Спорт
„Можев да бидам како Меси и Роналдо“
Поранешниот холандски фудбалски репрезентативец Весли Снајдер смета дека можел да има играчка кариера како Лионел Меси и Кристијано Роналдо.
Снајдер (38) со Интер во 2010 година ги освои Лигата на шампионите, Серија А и Купот на Италија, но таа година „Златната топка“ за најдобар фудбалер на светот му припадна на Меси, додека Холанѓанецот беше четврти.
„Можев да бидам како Роналдо и Меси, но… Уживав во животот, понекогаш пиев чаша вино после вечерата. Лео и Кристијано се различни, жртвуваа многу. И тоа е во ред, но мојата кариера е сепак неверојатна“, изјави Снајдер.
Тој кариерата ја започна во Ајакс, а потоа играше за Реал, Интер, Галатасарај, Ница и Ал-Гарафа.
За холандската репрезентација постигна 31 гол на 134 натпревари, а со репрезентацијата го освои второто место на Светското првенство во Јужна Африка 2010 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Најголем успех во кариерата, Бадоса се пласира во полуфиналето на АО
Шпанската тенисерка Пола Бадоса се пласираше во своето прво Грен слем полуфинале во кариерата. Девојката родена во Њујорк ја елиминира третата носителка, Американката Коко Гоф со 7:5, 6:4.
Бадоса (12. на ВТА листата), од самиот старт ја притисна својата ривалка, која се соочи со две брејк шанси во третиот гем, но успеа да се извлече од таа ситуација. Она што не и успеа во третиот, Бадоса го направи во 11. гем, направи брејк, а потоа и го освои сетот.
Вториот сет започна со сервис на Гоф и маратонски гем од 14 минути, кој го освои Бадоса. Американката успеа да го врати брејкот, изедначи на 2:2, но потоа следуваше нова серија на Бадоса. Со два брејка, Шпанката дојде до 5:2, Гоф врати еден брејк, но не успеа да го врати и вториот.
Бадоса се разбуди навреме, одично сервираше во 10.гем и по еден час и 43 минути ја прослави победата.
Нејзина ривалка во полуфиналето ќе биде победничката од мечот меѓу Арина Сабаленка и Анастасија Пављученкова.
Спорт
Пол се самоуништи, Зверев се пласира во полуфиналето на АО
Германскиот тенисер Александар Зверев се пласираше во полуфиналето на Австралија опен. Светскиот број два за три часа и 32 минути го победи Томи Пол со 3:1 (7:6 (1), 7:6 (0), 2:6, 6:1).
Зверев го повтори својот најдобра резултат во Мелбурн, меѓу најдобрите четири се пласира минатата година и во 2020.
Зверев, буквално му ја украде победата на Американецот Пол, кој во првите три сета беше подобриот играч на теренот, но немаше концентрација да ги реши првите два сета во своја полза.
Зверев, поведе со 2:0 во сетови откако и во првиот и во вториот сет успеа да се врати од брејк минус.
Во првиот Пол сервираше за 1:0, но тогаш му се „стегна“ раката, а потоа во тај-брејкот освои само еден поен.
Во вториот Американецот водеше со 5:2, Зверев успеа да избори тај-брејк во кој на противникот не му дозволи да освои ниту еден поен.
Третиот и четвртиот сет беа едносмерни улици, третиот во корист на Пол, а четвртиот во корист на Зверев.
противник на Зверев во полуфиналето ќе му биде победникот од дуелот меѓу Новак Ѓоковиќ и Карлос Алкараз.
Спорт
Њу Орлеанс од -25 до победа, Бостон со 40 поени разлика ги победи Вориорс
Неверојатниот пресврт на Њу Ореанс Пеликанс и резилот на Голден стејт Вориорс ги обележаа натпреварите во НБА лигата одиграни на денот на Мартин Лутер Кинг.
Њу Орлеанс во продолжението ја победија Јута со 123:119, откако во регуларниот тек надоместија негатива од 25 поени.
Блескаше Си Џеј Мекалум, кој постигна 45 поени, заедно со осум скока и четири асистенции.
Го следеше Дежонте Мареј со 26 поени, 11 асистенции и девет скока, додека Треј Марфи додаде 24 поени и седум скока.
На другата страна се истакна Кијонте Џорџ со 23 поени и седум асистенции, Ајзеа Колиер постигна 20 со 11 асистенции, а Вокер Кеслер и Свјатослав Михалук постигнаа по 19 поени.
Бостон Селтикс во Сан Франциско го декласираа Голден стејт со 125:85. Селтикс, пред три години беа поразени од Вориорс во големото финале, оттогаш имаа посебен мотив кога играат против Вориорс.
Во Сан Франциско го размонтираа домаќинот, разликата во еден момент изнесуваше 45 поени.
Најефикасен на овој меч беше Џејсон Тејтум со 22 поени, девет скока и седум асистенции.
Кристапс Порзингис постигна 18 поени и имаше седум скока. Џејлен Браун додаде 17 поени, а Пејтон Причард 14 поени, заедно со девет асистенции.
На другата страна донекаде се истакна Стеф Кари со 18 поени, а двоцифрен беше и Мозес Муди со 13 поени, шест скока и пет асистенции.
Резултати:
Шарлот – Далас 110:105
/Бриџис 23 – Ирвинг 33/
Хјустон – Детроит 96:107
/Ван Вилт 20 – Канингем 32/
Мемфис – Минесота 108:96
/Џексон 24 – Едвардс 32/
Њујорк – Атланта 119:110
/Брансон 34 – Јанг 27/
Кливленд – Феникс 118:92
/Мичел 33 – Дурент 23/