Спорт
Македонија доби противници по мерка во квалификациите за Мундијалот во 2026
Фудбалската репрезентација на Македонија ги доби противниците во квалификациите за пласман на Светското првенство. Патот на Мундијалот во 2026 година Македонија ја води преку Белгија, Велс, Казахстан и Лихтенштајн.
Поради зголемувањето на бројот на учесници на Мундијалот од 32 на 48 репрезентации, Европа наместо досегашните 13 ќе има 16 претставници, а соодветно е делумно променет и квалификацискиот систем.
Беа извлечени 12 групи, а само победниците од групите ќе обезбедат директен пласман на Светското првенство. Шест групи се составени со по четири селекции, а во шест групи ќе се натпреваруваат по пет репрезентации.
Дванаесетте второпласирани селекции, плус четирите најдобропласирани од Лигата на нации, кои не се меѓу 24-те селекции кои ќе завршат на една од првите две позиции во групите, ќе имаат шанса да се пласираат на Светското првенство преку плеј-оф.
Шеснаесетте селекции кои ќе се квалификуваат за плеј-офот ќе играат на четири турнири во март 2026 година, а само победниците ќе обезбедат пласман на Светското првенство.
Квалификациски групи за пласман на Светското првенство во Канада, Мексико и САД:
Група А: Победникот од дуелот Германија-Италија, Словачка, Северна Ирска, Луксембург
Група Б: Швајцарија, Шведска, Словенија, Косово
Група Ц: Поразениот од натпреварот Португалија-Данска, Грција, Шкотска, Белорусија
Група Д: Победникот од дуелот Франција-Хрватска, Украина, Исланд, Азербејџан
Група Е: Победникот од дуелот Шпанија-Холандија, Турција, Грузија, Бугарија
Група Ф: Победникот од натпреварот Португалија-Данска, Унгарија, Република Ирска, Ерменија
Група Г: Поразениот од натпреварот Шпанија-Холандија, Полска, Финска,
Литванија, Малта
Група Х: Австрија, Романија, Босна и Херцеговина, Кипар, Сан Марино
Група И: Поразениот од натпреварот Германија-Италија, Норвешка, Израел, Естонија, Молдавија
Група Ј: Белгија, Велс, Македонија, Казахстан, Лихтенштајн
Група К: Англија, Србија, Албанија, Латвија, Андора
Група Л: Поразениот од дуелот Франција-Хрватска, Чешка, Црна Гора, Фарски Острови, Гибралтар.
Квалификациите ќе започнат во март 2025 година за екипите кои нема да играат во четвртфиналето или плеј-офот во Лигата на нации, а другите термини се закажани за јуни (за групите со по пет репрезентации), септември, октомври и ноември.
Светското првенство во Канада, Мексико и САД ќе се одржи од 11. јуни до 19. јули 2026 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Драматична трка во нордиска комбинација, победи Офтебро
Победниот во нордиската комбинација (скокови од малата скокалница и 10 км трчање) беше решен во трилер-завршница. На крајот, златото го освои Норвежанецот Јенс Лурас Офтебро.
По скоковите на малата скокалница, Естонецот Кристијан Илвес беше прв. Тој имаше солидна предност пред двата најголеми фаворити, лидерот во генералниот пласман на Светскиот куп Австриецот Јоханес Лампартер (21 секунда) и Норвежанецот Јенс Лурас Офтебре (28 секунди).
Но, уште од самиот почеток на скијањето во крос-кантри на 10 км, беше јасно дека Илвес нема долго да биде во водство. Група од шест натпреварувачи, предводени од Офтебро, го фатија на половина од трката.
Групата од седум натпреварувачи беше компактна до последниот километар. Потоа Офтебро направи потег и се одвои. Но, неговото темпо го следеше лидерот во генералниот пласман на Светскиот куп Јоханес Лампартер и му дишеше во вратот до целта. Во последните 50 метри им се придружи и Финецот Еиро Хирвонен. Сите тројца влегоа на целта со минимално растојание, но на крајот, Офтебро заштеди доволно гориво во резервоарот и на крајот победи со време од 29:59,4.
Лампартер го освои сребрениот медал една секунда зад него, додека бронзата му припадна на Хирвонен, 2,5 секунди зад лидерот.
Foto/ EPA
Спорт
Сноубордер на ЗОИ со две фрактури на вратот итно хоспитализиран
Камерон Болтон (35), сноубордер од Австралија, го скрши вратот кога падна за време на тренингот на Зимските олимписки игри. Веднаш бил префрлен со хеликоптер во болница во Милано.
Болтон падна за време на тренингот во сноуборд крос во Ливињо. Иако успеал веднаш по падот да ја напушти патеката, следниот ден се разбудил со силна болка во вратот.
Дополнителните тестови покажаа две фрактури, по што итно е префрлен со хеликоптер за понатамошно лекување.
„Кам сакаше неговите сонародници да знаат што се случува и дека е добро и дека за него се грижиме на најдобар можен начин. Тој е свесен колку сериозно пристапуваме кон неговата ситуација и комуникацијата беше одлична. Горда сум на нивото на грижа што ја доби“, рече Алиса Камплин од Австралискиот олимписки комитет.
Болтон освои сребро во мешан тимски сноуборд крос на Светското првенство минатата година со Миа Клифт.
Спорт
Влаховиќ бара 15.000.000 евра само за потпис на договорот
Според информациите од италијанските медиуми, повеќе нема да има преговори меѓу Душан Влаховиќ и челниците на Јувентус, околу нов договор. Сигурно е дека српскиот напаѓач, во јуни како слободен играч ќе го напушти клубот.
Весникот „Коријере дело Спорт“ денес донесе информации, околу финансиските барања на Влаховиќ кога станува збор за следниот договор.
Според нивните информации, српскиот фудбалер бара 10.000.000 евра годишна плата, како и бонус за потпис од 15.000.000 евра.
Дури и сега, со 12.000.000 евра годишна заработка, Влаховиќ е меѓу најплатените фудбалери во Серија А и е убедливо најплатениот во клубот.
Во преговорите околу новиот договор, Јувентус се обиде да ја намали таа сума, но да му понуди договор на Србинот на неколку години, така што намалувањето на платата би било компензирано, но тој ја одби таа понуда.
Како што тврди „Кориере“, Влаховиќ ги претпочита Баерн и Барселона како опции, кои најмногу се споменуваат во последните шест месеци.
Foto/ depositphotos

