Спорт
„Меси игра кантри фудбал, Аргентина во 2026 со него ќе има човек помалку на теренот“

Лионел Меси многу фанови и фудбалски стручњаци го сметаат за еден од најдобрите фудбалери на сите времиња.
Сепак, има и такви кои размислуваат поинаку. Еден од нив е Хуго Орландо Гути, поранешен голман на Бока Јуниорс.
Гути смета дека поранешниот ас на Барселона и ПСЖ, кој сега игра за Интер Мајами, не игра фудбал на врвно ниво.
„Не го мразам Меси, но не ми се допаѓа како игра. Сите му се восхитуваа во Барселона, а тој играше за себе. Во моментов игра кантри фудбал во САД. „Ако игра на Светското првенство во 2026 година, Аргентина ќе има играч помалку“, изјави Гути.
Меси го освои Светското првенство во Катар во 2022 година со Аргентина, а има и две последователни титули на Копа Америка со националниот тим.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Атлетико ќе се обиде да го сопре залетаниот Реал во градското дерби

Мадридското дерби меѓу Атлетико Мадрид и Реал Мадрид ќе ја раздвижи шпанската престолнина денеска, кога двата гиганти ќе се сретнат на стадионот „Ер Метрополитано“. Натпреварот од седмото коло на Ла Лига започнува во 16:15 часот и се очекува да биде еден од најинтересните судири на почетокот од сезоната.
Тимот на Диего Симеоне ќе се обиде да го сопре залетаниот противник, кој досега покажува импресивна форма во првенството. Реал Мадрид доминира од самиот старт, заземајќи го првото место со максимални 18 бода од шест натпревари и импресивна гол-разлика од 14-3.
Од друга страна, Атлетико Мадрид се наоѓа на осмото место со девет бода, со две победи, три реми и еден пораз во првите шест кола.
Атлетико Мадрид демонстрира нестабилност, што веќе го оддели тимот од Реал Мадрид и Барселона. Избраниците на Диего Симеоне направија чекор во вистинска насока пред неколку дена со важна победа над Рајо Ваљекано (3-2), во меч во кој Хулиан Алварез блескаше со хет-трик. Претходно, тие ремизираа со Мајорка (1-1), а во Лигата на шампионите претрпеа драматичен пораз во финишот од Ливерпул со 2-3.
Реал Мадрид е во одлична форма со пет последовни победи во сите натпреварувања. „Кралевите“ го разбија Леванте како гости (1-4), претходно победија Еспањол (2-0), а во Лигата на шампионите го совладаа Марсеј (2-1).
Во Ла Лига, „кралскиот клуб“ забележа уште две победи, над Реал Сосиедад (2-1) и над Мајорка (2-1).
Спорт
Христов: Сакаме да продолжи позитивната серија на Македонија ЃП

Екипата на Македонија ЃП на последните четири меча во домашниот шампионат има три победи и еден пораз. Во текот на оваа серија совладани се Пелистер, Брера и Шкупи додека единствениот неуспех беше на гостувањето против Вардар.
Благодарение на победничката низа „лавовите“ полека но сигурно се искачуваат на табелата со девет освоени бода и во моментов се на шестата позиција.
Денеска Македонија ЃП ја очекува нов предизвик. Во Кавадарци од 15:00 часот се среќава со екипата на Тиквеш. Нема лесни противници, нема лесно освоени бодови на ниту еден терен. Македонија ЃП тоа почувствува на минатонеделното гостување кај Шкупи. На тој меч рано постигнатиот гол за водство ја олесни задачата.
„Планот е сличен и за денешниот дуел. Максимална концентрација, ангажираност од првата секунда. На време постигнат гол, контролирање на ситуацијата. Подготвени сме. Имаме добра атмосфера во тимот, победите си го прават своето. Максимален респект за противникот, Тиквеш е квалитетен тим. Неговата позиција на табелата не е реален показател на силата на овој тим. Како што на пример не беше ни нашата на стартот на шампионатот. Добрата работа, тренинзите, вложувањето на терен секогаш го даваат резултатот. Ако правиме се како што треба, бодовите нема да изостанат“ – вели искусниот Симеон Христов.
Спорт
Арсими посакува победа против последнопласираниот Шкупи

Во осмото коло од Првата македонска фудбалска лига, Арсими ќе го пречека составот на Шкупи. Натпреварот има големо значење за домашниот тим, Арсими сака да се врати на победничките патеки по незгодниот пораз од Брера во Струмица додека Шкупи е во серија на лоши резултати и бара излез од кризата.
Дуелот во Гостивар е одлична можност за домашната екипа да освои значајни бодови во трката за подобра позиција на табелата.
Еден од носителите на играта на Арсими, Башким Велија, е полн со оптимизам и решителност пред оваа средба.
„Нормално е што сме разочарани што не ја совладавме Брера, затоа што не реализиравме многу шанси. Но, фудбалот е таков ,мора да гледаме напред. Сега не очекува противник како Шкупи, знаеме дека тие се во криза, но ние ќе излеземе на терен само за победа. Сакаме да фатиме победнички ритам и да ги покажеме нашите вредности”, изјави Велија.
Фудбалерот на Арсими потенцираше дека атмосферата во екипата е позитивна и дека сите играчи се подготвени да дадат максимум.
„Имаме добра енергија во екипата и сите сме фокусирани на истата цел. Со поддршка од публиката верувам дека можеме да дојдеме до посакуваниот резултат”, додаде Велија.
Арсими сезонава покажа борбеност, но честопати резултатите не го отсликуваа вложениот труд. Затоа дуелот со Шкупи се гледа како вистинска прилика тимот да ја врати самодовербата и да им подари радост на навивачите. Средбата ќе се одигра на Градскиот стадион во Гостивар со почеток од 15:00 часот.