ кажала на својата пријателка дека е нервозна, дека не е сигурна дека сето ова е за неа.
Неколку дена подоцна, таа го пријавила Хакими за силување.
„Ова судење се базира исклучиво на зборот на жена која ја попречувала истрагата во текот на целиот процес, одбивајќи медицински прегледи и ДНК тестирање, одбивајќи да даде пристап до нејзиниот мобилен телефон и одбивајќи да именува клучен сведок“, изјави Фани Колин, адвокатка на Хаким.
Сè уште не е познато кога ќе започне судењето.
Foto/ depositphotos
Спорт
ФФМ потврди дека од УЕФА добиле допис за сомнителни натпревари
Фудбалската федерација на Македонија потврди дека од УЕФА добиле дописи за сомнителни натпревари. Станува збор за натпревари од Првата и Втората лига и еден контролен натпревар.
„Во врска со информациите кои беа пласирани во дел од медиумите, а се однесуваат на истрага за наместени натпревари на домашни клубови, како и во однос на прашањата доставени до Фудбалската федерација на Македонија, информираме дека во насока на целосна транспарентност и со цел објективно информирање на јавноста, ги споделуваме дописите добиени од Одделот за интегритет при УЕФА.
Станува збор за дописи кои се однесуваат на неколку натпревари од домашното првенство и контролни/пријателски натпревари, за кои се евидентирани нерегуларности поврзани со уплати во обложувалници.
Напоменуваме дека во објавените документи одредени чувствителни информации се соодветно заштитени (покриени), исклучиво во интерес на истрагата и во согласност со насоките на надлежните органи. Објавувањето на тие делови во овој момент би можело да наштети на тековните постапки.
Фудбалската федерација на Македонија тесно соработува со одделот за интегритет на УЕФА и со надлежните државни институции во рамки на своите надлежности, со цел целосно расчистување на сите наводи и сомнежи.
Истовремено, потенцираме дека ФФМ не е истражен орган, туку постапува согласно добиените информации и во координација со институциите кои имаат законска надлежност за понатамошно постапување“, стои во соопштението до јавноста објавено на интернет страницата на ФФМ.
Под лупа на УЕФА се натпреварите Башкими-Шкендија (1:3), Струга-Башкими (6:0) и натпреварот од Вторала лига помеѓу Башкими и Вардар Неготино.
Сомнежи кај УЕФА постојат и за два натпревари на Охрид. Станува збор за дуелот Охрид-Тетекс (4:3) и контролниот натпревар Охрид-Работнички (2:8).

