Спорт
Мартин Делев победи и на втората трка во „Твинго купот“

Мартин Делев е победник на втора трка што се одржа на патеката во Кичево, во рамки на „Твинго куп“.
Делев до својот втор триумф сезонава дојде со вкупно време од 28:15.846 минути. На победничкиот подиум се искачи и Давид Малинковски, кој финишираше на втората позиција со задоцнување од 0.356 секунди, додека трет беше Емил Нацка.
Ангелчо Стојковски беше четврти, а до седмата позиција се пласираа Слободан Трајковски, Иван Стефановски и Ненад Костовски.
Сашо Кочевски не ја стартуваше трката, додека пак Томислав Трајковски излета на двојната десна кривина во деветиот круг и не беше во можност да ја продолжи трката.
На патеката во Кичево имаше лоши временски услови, no натпреварувачите го прифатија предизвикот да возат на влажна патека и при вакви услови да го покажат својот тркачки талент.
На крајот од секоја сезона победниците, односно за првите три места се предвидени парични награди, додека пак на крајот од третата сезона како главна награда на „Твинго куп“ CUP е 100 отсто електричното возило „Renault Twizy“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
16 репрезентации веќе изборија место на Светското првенство

Мундијалот во 2026 година во САД, Мексико и Канада ќе биде првиот на кој ќе учествуваат 48 репрезентации. Во финишот на квалификациите една третина од учесниците е позната.
Уругвај, Колумбија и Парагвај се последните три репрезентации, тие во четврток обезбедија место на следниот светски фудбалски турнир. Во претходните месеци, уште десет репрезентации успеаја да го сторат тоа, што заедно со трите домаќини, кои директно го добија правото на учество, прави вкупно 16 сигурни учесници.
Во Европа, квалификациите официјално започнаа на 21 март оваа година и ќе траат до 31 март следната година, а потоа ќе се игра и баражот за пласман на Мундијалот. Сепак, во некои европски групи, квалификациите започнаа дури деновиве, па главните битки допрва доаѓаат.
Познато е дека Европа обезбедува најмногу учесници на Светското првенство. Вкупно 16. 12-те победници на групите ќе се квалификуваат директно, додека 12-те второпласирани екипи, плус уште четири првопласирани екипи од Лигата на нации (кои завршија надвор од првите две во нивните квалификациски групи за Светското првенство) ќе се квалификуваат директно за четирите места во плејофот.
И во Африка, слично како и во Европа, сè уште има вистински битки за вкупно девет места, плус едно во плејофот.
Во Јужна Америка (КОНМЕБОЛ), речиси сè е познато, шест репрезентации веќе се квалификуваа, се чека само уште еден учесник во плејофот.
КОНКАКАФ исто така има шест места, од кои три се резервирани за домаќините – САД, Канада и Мексико.
Азија има вкупно осум места, плус едно во плејофот, а шест учесници се веќе познати, од кои два се дебитанти.
Директен пласман на Светското првенство обезбедија домаќините:
– САД, Канада и Мексико.
Низ квалификациите место на Мундијалот си обезбедија:
Азија (6): Австралија, Иран, Јапонија, Јордан (дебитант), Јужна Кореја, Узбекистан (дебитант).
КОНМЕБОЛ (6): Аргентина, Бразил, Колумбија, Еквадор, Парагвај, Уругвај.
Океанија (1): Нов Зеланд
Спорт
Луис Енрике ја скршил клучната коска

Луис Енрике мора итно да се оперира откако вчера доживеа тешка несреќа возејќи велосипед.
Шпанскиот стручњак одлучи да ја искористи репрезентативната пауза за да одмори неколку дена пред новите предизвици што го очекуваат на клупата на ПСЖ.
Минатата сезона, Енрике успеа да направи она што никој пред него не го направил на клупата на Парижаните, ја освои титулата во Лигата на шампионите со ПСЖ.
ПСЖ ја отвори новата сезона доста добро во првенството и покажа дека повторно ќе биде главен фаворит за титулата француски шампион.
Синоќа се појави информација дека Енрике претрпел сериозни повреди предизвикани од пад од велосипедот, и дека итно бил префрлен во болница каде што ќе биде опериран.
Потврдено е дека Енрике ја скршил клучната коска и дека медицинскиот тим одлучил дека мора да се подложи на операција за да се санира повредат. Ова значи дека шпанскиот тренер сега чека подолга пауза.
Се шпекулира дека закрепнувањето ќе трае најмалку неколку недели, а натпреварите на ПСЖ ќе ги водат неговите помошници.
Спорт
Суарез ригорозно казнет за плукањето

Уругвајецот Луис Суарез е суспендиран шест натпревари поради грубо однесување на финалето на Лига купот против Сиетл Саундерс.
Суарез, да потсетиме, плукна во лицето на тренерот на противничкиот тим за време на вербалните навреди и клевети кон играчите на натпреварот. Камерите го снимија испадот на уругвајскиот фудбалер, па дисциплинската комисија на натпреварувањето имаше лесна работа да ги утврди фактите.
Напаѓачот на Интер на тој начин ќе го пропушти следното издание на Лига купот, можеби и следното, со оглед на нокаут форматот на натпреварувањето.
Добрата вест за Суарез и Мајами е дека суспензијата не важи за МЛС лигата, па Уругвајецот ќе му биде на располагање на Маскерано за натпреварите од најважното натпреварување за клубот.
Уште двајца играчи на Мајами – Серхио Бускетс и Томас Авилес – беа казнети за неспортско однесување на натпреварот против Сиетл.
Поранешниот играч на Барселона заработи суспензија од два натпревари поради насилно однесување, додека Аргентинецот доби суспензија од три натпревари, исто така поради учество во инцидентот.