Спорт
„Милионерите“ загубија 45 милиони евра поради коронавирусот

Пандемијата на коронавирусот во светски рамки остави траги насекаде, а исклучок не се ниту фудбалските клубови.
Според службените податоци, Борусија Дортмунд останала без 45 милиони евра. Вонредната состојба довела до прекин на сите приходи и расходи во клубот, а најголемиот губиток е поради тоа што „милионерите“ своите мечеви ги играа на празниот „Сигнал идуна парк“. „Жолто-црните“ од Дортмунд имаат најголема гледаност во Бундеслигата.
Стадионот два месеци зјаеше празен, а ништо подобро не беше ниту кога Бундеслигата продолжи, затоа што се играше без публика.
Стручњаците предвидуваат дека летниот преоден рок може да донесе некои приходи и делумно да ги надокнади загубите.
Тука пред се се мисли на евентуалната продажба на Џејдон Санчо за кого „милионерите“ бараат над 100 милиони евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Ју-ес опен го обезбеди најголемиот награден фонд во историјата на тенисот

Наградниот фонд за учесниците на претстојниот Гренд слем во Њујорк ќе биде најголем во историјата, објавија организаторите.
Колективно, учесниците ќе поделат сума од 90 милиони долари, од кои пет милиони ќе им припаднат на победниците во машка и женска конкуренција. Патем, само победниците на турнирот „Шест кралеви слем“ во Ријад добиваат повеќе пари, но вкупните пари обезбедени од Саудијците за тој турнир (за шест играчи) се многу помали од она што ќе се подели на Ју-ес опен.
Наградата што ќе ја освојат шампионите во обете натпреварувања е повисока за дури 39 отсто во споредба со онаа што беше актуелна на претходното издание на турнирот (изнесуваше 3,6 милиони долари).
Вкупниот фонд е поголем за 20 отсто, односно за 15 милиони долари, во споредба со парите што ги поделија учесниците во 2024 година.
На пример, наградниот фонд на претходниот Вимблдон беше 62,3 милиони долари, додека шампионите во сингл добија по 3,44 милиони долари.
Богати награди ги очекуваат играчите кои ќе влезат во главниот ждреб на Њујорк – во случај на елиминација во првото коло, тие ќе бидат побогати за 110.000 долари, што е зголемување од 10 отсто.
Овој потег на организаторите на Отвореното првенство на САД е делумно резултат на писмото што 20-те најдобри тенисери во обете натпреварувања го испратија до адресите на сите четири Гренд слем турнири во кое побараа поголем награден фонд за играчите од заработката на АТП.
Организаторите на турнирот објавија дека „за прв пат“ победниците во двојки, или женски или машки, или во микс, ќе заработат еден милион долари.
Исто така, Отвореното првенство на САД обезбеди пет милиони долари само за патни трошоци за сите играчи во главниот ждреб, а фондот за квалификантите беше зголемен за 10 отсто и сега изнесува осум милиони долари.
Отвореното првенство на САД се игра од 24 август до 7 септември.
Спорт
Две легенди пристигнаа во МЛС: Сон во Лос Анџелес, Милер во Ванкувер

Во ист ден, ФК Лос Анџелес го претстави јужнокорејскиот ас Сон Хјунг-мин, додека легендарниот германски фудбалер Томас Милер позираше со дресот на Ванкувер Вајткепс.
Фудбалскиот клуб од Лос Анџелес го објави трансферот на екс-капитенот на Тотенхем, Сон Хјунг-мин. Договорот со 33-годишниот Кореец важи до 2027 година. Исто така, предвидува можност за продолжување за една или две сезони.
Црно-златните официјално го претставија Сон на стадионот „БМО“, само еден ден откако слета во Соединетите Држави. ЛАФЦ за него плати 26,5 милиони долари, што е апсолутен рекорд за трансфер во МЛС.
На почетокот на август, Сон Хјунг-мин го објави своето заминување од Лондон. Тој играше за Тотенхем десет години. Почнувајќи од 2015 година, одигра вкупно 454 натпревари постигна 173 гола со 101 асистенција.
Круната на својата кариера, а воедно и најубавото збогување со Тотенхем, го доживеа на 21 мај кога го крена трофејот од Лигата на Европа со капитенската лента околу раката по победата од 1:0 над Манчестер јунајтед во финалето во Билбао.
Истиот ден, само во Канада, уште една легенда на светскиот фудбал, Томас Милер, се пресели во МЛС и официјално стана фудбалер на Ванкувер Вајткепс.
Договорот со 35-годишниот Германец беше потпишан до крајот на сезоната 2025 година со можност за продолжување за една година.
Томас Милер го напушти Баерн Минхен по 25 години, вкупно, одигра 756 натпревари, постигна 250 голови и имаше 276 асистенции.
Играјќи за Баерн, тој стана еден од најтрофејните играчи во историјата на фудбалот. Освои вкупно 33 трофеи.
Фото/ Принскрин
Спорт
(Видео) Жестока тепачка на натпреварот Комо – Бетис

Бетис и Комо вчера одиграа контролен натпревар во Кадиз, а според сцените од тепачката што се случи на теренот и споделени на социјалните мрежи, натпреварот беше се, само не беше пријателски. Голем број играчи од двата тима учествуваа во големата тепачка.
По завршувањето на првото полувреме, во кое Комо водеше со 2:0 благодарение на головите на Асане Диао и Лукас де Куња, се случи тепачка откако Пабло Форналс и Масимо Пероне разменија удари.
Во моментите на тепачката, видеото покажаува дека напаѓачот на Бетис, Кучо Ернандез, влета во толпата со намера да удри еден од играчите на италијанскиот тим, но наместо тоа успеа да го удри соиграчот Натан.
Форналс, и покрај тоа што прв удри, избегна исклучување, додека Пероне доби црвен картон на стадионот „Естадио Мунисипал де Ла Линеа де ла Консепсион“. Сепак, Бетис остана со еден играч помалку бидејќи Хектор Белерин беше исклучен.
Натпреварот заврши со победа на Комо (3:2).
Real Betis v Como in a friendly tonight 🤛 pic.twitter.com/PxH2jhZSPu
— 𝐂𝐚𝐬𝐮𝐚𝐥 𝐔𝐥𝐭𝐫𝐚 𝐎𝐟𝐟𝐢𝐜𝐢𝐚𝐥 (@thecasualultra) August 6, 2025