Спорт
Микел Хансен поради здравствени проблеми ја заврши сезоната

Микел Хансен, еден од најдобрите ракометари во светот, поради болест ја заврши сезоната. Данецот има воспалена вена во комбинација со белодробна емболија.
Неговиот клуб, ПСЖ, соопшти дека Хансен е тешко болен и дека поради тоа ја завршил сезоната. Клубот потенцира дека Хансен е надвор од животна опасност.
Хансен ќе паузира од четири до шест месеци.
На овој начин Хансен го заврши својот престој во ПСЖ, од наредната сезона тој ќе настапува во Олборг.
Микел Хансен е олимписки, светски и европски првак со Данска. Во кариерата три пати бил прогласуван за најдобра во светот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Мануел Ноер одбил нов договор со Баерн Минхен

Капитенот на Баерн Минхен, голманот Мануел Ноер, одбил да го продолжи договорот со германскиот шампион, кој истекува во јуни 2023 година. Како што наведува „Кикер“, Ноер не е задоволен од должината на понудениот нов договор.
На 36-годишниот голман му била понудена соработка за уште една година, до летото 2024 година, но искусниот голман сака да остане член на „Алианц арената“ и во наредните три години. Сепак, Баерн Минхен смета дека тоа е преголем временски период за да биде опфатен во сегашниот нов договор со голманот.
Мануел Ноер со Баерн Минхен освои дури 27 трофеи.
Спорт
Силекс и Македонија ЃП во битка за пехарот од Купот на Македонија

Силекс ќе се обиде да го одбрани пехарот, а Македонија ЃП по повеќе од една деценија да го врати во Ѓорче Петров. Вечерва (18 часот) на Националната арена во Скопје се игра 29. финале на фудбалскиот Куп на Македонија.
Победата е важна од спортски агол, но исто така и пласманот на европска сцена кој ќе обезбеди повеќе од половина буџет за следната сезона, 450.000 евра.
Македонија ЃП можеби ја има фаворитската улога со оглед дека е прволигаш и во последниот период имаше забележителни настапи.
„Подготвени сме за предизвикот и мислам дека сосема заслужено сме во финалето. Претходно ги елиминиравме Академија Пандев, Шкупи, Струга. Максимално го ресепектираме тимот на Силекс, кој е актуелен освојувач на Купот. Ги анализиравме, имаат одличен тим кој е предводен од одличниот Горазд Михајлов на клупата. Пехарот во Купот двапати го освоив како играч, се надевам на прв триумф и во улога на тренер“, вели Муарем Бајрами, тренерот на Македонија ЃП.
Силекс е бранител на трофејот и тим кој експресно се врати во елитата по одличната сезона во Втората лига Запад.
„Ние сме бранители на титулата и единствен второлигаш кој има можност да го брани трофејот. Имаме голем респект за Македонија ЃП, тим кој до последното коло беше во игра преку Првата лига да избори излез во Европа. Ќе дадеме се од себе и нека победи подобриот“, изјави Горазд Михајлов, тренерот на Силекс.
Финалниот натпревар се игра на Националната Арена „Тодор Проески“ вечерва со почеток од 18 часот.
Спорт
Филип Костиќ МВП на Лига Европа, четворица од Ајнтрахт во „дрим-тимот“

Ајнтрахт Франкфурт го освои пехарот во Лигата на Европа откако на пенали го совлада Глазгов Ренџерс во финалето во Севилја. Фудбалерот на германскиот клуб, српскиот интернационалец, Филип Костиќ, кој го водеше тимот оваа сезона со одлични игри, е избран за МВП на сезоната во ова натпреварување.
Покрај најкорисниот фудбалер, УЕФА го одбра и тимот на сезоната.
Во него се најдоа четири фудбалери на Ајнтрахт, тројца од Глазгов Ренџерс и по двајца од Лајпциг и од Вест Хем.
Кевин Трап е на голот, во одбраната се Бази (Ренџерс), Хинтерегер (Ајнтрахт Франкфурт), Доусон (Вест Хем), Костиќ (Ајнтрахт Франкфурт), Рајс (Вест Хем), Лајмер (Лајпциг), Таверние (Ренџерс), Кент (Ренџерс), Боре (Ајнтрахт Франкфурт) и Нкунку (Лајпциг).