Спорт
Манчестер Сити го продолжи договорот на младата ѕвезда
Манчестер Сити го продолжи договорот на средниот играч Нико О’Рајли, соопшти клубот. Договорот со 20-годишниот фудбалер е продолжен до летото 2030 година.
„Никогаш нема да го заборавам овој ден. Во Сити сум од осумгодишен и да стигнам до првиот тим и да играм за него е остварување на сон. Потпишувањето на нов договор е навистина нешто посебно“, изјави О’Рајли.
„Многу сум горд на себе, како и мајка ми! Таа многу жртвуваше за да стигнам до позицијата на која сум сега, па радоста е и нејзина, исто како и моја“, додаде младата ѕвезда.
„Искрено, ова е само почеток. Има долг пат зад мене, но сакам да продолжам напред, да се усовршувам секој ден и да станам подобар играч. Тука, во Сити, под водство на Пеп, знам дека можам да го постигнам тоа. Ова е најдоброто место за еден фудбалер“, истакна О’Рајли.
„Сакам да им се заблагодарам на сите во академијата, на моите соиграчи, на Пеп, на тренерскиот тим и на навивачите на Сити, бидејќи без сите овие луѓе кои ме поддржуваа, ништо од ова не би било возможно“, додаде тој.
О’Рајли е производ на младинската школа на Манчестер Сити и има одиграно 27 натпревари за првиот тим на „граѓаните“, постигнувајќи пет голови и остварувајќи две асистенции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Еквадорецот го воодушеви Артета, Арсенал ќе го откупи договорот на Инкапие
Менаџерот на Арсенал, Микел Артета, даде „зелено светло“ за активирање на клаузулата со која Пјеро Инкапие (24) официјално ќе стане играч на „Топџиите“.
Еквадорскиот дефанзивец пристигна во Лондон ова лето како позајмен од Баер Леверкузен за 6.000.000 евра, се покажа добро и кога ќе започне летниот преоден рок, Арсенал ќе го откупи за 52.000.000 евра.
Инкапије е универзален дефанзивец, може да ги покрие сите позиции во задната линија, а Артета го користи најмногу на позицијата лев бек.
Тој ја искористи својата шанса додека Рикардо Калафиори беше повреден, се етаблираше во стартната постава, а викендот доби предност пред закрепнатиот Италијанец во дербито против Тотенхем, кое Арсенал го доби со 4:1.
Како дел од договорот за позајмица, веќе е договорен петгодишен договор што Инкапије ќе го потпише. Германскиот клуб ќе задржи 10 отсто од секој иден трансфер.
Артета неодамна ги пофали квалитетите на Инкапије.
Арсенал моментално е лидер во Премиер лигата со пет бода повеќе и натпревар повеќе од Манчестер Сити, ќе играат против Сити во финалето на Англискиот Лига Куп, а исто така се квалификуваа и за осминафиналето на Лигата на шампионите и завршницата во ФА Купот.
Foto/ depositphotos
Спорт
Мадрид на нозе поради Бенфика, на Јувентус му треба чудо
Вечервашните реванши од плејофот во Италија, Шпанија и Франција ќе ги пополнат преостанатите места во првата „вистинска“ нокаут рунда од елитното натпреварување, познато како Лига на шампиони.
Апенините ќе „горат“ поради Јувентус и Аталанта, со мала надеж дека претставниците на Серија А ќе ја избегнат резултатската гилотина, бидејќи опстанокот во најсилното натпреварување на УЕФА им виси на двата клуба.
Јувентус е во особено тешка ситуација, откако минатата недела го напушти Истанбул со пет гола во мрежата.
Прогнозите се дека Јувентус треба да одигра идеален натпревар или да Галатасарај треба да има многу лош ден.
Во слична позиција е и Аталанта, најмногу поради тоа што во Дортмунд изгледаше многу лошо. Борусија во Бергамо брани предност од два гола.
Доколку два та клуба вечерва испаднат, тоа ќе биде вистинска катастрофа за Серија А, откако синоќа сензационална елиминација од Боде/Глимт доживеа Интер.
Реал Мадрид има минимално водство по првите 90 минути, противБенфика, иако покажаа повеќе од она што резултатот го покажува од гостувањето во Лисабон.
Фудбалската јавност е љубопитна да види како домашната публика ќе ги пречека гостите од Лисабон, откако нивниот играч Винисиус беше жртва, како што тој тврди, на расистичка навреда на „Ла Луж“.
Бенфика ќе биде без тренерот Жозе Мурињо и Џанлука Престијани, кој доби суспензија од УЕФА, токму поради поплаките од Винисиус и Мбапе.
Минатата недела, актуелниот европски првак ПСЖ, надомести минус од два гола во Монако, поради што во реваншот влегува како апсолутен фаворит.
Денот во Лигата на шампионите ќе го отвори дуелот Аталанта-Борусија, во 18.45 часот, сотанатите три натпревари ќе започнат во стандардниот термин од 21 часот.
Спорт
Две жени добиваат кривина во „Алберт Парк“
За прв пат во историјата, две жени ќе го добијат своја кривина во Формула 1, а честа им припаѓа на тркачката инженерка на Естебан Окон, Лаура Милер, и шефицата за стратегија на Ред Бул, Хана Шмиц.
Како дел од прославата на Меѓународниот ден на жената, кривината 6, на патеката „ Алберт Парк“ ќе ги носи имињата на Лаура и Хана на денот на Големата награда на Австралија, со која започнува овогодинешното првенство во Формула 1, но и нова ера во спортот.
Сè ќе биде организирано во рамките на иницијативата „Во нејзиниот агол“, која е дел од партнерството помеѓу компанијата „Engineers Australia“ и организаторите на Големата награда на Австралија со цел да се инспирира следната генерација инженери.
Милер стана првата жена тркачка инженеркам, во историјата на Формула 1, кога ја презеде улогата по доаѓањето на Окон во Хас.
Францускиот возач постојано нагласуваше дека е задоволен што соработува со Лаура и дека нејзиниот напредок во кариерата е исклучително импресивен.
Шмиц соработуваше со голем број возачи откако се приклучи на Ред Бул, а таа одигра голема улога во освојувањето на титулите на Макс Ферстапен во 2022 и 2023 година благодарение на нејзините стратегии.
Големата награда на Австралија на патеката „Алберт Парк“ се одржува на 8 март, но акцијата во Мелбурн започнува два дена порано.

