Спорт
Милевски: Тестот со Саудиска Арабија е одлична можност за проверка на силите
Македонската фудбалска репрезентација денеска (16.30 часот) ќе игра пријателски натпревар против Саудиска Арабија во Абу Даби.
Селекторот Благоја Милевски вели дека ваков тип на натпревари се добра можност фудбалерите да потврдат дека индивидуалните квалитети можат да ги пренесат во функција на тактичките замисли за натпреварот.
„Нашата цел за овој натпревар е на терен, против силен противник, да го видиме квалитетот и потенцијалот на фудбалерите. Се разбира дека ќе бидеме задоволни доколку можеме да сметаме на нив и во иднина. Тоа е всушност, основната намера на стручниот штаб. Доколку фудбалерите потврдат дека индивидуалните квалитети можат да ги пренесат во функција на тактичките замисли за натпреварот, тогаш ќе знаеме дека сме на добар пат, вели Милевски.
Натпреварот е од затворен тип, со можност за настап на сите повикани фудбалери. Нашиот селектор вели дека веројатно шанса ќе добијат сите повикани.
„Ја анализиравме селекцијата на Саудиска Арабија, иако со оглед на тоа дека мечот е од затворен тип, или тренинг натпревар, ќе има многу промени и шанса ќе добијат веројатно сите фудбалери. Акцентот го ставаме на нашата игра и можноста да ги исполниме тактичките замисли. Работевме добро на подготовките и денеска треба сите да се увериме дека можеме да ја постигнеме целта. Против репрезентација која е учесник на Светското првенство мораме да бидеме и компактни и агресивни, но и трпеливо да ја бараме својата шанса“, изјави Милевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Јувентус постигнал договор со новиот голман, Монца бара оштета од 20.000.000 евра
Реконструкција му престои на Јувентус во летниот преоден рок. Извесно е дека тренерот Макс Алегри ќе о напушти клубот, клупските челници се во потрага по засилувања во сите линии. Италијанските медиуми тврдат дека од наредната сезона Јувентус ќе има нов голман.
Спортскиот сектор на Јувентус ги завршил преговорите со голманот на Монца, Микеле Ди Грегорио. Наводно, Ди Грегорио и Јувентус договориле петгодишна соработка, за годишна плата од 2.000.000 евра.
Сега Јувентус треба да се договори со Монца. Првиот човек на клубот, Адријано Галијани за голманот бара оштета од 20.000.000 евра.
За да го намали обештетувањето, Јувентус ќе го понуди вториот голман Матија Перин, или пак некој друг фудбалер.
Ди Грегорио е „дете“ на Интер, но никогаш не доби шанса во клубот. Интер го испраќаше на позајмици во разни пониски лиги и на крај тој заврши во Монца кога тимот играше во Серија Б го купи за 4.400.000 евра. Интер ќе добие 10 отсто од следниот трансфер на Ди Грегорио.
Спорт
Гасе нема да остане на клупата на Марсеј
Фудбалскиот клуб Олимпик Марсеј нема намера да го задржи актуелниот тренер Жан-Луј Гасе следната сезона.
Гасе беше донесен за да ја спаси сезоната, откако клубот го отпушти Џенаро Гатузо. Тоа му успеа до одреден степен, но како што стојат работите во клубот не се сигурни дека ќе го задржат следната сезона.
Како што пренесува „Лекип“, претседателот на Марсеј, Пабло Лонгорија тргнал по Паоло Фонсека, кој е прва желба на клубот.
Договорот на Фонсека со Лил истекува на крајот од сезоната, а клубот има намера да му понуди нов.
Марсеј веќе се обиде да го доведе во своите редови минатата сезона, но во последен момент трансферот го спречи претседателот на Лил, Оливие Летанг.
Спорт
Барселона се распрашува за Лирој Сане
Поради тешката финансиска состојба, Барселона летово ќе биде принудена да продава играчи, особено ако сака да донесе звучни имиња од други клубови.
Шпанските медиуми објавија дека Барселона веќе стапила во контакт со Баерн во врска со Лирој Сане.
28-годишен крилен напаѓач е под договор со Баерн и за следната сезона, а „Трансфермаркт“ неговата вредност ја проценува на 70 милиони евра. Шпанските медиуми пишуваат и дека Барселона би можела да испрати еден од своите играчи во Баерн и со тоа да ја намали цената на германскиот репрезентативец.
Сане пристигна во Баерн во 2020 година од Манчестер Сити.