Спорт
Мојсовски: МОК и Димевски изнесоа многу невистини
Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, се огласи по повод барањето за негова оставка од МОК и информациите изнесени од страна на членови на Државната комисија за спречување на корупција за злоупотреби со ваучер системот.
„Агенцијата за млади и спорт сака да ја информира јавноста дека информациите изнесени од страна на членови на Државната комисија за спречување на корупцијата поврзани со даночното ослободување на спортските субјекти, преку т.н. “ваучерски систем”, се тенденциозни и целосно неточни.
Сакаме да потенцираме дека и на јавната седница на ДКСК, но и преку тенденциозни соопштенија на одредени спортски институции инспирирани единствено од лукративни цели, се изнесоа еден куп невистини и погрешно утврдени факти за примената на Законот за спортот и подзаконските акти кои се однесуваат во делот на даночните олеснувања, а се во функција на финансиска поддршка на македонскиот спортски систем.
Тука пред се укажуваме на јавното обраќање, исполнето со грст невистини од страна на претседателот на МОК г-дин Даниел Димевски, кој “случајно” коинцидира со денот на одржување на седницата на ДКСК. Имено господинoт Димевски јавно побара разрешување во АМС и итно замрзнување на постапката за доделување на спортски ваучери. Притоа ова е побарано од човекот кој е идејниот творец и креатор на системот на спортски ваучери, човекот кој во 2020 година кумулира две функции Претседател на централната комисија за доделување на спортски ваучери, член на управниот одбор на МОК а подоцна и негов претседател, и во исто време човек кој истата таа 2020 година побарува износ од 15 милиони денари за МОК иако требало како претседател да биде свесен дека таа институција во тој момент не ги исполнува законските услови за регулирана спортска дејност.
Основната идеја за донесувањето на мерките за даночни олеснувања во форма на ваучери за спортските субјекти уредени првично со измените во Законот за спортот од 2019 година, имаше за цел да се зголеми државната поддршка на македонскиот спортски систем и да се стимулира приватниот сектор повеќе да инвестира во спортот. Идејата е поддршка на националните спортски федерации, спортските клубови и индивидуалните спортисти, да биде поставена на цврсти темели кои ќе гарантираат објективност и транспарентност во постапките.
За таа цел, се донесоа неколку измени во Законот за спортот во 2019 година (Службен весник бр.98/19 и 244/19) и се донесе Правилникот во кој се наведени поблиските критериуми за користење на средства од даночно ослободување, начинот на бодување и рангирање како и формата и содржината на Барањата за даночно ослободување.
Членовите на Централната комисија се на предлог на Владата, но тие не се оние кои ги “доделуваат” ваучерите за даночно ослободување, како што е посочено од страна на ДКСК, туку се административна комисија која врши само административно – техничка обработка и евалуација на пристигнатите апликации и предлог – листата ја доставува до Советот за спорт (кое е стручно – советодавно тело, согласно член 25 од Законот за спортот). Советот за спорт во рок од 5 дена од приемот на предлог-листата на спортски субјекти кои ги исполнуваат критериумите за користење на средства од даночното ослободување, на седница ја утврдува и усвојува предлог ранг – листата. Вака усвоената листа на субјекти Агенцијата за млади и спорт ја објавува на својата веб – страница.
Очекуваме дека надлежните институции во најкраток можен рок ќе се произнесат за обвинувањата на ДКСК со цел јавноста да има целосен увид во работата на Агенцијата за млади и спорт.
Истовремено најавуваме дека Агенцијата за млади и спорт е целосно отворена за соработка со сите надлежни институции и воедно заедно со директорот Мојсовски ќе ги преземеме сите правни процеси со цел да се заштити угледот на институцијата“, се вели во соопштението на Агенцијата за млади и спорт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Чешка го слави 19-годишниот Методеј Јилек
Со спектакуларно лизгање, Методеј Јилек и го донесе вториот златен медал за Чешка на Зимските олимписки игри во Милано.
Во трката на 10.000 метри во брзо лизгање, тој ја запре штоперицата на 12:33,42 и го постигна најубедливиот триумф во досегашниот тек од натпреварите во оваа дисциплина.
За чешкиот тинејџер, кој има само 19 години, ова е втор медал во Милано. Тој веќе го освои среброто на 5.000 метри.
Во сенка на сензационалниот Чех остана Полјакот Владимир Семируниј, кој стигна до среброто со заостанување од 5,65 секунди, додека бронзата му припадна на ветеранот, 40-годишниот Холанѓанец, Јорит Бергсм.
Foto/ EPA
Спорт
Игор Тудор ќе го води Тотенхем
Хрватскиот тренер Игор Тудор се согласи да ја преземе клупата на Тотенхем како привремено решение до крајот на сезоната. Тудор доаѓа откако Томас Франк беше отпуштен претходно оваа недела по лошата серија резултати што го остави клубот на 16-то место во Премиер лигата, само пет бода над зоната за испаѓање.
Извори велат дека одборот на Спарс сакал да назначи привремен менаџер пред играчите да се вратат на тренинзите во понеделник.
Последниот ангажман на Тудор беше во Јувентус, каде што помина седум месеци. Тој го презеде тимот во март минатата година како привремен тренер и забележа само еден пораз во девет натпревари до крајот на сезоната, обезбедувајќи му мест на клубот во Лигата на шампионите. Тој успех му донесе долгорочен договор.
Откако беше елиминиран во осминафиналето на Светското клупско првенство од Реал Мадрид, Јувентус ја отвори сезоната во Серија А со три победи, но следеше серија од осум натпревари без победа во сите натпреварувања. Тој беше отпуштен во октомври 2025 година по поразот од Лацио, оставајќи го клубот на осмото место на табелата.
Сепак, ситуацијата за следната сезона сè уште не е целосно дефинирана. Италијанскиот новинар Фабрцио Романо наведува дека Роберто Де Зерби и Маурисио Покетино се главните кандидати за трајно решение на клупата на Тотенхем по завршувањето на актуелната сезона.
Тудор го презема тимот во деликатен момент, со задача да го стабилизира тимот и да го извлече максимумот од сезоната, додека раководството ќе донесе конечна одлука за долгорочниот проект на лето.
Foto/ depositphotos
Спорт
Брентфорд го продолжи договорот со Игор Тијаго
Бразилскиот фудбалер Игор Тиаго го продолжи договорот со Брентфорд, објави англискиот клуб.
Со новиот договор, Тиаго би можел да остане во редовите на Премиер лигата до летото 2031 година, со можност за продолжување на соработката за уште една сезона.
Веста за продолжувањето доаѓа откако Премиер лигата го прогласи за најдобар играч во јануари. Тиаго постигна пет гола на пет натпревари во јануари, со што ја освои наградата за најдобар играч на месецот во Премиер лигата по втор пат оваа сезона.
Во тој период, Брентфорд забележа две победи, едно реми и два порази, и моментално е на седмото место на табелата во Премиер лигата со 40 бода.
Тиаго (24) пристигна во Брентфорд во 2024 година од Клуб Бриж, а пред тоа играше за Лудогорец и Крузеиро.
Бразилскиот фудбалер одигра 26 натпревари за англискиот клуб во сите натпреварувања оваа сезона и постигна 18 голови.
Foto/ depositphotos

