Спорт
Луд камбек на Мареј од два сета негатива!

Поранешниот светски рекет број 1, Шкотланѓанецот Енди Мареј го мина првото коло на САД опен, откако во неверојатен меч во Њујорк, се врати од два сета негатива за 4:6/4:6/7:6(5)/7:5(4)/6:4 победа над Јапонецот Јошито Нишиока.
Шампионот од 2012 година, кој последните две години се мачи со повредите на колкот (за кој беше на операција), имаше ужасен старт и експресно ги загуби првите два сета, пред да покаже дека не ја загубил борбеноста со два сета кои беа решени во тај-брејк.
Во второто коло е и вториот носител, Австриецот Доминик Тим откако неговиот противник, Шпанецот Хауме Мунар се повлече откако ги загуби првите два сета. Тим, кој стигна до своето трето гренд слем финале во кариерата во Австралија во јануари (каде што загуби од Новак Ѓоковиќ), водеше со 7:6(6)/6:3, кога Мунар се повлече поради повреда. Следен за Австриецот е Индиецот Сумит Нагал, кој со 6:1/6:3/3:6/6:1 го победи Бредли Клен.
Во второто коло се и руските фаворити Андреј Рубљев и Карен Хачанов. Рубљев со 6:4/6:4/6:3 лесно го мина Французинот Жереми Шарди, додека Хачанов се врати од два сета негатива за 3:6/6:7(7)/6:2/6:0/7:6(4) го победи Италијанецот Јаник Синер.
Кај дамите, Гарбиње Мугуруза се врати на тенисот во својот прв меч од февруари со 6:4/6:4 победа над Јапонката Нао Хибино. Следна за поранешната гренд слем шампионка е Бугарката Цветана Пиронкова, која со 6:2/6:3 беше подобра од Људмила Самсонова.
Во британската пресметка, Џоана Конта со 7:6(7)/6:1 ја совлада Хедер Вотсон за пласман во второто коло. 29-годишната Конта, која во 2019 стигна до четврт-финалето, се намачи во првиот сет, спасувајќи шест сет топки, пред во вториот доминантно да ја совлада сонародничката. Следна за неа е Романката Сорана Кирстеа, која со 6:4/7:5 ја победи Американката Кристина Мекхејл.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Имобиле се врати во Серија А

Фото/ EPA-EFE/ERDEM SAHIN
Искусниот италијански напаѓач Чиро Имобиле (35) се враќа во Серија А.
Неговиот нов клуб е Болоња, тврди најпознатиот трансфер инсајдер Фабрицио Романо.
Имобиле ја помина претходната сезона во Бешикташ, одигра 30 натпревари и постигна 15 голови, потврдувајќи ја својата класа, но еден повик од неговата татковина го направи своето.
Чиро е играчот со најмногу титули „крал на стрелци“ во италијанското првенство, тој дури четири пати беше „Капоканониере“ на Серија А, еднаш во дресот на Торино, три пати како играч на Лацио.
Според Романо, тој ќе потпише едногодишен договор со Болоња со можност за продолжување за уште една сезона. Истиот извор претходно објави дека поранешниот играч на Јувентус, Федерико Бернардески, ќе се приклучи на Болоња ова лето.
Спорт
„Леброн е фрустриран поради Дончиќ“

Фото/ EPA-EFE/ALLISON DINNER
Американските медиуми шпекулираат дека работите се хаотични во соблекувалната на Лос Анџелес Лејкерс и дека Леброн Џејмс е фрустриран од Лука Дончиќ.
Според американскиот „Јаху“ и нивниот НБА инсајдер Џон Гамбадоро, ситуацијата во соблекувалната на Лос Анџелес Лејкерс не е баш најдобра и наводно има тензии.
Иако сè изгледа фантастично на паркетот, тој наведува дека нема добра хемија помеѓу Лука Дончиќ од една и Леброн Џејмс и Остин Ривс од друга страна.
„Леброн е фрустриран затоа што не сака да игра со Лука. Ривс не сака да игра со Лука. Не сака да ја добие топката две секунди пред крајот на нападот. Лејкерс дефинитивно треба да изградат тим околу Лука, а не околу Леброн. Сега ова е тим на Дончиќ. И двајцата ќе се вратат по летната пауза, но мора да се биде внимателен“, рече Гамбадоро.
Оваа информација е изненадувачка за многумина, но многумина ќе разберат дека на Леброн не му се допаѓа што Дончиќ е новото лице на франшизата и дека е навикнат да биде на местото на Лука.
Гамбадоро, исто така, праша дали Леброн има тешкотии со реалноста да го дели целото тоа внимание за прв пат во својата кариера и апострофираше дека Џејмс го фали Дончиќ и е единствениот соиграч кого не го критикувал.
Погледот на бројките на Ривс дава поинаква перспектива за нивниот однос. Во натпреварите без Лука минатата сезона, Ривс имаше просек од солидни 19,8 поени, 6,3 асистенции, 4,3 скока, 1,3 украдени топки, шутирајќи 45% од поле и 36,2% за три поени.
Кога играше покрај Лука, Ривс всушност ја зголеми својата продуктивност, постигнувајќи просек од 21 поен, 4,8 скока, 4,8 асистенции, додека шутираше подобро со 47,9% од поле и 40,2% за три поени.
Досега, доаѓањето на Дончиќ не му наштети на Ривс во офанзива. Напротив, се чини дека ја зголеми неговата ефикасност и бројот на поени. Поголемиот проблем кога двајцата беа заедно на теренот беше одбраната.
И Дончиќ и Ривс беа мета на противничките играчи, особено на Минесота Тимбервулвс во првото коло од плејофот, што придонесе елиминацијата на Лејкерси по пет натпревари.
Спорт
Квитова се збогува со Вимблдон

Фото/ EPA/DANIEL HAMBURY
Двократната шампионка Петра Квитова (35) загуби од Ема Наваро со 6:3 6:1 во првото коло на Вимблдон.
Тенисерката од Чешка беше ѕвезда по мечот, бидејќи се збогува со Вимблдон, има намера да посвети повеќе време на своето семејство.
„Честитки Ема. Жал ми е што не можевме да играме уште малку. На ова место се најубавите спомени што можев да ги посакам. Среќна сум што можев да играм на ова посебно место уште еднаш“, рече Квитова.
„Никогаш не сонував дека ќе го освојам Вимблдон, а го освоив двапати… Ќе ми недостига Вимблдон, ќе ми недостига тенисот. Но, подготвена сум за следното поглавје во мојот живот. Дефинитивно ќе се вратам тука како член на клубот“, заклучи Квитова.
Таа го освои Вимблдон во 2011 и 2014 година и заработи над 37 милиони долари само од тенисот.