Спорт
Луис Енрике: Сега е вистинскиот момент

Тренерот на Пари Сен Жермен, Луис Енрике изјави дека овој месец ќе биде возбудлив за клубот, кој ќе се обиде да го освои Суперкупот на Франција и да избегне елиминација од Лигата на шампионите.
Фудбалерите на Пари Сен Жермен отпатуваа за Доха, каде во недела ќе играат против Монако во Суперкупот на Франција.
Енрике го доведе целиот тим, вклучувајќи ги Рандал Коло Муани и Милан Шкриниар, кои би можеле да го напуштат клубот во зимскиот преоден рок.
Тој на кратката видео прес-конференција во авионот рече дека со напорниот распоред и натпреварот против Монако, „на тимот му претстои возбудлив период“.
Пари Сен Жермен ќе ги одигра последните два натпревари од првата фаза од Лигата на шампионите на домашен терен на 22 јануари против Манчестер сити и седум дена подоцна во Германија против Штутгарт. 24 екипи се пласираат во нокаут фазата, а во моментов е Пари Сен Жермен 25-ти.
„Прекрасно е, колку повеќе натпревари, толку подобро“, рече Шпанецот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Милај: Шкупи ги бара првите бодови, но не го потценуваме Арсими

Екипата на Шкупи сè уште нема бодови ниту по седум кола во елитниот фудбал во Македонија. Денес пред нив е Арсими, кој ги загуби последните три натпревари во Гостивар.
Шкупи верува дека сега е време да ги освои првите бодови во оваа сезона. Играчот од средниот ред Адонис Милај бара максимална посветеност од своите соиграчи, а во исто време предупредува да не се потценува тимот од Чегране.
„Иако е тим кој штотуку пристигна во Првата лига, врз основа на нашите резултати и анализи, Арсими не е лесен противник. Очекуваме тежок натпревар, но ќе го дадеме максимумот за да ги освоиме трите бода“, рече Милај.
Според Адонис Милај, сега е време Шкупи да ги освои првите бодови во оваа сезона.
„Иако доаѓаме од лош момент, минатото е зад нас. Сега сме целосно фокусирани на предизвикот што нè очекува. Навистина се надеваме дека со добра и компактна игра, ќе бидеме наградени со резултатот кон кој се стремиме“, заклучи Милај.
Натпреварот помеѓу Арсими и Шкупи ќе се одигра на стадионот во Гостивар, со почеток во 15:00 часот.
Спорт
Вест Хем го отпушти менаџерот Грем Потер

Вест Хем го отпушти тренерот Грем Потер по само осум месеци на клупата, откако тимот под негово водство забележа само шест победи во 25 натпревари.
Одлуката следеше по поразот од Кристал Палас (1-2) на домашен терен, со што лондонскиот клуб падна на 19. место во Премиер-лигата со само три бода од пет кола. Оваа сезона Вест Хем прими 13 голови, а постигна само пет.
Англискиот стручњак во јануари потпиша двегодишен договор и го наследи Хулен Лопетеги. Во тој период тимот беше 14. на табелата и ја заврши сезоната на истата позиција, со пет победи во 18 натпревари под водство на Потер.
Навивачите во изминативе недели јавно го искажаа незадоволството од резултатите и од раководството, а за време на мечот против Палас се слушаа и повици од трибините: „ќе бидеш отпуштен утре“.
Според британските медиуми, раководството на Вест Хем веќе водело разговори со Нуно Еспирито Санто, поранешен менаџер на Нотингем Форест, како и со Славен Билиќ, кој претходно го предводеше клубот.
Спорт
Вареловски: Со победа денеска нештата да тргнат на подобро за Тиквеш

Тиквеш се соочува со проблеми уште од почетокот на сезоната, но се чини дека полека работите доаѓаат на своето место и се верува дека токму по денешниот натпревар следуваат подобри резултати во Првата фудбалска лига.
Кавадарчани во моментов се на десеттото место на табелата со пет освоени бода и со евентуален триумф денеска на свој терен од 15:00 часот против Македонија ЃП, нештата може само да се подобрат што е и примарна цел за сите во клубот.
„Мора да се признае дека ова е турбулентен период за Тиквеш. Доколку победиме денеска ќе се вратиме во нормален тек. На гостувањето против Шкендија одигравме добро и штета што не успеавме да освоиме бод. Очекувам дека во иднина ќе постигнуваме подобри резултати. Ако ја погледнете табелата самите ќе се уверите дека екипите се израмнети. Ние имавме лош старт на сезоната, но конкуренцијата е израмнета и поради тоа ние немаме поголемо заостанување зад останатите екипи. Играме добро, создаваме шанси, но за жал постигнавме само три гола што значи дека мораме да ја подобриме реализацијата. Се надевам дека бргу ќе излеземе од кризата “, изјави искусниот Александар Вареловски.