Спорт
Мурињо: Исходот на првенството беше одреден уште пред почетокот
Фенербахче загуби со 1:0 од Бешикташ во 32. коло од турското првенство, со што заостанува осум бода зад лидерот Галатасарај на четири натпревари до крајот на сезоната.
Тренерот на Фенербахче, Жозе Мурињо е свесен дека Галатасарај и оваа сезона ќе ја освои шампионската титула.
„Нема да зборувам за нив (Галатасарај). Можам да зборувам за лигата. Ниту еден збор не се променил од она што го кажував во текот на целата сезона. Еден од проблемите што ги има Фенер е како да се справи со оваа многу силна структура. Многу е тешко да се справи со тоа. Тоа е многу поголемо од квалитетот и желбата. Играчите исто така го чувствуваат тоа. Тие знаат дека е невозможно да се постигне она што го сакаат“, почна тој и продолжи.
„Моите играчи дадоа сè од себе на теренот. Имаше и разочарувања во текот на натпреварот. Моите играчи се недопирливи затоа што дадоа сè од себе, а не поради квалитетот што го покажаа денес на теренот. Натпреварот што го одигравме денес не беше одлучувачки. Ќе ја завршиме лигата на второто место.“
„Мислам дека исходот на првенството беше одреден пред почетокот. Секако, математички, бодовите што ги загубивме на последните домашни натпревари беа одлучувачки во однос на конечниот пласман. Но, како што реков, епилогот на првенството беше познат пред да започне“, заклучи тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Хет-трик на Гидсел, повторно е најдобар во светот
Репрезентативецот на Данска, Матијас Гидсел е прогласен за најдобар ракометар во светот во 2025 година во традиционалниот избор на Меѓународната ракометна федерација (IHF).
Матијас Гидсел беше избран за најдобар ракометар на годината, трет пат по ред. Тој е третиот ракометар во историјата кој е прогласен за играч на годината три пати по Никола Карабатиќ и Микел Хансен.
Во 2025 година, Гидсел ја освои титулата светски шампион со данската репрезентација, а беше прогласен и за најкорисен играч (MVP) на планетарното првенство. Тој беше и најдобар стрелец и асистент на Светското првенство.
IHF ја избра Норвежанката Хени Рејстад за најдобра ракометарка во светот во 2025 година. И таа беше прогласена за играч на годината трет пат по ред.
Таа освои злато на Светското првенство минатата година со норвешката репрезентација. Рејстад беше најдобар стрелец, а беше прогласена и за најкорисен играч (MVP) на планетарното првенство.
Португалецот Франциско Коста беше избран за најдобар млад ракометар во 2025 година, додека најдобра млада ракометарка е Фиола Лојхтер од Германија.
Во гласањето учествуваа навивачи, селекторите на националните тимови кои учествуваа на Светското првенство во 2025 година, како и членови на Комисијата за тренинг и методи на IHF.
Фото/ ЕПА
Спорт
Упамекано го продолжи договорот со Баерн
Дајо Упамекано го продолжи договорот со Баерн Минхен до 30 јуни 2030 година, објави германскиот клуб.
Упамекано (27) пристигна во Минхен во сезоната 2021/22 од Лајпциг, а со Баерн досега освои три титули во Бундеслигата и три германски Суперкупа. Во дресот на баварскиот клуб одигра 180 натпреварувачки натпревари, постигна шест гола и запиша девет асистенции.
Генералниот менаџер на Баерн, Јан-Кристијан Дрезден, истакна дека Упамекано израснал во врвен играч во Минхен, додека членот на спортската администрација Макс Еберл нагласи дека францускиот стопер е еден од главните столбови на тимот и пример за развој на играчите во клубот.
Самиот фудбалер рече дека е среќен поради продолжувањето на соработката и дека има големи цели со тимот, со желба да освои повеќе трофеи.
Упамекано одигра 35 настапи и постигна два гола за француската репрезентација, ја освои Лигата на нации во 2021 година и беше дел од тимот што го играше финалето на Светското првенство во 2022 година против Аргентина.
Foto/ depositphotos
Спорт
Јада 83-ти, Клабо го освои осмото олимписко злато во кариерата
Македонскиот репрезентаивец, Ставре Јада, го заврши своето учество на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина во петокот. Јада го освои освои 83-то место во трката крос-кантри на 10 километри.
Во трката учествуваа 113 натпреварувачи, Јада ја помина целта како 83-ти, со време од 25:286,9, за 4:52,7 зад олимпискиот шампион. Ставре Јада претходно го освои 88-мо место во трката со спринт.
Златниот медал го освои кралот на овие Игри, Јоханес Хесфолт Клабо. Норвежанецот ја заврши трката за 20:36,02. Ова е негово трето злато на Игрите во Милано и Кортина, а негов осми златен медал – десетти вкупно, бидејќи Клабо има едно сребро и една бронза.
На Клабо му недостига само уште едно злато за да стане најуспешниот олимпиец во крос-кантри. Осум златни медали, и вкупно 12 олимписки медали во кариерата, освои Бјорн Дели.
Сребрениот медал му припадна на Матјас Делож, кој беше фантастичен, францускиот ас ја заврши трката 4,9 секунди зад Клабо. За дваесет и тригодишниот Французин, ова е прв олимписки медал.
Бронзата оди во Норвешка, кај Ејнар Хедегерт, кој имаше задоцнување од 14 секунди. И за него ова е првиот олимписки медал во неговата кариера.
Foto/ EPA

