Спорт
Мекларен и Ферари се обврзаа за настапи во Формула 1 до 2025 година

Двата историски најуспешни Формула 1-тима, Ферари и Мекларен, потврдија дека го потпишале новиот таканаречен конкорд-договор со Ф1, со што се осигурува нивната иднина во спортот барем до 2025 година.
Двата тима уште пред неколку недели потврдија дека се задоволни со договореното со шефовите на Формула 1, а други одредени тимови, особено Мерцедес, имаа загриженост и незадоволство за одредени делови.
„Мекларен потврдува дека е потписник на новиот конкорд-договор со кој се уредува Формула 1 до 2025 година, што е уште една потврда на долгорочната посветеност кон спортот. Ф1 направи голем чекор кон трансформација во одржлив бизнис со јасна иднина и ова е вистински договор за спортот, сопствениците на тимовите и фановите“, изјави генералниот директор на Мекларен, Зек Браун.
И генералниот директор на Ферари, Луис Камилери, очекува стабилност и раст.
„Презадоволни сме што го потпишавме конкорд-договорот бидејќи тој е важен чекор да се осигури стабилноста и растот на спортот. Соработката со ФИА и со ‘Либерти медија’ може да го направи спортот уште поатрактивен и во исто време да се задржи статусот на ултимативен тест на технологијата. Тркањето е во ДНК на Ферари и не е случајност што Скудерија е единствениот тим што учествувал во сите Ф1-шампионати“, вели Камилери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Алкалоид го задржа ростерот на играчи, а со тоа и високите амбиции за Европскиот клупски куп во шах!

Еден од најважните шаховски настани во текот на годината е Европскиот клупски куп, турнир кој традиционално се одржува кон крајот на сезоната, но кој претставува епицентар на шаховските збиднувања поради интересот кој го побудува и квалитетот што го нуди. Популарно наречен шаховска верзија на Лигата на шампионите, ЕКК секоја година го собира кремот, но не само од Европа.
Шаховскиот клуб Алкалоид неколку децении го гради својот имиџ доминирајќи на домашно тло, а веќе има и повеќедецениска традиција на учество на ЕКК, при што во три наврати беше освојувач на медали: во 2016 година беше шампион на Европа, а во 2017 и во 2024 година вицешампион. Евидентно и јасно видливо е управувањето и водењето на клубот од најдобрата македонска компанија „Алкалоид“ АД со пресликување на корпоративните искуства и знаења во клубот.
Оваа година на грчкиот остров Родос ќе се игра јубилејното 40-то издание на главниот/отворен ЕКК (може да учествуваат машки, мешани и женски тимови), на кое е пријавен и Алкалоид, а паралелно ќе се игра и 29-тото издание на женскиот ЕКК (учествуваат само женски тимови). Според објавените состави, оваа година конкуренцијата за највисок пласман на ЕКК е најсилна во последните 10-ина години. Пет тимови се издвојуваат според просечниот рејтинг на играчите од својот тим, притоа со повеќе од 2700 се BayeganPendik (Турција) и Алкалоид, а веднаш до нив со просечен рејтинг над 2600 се SuperChess (Романија), Novy Bor (Чешка) и Tuxera (Унгарија). Фактор повеќе е што оваа година има рекорден број на учесници од 101 тим (односно од 20 тимови кај дамите).
Во тимот на ШК Алкалоид има само две измени, односно:
– во составот ќе настапат индиските велемајстори Arjun Erigaisi (2797), Chithambaram Aravindh (2711) и Abhimanyu Puranik (2615); кинеските велемајстори Yi Wei (2754) и Yangyi Yu (2720); српските велемајстори Aleksandar Inđić (2618) и Velimir Ivić (2628), како и македонскиот интернационален мајстор Тони Лазов (2382);
– Erigaisi i Wei се во топ 10 од светската елита, Yu и Aravindh во топ 30, додека, пак, Inđić, Ivić и Puranik во септември беа во топ 100;
– Yu има фантастичен настап за Алкалоид на ЕКК со освоени пет медали (три злата и две бронзи) за резултатот на својата табла, додека, пак, на своите први настапи минатата година за Алкалоид Erigaisi на првата табла освои злато, а, пак, Aravindh на четвртата табла бронза;
– српските велемајстори како репрезентативци на Србија ја освоија европската шампионска титула во 2023 г., а Inđić следната година стана европски шампион во поединечна конкуренција. За Алкалоид настапуваа и на екипните државни првенства во 2021 (Inđić), односно во 2023 (Ivić) година. Првпат за алкалоидовата екипа на ова најсилно европско клупско натпреварување ќе настапат Puranik и Лазов, објаснува капитенот на тимот, велемајсторот Влатко Богдановски.
Вака компонираниот тим на ШК Алкалоид првично имаше највисок рејтинг (2701) според септемвриската листа на ФИДЕ, но во октомври ситуацијата се промени, па сега турскиот клуб Бајеганпендик е во минимална предност со нешто повисок рејтинг (2711). Минатогодишните ривали кои беа први носители – SuperChess и актуелниoт шампион Novy Bor – заедно со другите добропознати и мошне силни клубови од Унгарија, Израел, Азербејџан и од Турција, ја заокружуваат листата на клубови со високи амбиции, но и со подеднакво талентирани шахисти во своите состави. Така, актуелниот светски првак Dommaraju Gukesh (2752) ќе биде дел од тимот на SuperChess, Anish Giri (2.759) ќе го предводи BayeganPendik, а, пак, Vincent Kreymer (2755), кој, исто така, е дел од топ 10 според рејтингот, ќе игра за Novy Bor.
– Архитектурата на нашиот состав е обмислена и соодветно селектирана, па ја имаме онаа хомогеност што ја посакуваме. Алкалоид не е клуб кој наддава на отворениот пазар, туку доаѓа до најдобрите благодарение на својот сериозен пристап и на посветеноста, кои се манифестираат со длабока аналитичност при изборот и водењето на тимот на ЕКК. Очекувам Puranik да се вклопи во тимот и да го даде својот максимум, со што би го постигнале посакуваното ниво. Како и секогаш, просечниот рејтинг не одлучува и од пракса знаеме дека конкурентите се во ситуација рамноправно да се борат за врвот. Ние секогаш одиме на медал и ретко се случува како минатата година да има две непоразени екипи на крајот од турнирот, но факт е дека и оваа година ќе одлучуваат многу фактори, како на пример моменталната инспирација, свежината… За Лазов е мошне важно неговото шаховско созревање, но и тоа да ја почувствува атмосферата на ова најсилно европско натпреварување. Очекуваме во иднина да ја освои и велемајсторската титула по минатогодишната титула државен првак и по освоениот медал на Олимпијадата на својата табла.
Во секој случај, се надеваме и посакуваме да ја оправдаме поддршката што ја добиваме и да ја продолжиме успешната низа со нов медал, додава ВМ Богдановски.
Ако погледнеме наназад и ако направиме анализа и споредба на успешноста во европски рамки, Алкалоид се вбројува меѓу 10-те најуспешни европски клубови во историјата на овие натпревари. Кога станува збор, пак, за најсилното државно екипно првенство, екипата е со фантастичен резултат од 13 последователни шампионски титули во последните 13 години, односно вкупно 27 шампионски титули од 33 првенства (од 1992 до 2025 година). Со одличните резултати во државни и во европски рамки, шаховскиот клуб се вбројува во неколкуте најуспешни спортски клубови во македонската историја.
Мечевите од првото коло на 40. издание од Европскиот клупски куп започнуваат на 19 октомври во 15 часот по локално грчко време. Темпото на игра предвидува 90 минути за првите 40 потези, со додавање уште 30 минути.
ПР
Спорт
Јанис кариерата сака да ја заврши во Грција

Најдбриот грчки кошаркар, НБА ѕвездата Јанис Адетокумбо, планира да игра уште најмалку шест години и веќе знае каде би сакал да ја заврши кариерата.
Поранешниот двократен МВП на НБА во дресот на Милвоки Бакс нагласи дека би сакал да се пензионира во својата земја, најавувајќи дека во пензија би заминал на 36, 37 или 38 години.
„Имам 30 години, можам да играм во НБА до 36 или 38 години. Би сакал да ја завршам кариерата во грчки тим, зошто да не? Не сакам да живеам во Соединетите Држави. Кога ќе завршам со НБА, ќе се вратам во Грција. Може да биде Филатлитикос, Олимпијакос, Панатинаикос или Арис. Џборувам за сите тимови“, рече Адетокумбо.
Адетокумбо, патем, го поминува секое лето токму во својата родна Грција.
Јанис ја започна својата кариера во 2011 година во Филатиликос, каде што играше две сезони, од каде што беше драфтуван од Милвоки Бакс како 15-ти пик во 2013 година.
Тој беше шампион на НБА и MВП на финалето во 2021 година, и двапати MВП на лигата (2019, 2020).
Спорт
Во Барса повторно му се налутија на селекторот Де Ла Фуенте

Фудбалерите на Шпанија ја декласираа селекцијата на Бугарија со 4:0, а во Барселона, по овој натпревар, повторно се лути на селекторот Луис Де Ла Фуенте.
Имено, иако имаше најава дека Педри ќе добие заслужен одмор, бидејќи играше на секој натпревар и за Барселона и за Шпанија од почетокот на сезоната, тој повторно беше меѓу стартерите.
Каталонските медиуми истакнуваат дека Де Ла Фуенте покажал дополнително непочитување кон Барселона со тоа што го задржа Педри во игра речиси 70 минути, иако Шпанците имаа убедливо водство од два гола.
Де Ла Фуенте по натпреварот изјави дека не сака да игра без Педри, бидејќи е уникатен играч во репрезентацијата.
„Можете да очекувате сè од него. Тој е неверојатен и уникатен фудбалер. Тој гледа некои дупки и празнини во играта што никој друг не ги гледа“, рече Де Ла Фуенте.
Каталонските медиуми потсетуваат дека „ФИФА вирусот“, жестокот ја погоди Барселона, бидејќи со повреди се вратија Дани Олмо и Роберт Левандовски. Овие двајца им се придружија на претходно повредените: Гави, Фермин Лопез, Рафиња и Џоан Гарсија.
За потсетување и по претходната репрезентативна пауза, во септември, Ханси Флик јавно го критикуваше Де Ла Фуенте кој го форсираше недоволно здравиот Ламин Јамал, кој потоа не играше речиси три недели.
Foto/ „X“