Спорт
Мареј може да се врати и во сингл во август
Енди Мареј сериозно размислува за враќање на натпреварувањата во сингл во август, само седум месеци по операцијата на колкот, од која стравуваше дека може да му стави крај на кариерата.
По спектакуларната победа во двојки заедно со Фелисијано Лопез на Квинс клаб во неделата, Мареј најави дека би можел да игра сингл на мастерсот во Синсинати пред да се врати на гренд слем турнирите на САД опен на крајот на месецот.
„Ако продолжам со прогресот, би сакал да се обидам да играм сингл. Има неколку опции по Вимблдон. Можеби ќе продолжам со двојки, но ќе се вратам на тренинзите во сингл во периодот на САД опен или можеби ќе паузирам подолго по Вимблдон и ќе се обидам да играм пред Флешинг Медоуз“, изјави Мареј по победата.
Овој пресврт во кариерата на поранешниот светски број 1 доаѓа откако во јануари на Австралија опен тој во солзи најави дека проблемите со колкот најверојатно значат крај на кариерата во која освои три гренд слема.
„Само што освоив титула во двојки со Фели со метален колк! Навистина лудо. Кул е што успеавме да го направиме бидејќи пред неколку месеци ова беше толку далечна мисла“, додава Мареј.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Ливерпул за 70 милиони евра го договори трансферот на Жаке
Талентираниот дефанзивец на Рен, 20-годишниот Жереми Жаке, ќе го носи црвениот дрес на Ливерпул од следната сезона.
Како што објавија англиските и француските медиуми, двата клуба го договориле трансферот на младиот француски репрезентативец. Договорот е дека Жаке ќе игра за Рен до крајот на сезоната, а на лето ќе се пресели во Ливерпул.
Како што објави Би-Би-Си, англискиот клуб ќе плати 60 милиони фунти (околу 69,30 милиони евра) обештетување, од кои 55 милиони фунти се фиксни плус уште пет милиони бонуси.
Шампионот на Англија сака да ја зајакне конкуренцијата на позицијата стопер. Минатото лето го доведе 19-годишниот Џовани Леони од Парма, но талентираниот Италијанец доживеа сериозна повреда на 23 септември на своето деби против Саутемптон во Лига Купот.
Исто така, договорот на францускиот дефанзивец Ибрахима Конате истекува на крајот од оваа сезона.
Жереми Жаке има 20 години (роден е на 13 јули 2005 година во предградието на Париз), помина низ академијата на Рен и дебитираше за првиот тим во јануари 2024 година. Некое време беше во Клермон.
Оваа сезона одигра 18 натпревари за Рен и го привлече вниманието на најсилните европски клубови со своите добри настапи.
Тој е член на младата француска репрезентација, а Ливерпул го гледа како долгорочна инвестиција.
Foto/ staderennais.com
Спорт
Мерино мора да биде оериран, го чека долга пауза
Фудбалерот на Арсенал, Микел Мерино, ќе биде подложен на операција поради повреда на коската во стапалото на десната нога, објави клубот.
Шпанскиот репрезентативец има 33 настапи за Арсенал во сите натпреварувања оваа сезона, постигна шест гола.
Мерино е важен дел од ротацијата на тренерот на „топџиите“, Микел Артета, кој го користеше во средниот ред, но и како лажна деветка. Арсенал во своето соопштение објави дека 29-годишникот ќе биде надвор од теренот подолго време, иако не ја откри точната дијагноза.
Некои извори тврдат дека Арсенал, по повредата на Мерино, би можел да излезе на пазарот, но нема многу време – зимскиот преоден рок се затвора во вечерва во 19:00 часот.
Кога станува збор за опциите за средниот ред, Арсенал ги има на располагање Мартин Одегард, Деклан Рајс, Кристијан Норгард, Мартин Зубименди, Еберечи Езе и Каи Хаверц.
Мајлс Луис-Скели, кој го поминува поголемиот дел од своето време на позицијата лев бек, може да игра и во средината на теренот.
Арсенал е лидер во Премиер лигата со 53 бода од 24 натпревари, додека второпласираниот Манчестер Сити освои шест бода помалку.
Foto/ depositphotos
Спорт
Јанакопулос побара играчите и тренерот Атаман да поднесат оставки
Претседателот на Панатинаикос, Димитрис Јанакопулос, „лут како рис“ им испрати порака на своите играчи и тренери по поразот на „зелените“ од Арис во грчкото првенство.
Тимот на Ергин Атаман загуби во Солун со 102:95 по едно продолжение.
Во исто време, турскиот стратег беше исклучен поради бурни протести кон судиите, со што се комплетираше лошиот ден на неговиот тим.
Лут од конечниот резултта, Јанакопулос со критики се огласи на социјалните мрежи.
Им порача на играчите и тренерите да го напуштат клубот.
„Главниот тренер, помошниците тренери, сите вие! Сите. Немате поим каде играте, нели? Ова е Панатинаикос. Се надевам дека кога ќе се вратите во Атина, ако имате храброст да се вратите во Атина, сите ќе поднесете оставка“, рече Јанакопулос и додаде:
Срам да ви е! Проклети да сте! И не сакам ништо да чујам, ниту за Пицилкас, ниту за криминални организации, за ништо. Не можете да изгубите од Арис со буџет од 40 милиони. Срамно! Почнете да играте кошарка. Сфатете каде сте!“, порача ексцентричниот Јанакопулос.
Foto/ EPA

