Спорт
Милевски задоволен од првите подготовки за мечевите со Украина и Англија

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација вели дека е задоволен од прелиминарните подготовки за двата меча од квалификациите за ЕУРО 2024 против Украина (на 16 јуни во Скопје) и Англија (на 19 јуни во Манчестер), и покрај тоа што тренинзите беа направени во нецелосен состав.
Дени Илиев, Езѓан Алиоски, Јован Манев, Енис Барди, Аријан Адеми и Илија Несторовски поради обврски во клубовите не беа во можност да се стават на располагање за подготовките од 2 до 8 јуни на тренинг центарот „Петар Милошевски“, додека Елиф Елмас денеска одработи тренинг со своите репрезентативни колеги.
„Повеќето од фудбалерите се собраа, очекуваме и останатите да ни се придружат во следните три дена, на 12. јуни треба да бидеме комплетни на тренинг откако ќе пристигнат Алиоски, Адеми и Илиев. Исклучително сум задоволен од оваа фаза на подготовки. Фудалерите, иако уморни од сезоната во клубовите, покажаа ангажираност, професионален пристап и голем ентузијазам.
Се обидовме да постигнеме одреден баланс со однос на физичката исцрпеност и енергијата која ќе ни треба за следната фаза подготовки и натпреварите кои не очекуваат. Акцентот сега го ставивме на физичката подготвеност, а веќе од 10. јуни се насочуваме на техничко-тактичка анализа и тоа ќе биде фокусот на тренинзите.
Украинците ќе ги предводи нов селектор, кој ќе го промени системот на игра, но ние веќе навикнавме на промени кои во најмала рака ни ја отежнуваат работата во однос на подготовка на натпреварите. Таков беше случајот и пред мечот со Малта.
Но, за нас е најважно да бидеме силни на тренинзите кои ни следуваат и целосно да се вложиме и тактички и физички. Иако е крај од сезоната, сигурен сум дека фудбалерите имаат мотив и енергија за уште два силни натпревари“, вели Милевски.
Фото: ФФМ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
(ВИДЕО) Серхио Рамос си даде автогол, Барса ја победи Севилја

Барселона оствари минимален успех над Севилја славејќи со 1-0. По ова каталонскиот тим се наоѓа на врвот на табелата со бод предност пред Џирона.
Барселона долго се обидуваше да го скрши отпорот на Андалузијците, а во 76.минута автогол си постигна Серхио Рамос. Тој сакаше да блокира, а топката заврши во мрежата на Севилја.
Спорт
(ВИДЕО) Борусија Дортмунд го победи Хофенхајм

Борусија Дортмунд оствари триумф на гости против Хофенхајм со 1:3 и се искачи на првата позиција на табелата во Бундеслигата.
Никлас Фулкруг во 18.минута донесе предност за „милионерите“, но израмни Андреј Крамариќ од пенал само седум минути подоцна.
Сепак, Борусија Дортмунд замина на одмор со водство од 1:2 откако во 45.минута погоди Марко Ројс.
Во финишот од мечот, во судиското продолжение, Џулијан Риерсон го постави конечниот епилог на овој меч.
Спорт
Лисандро Мартинез ја обнови повредата, го чека долга пауза

Аргентинскиот фудбалер Лисандро Мартинез долго време ќе отсуствува од фудбалските терени.
Веста ја потврди неговиот клуб Манчестер јунајтед на официјалниот сајт.
„Лисандро Мартинез ќе паузира подолг период поради влошување на повредата на стапалото која го мачи од април, а која ја обнови на неодамнешниот натпревар против Арсенал. Сега му треба одреден период на рехабилитација и ќе отсуствува подолг период“.
И покрај повредата на мечот со Арсенал, Аргентинецот сепак ги одигра натпреварите против Баерн и Брајтон, а според англиските медиуми сега го очекува пауза од најмалку два месеци.
Јунајтед ќе биде и без бекот Серхио Регилон за саботниот натпревар против Кристал Палас на „Олд Трафорд“.
Сепак, кај него не се работи за сериозна повреда и наскоро ќе му биде на располагање на Ерик тен Хаг.