Спорт
МЗТ Скопје со соопштение: Нека победи кошарката во Подгорица
МЗТ Скопје Аеродром го заврши својот дел од работата околу настојувањето да остане дел од елитата во АБА, но зависи од денешниот меч меѓу Будуќност и Борац Чачак во Подгорица. Домаќинот е фаворит според квалитетот, а раководството на МЗТ се надева дека нема да има „матни игри“ надвор од теренот.
Клубот преку соопштение побара фер-плеј во последното коло од натпреварувањето.
„Управата, кошаркарите и стручниот штаб на МЗТ Скопје Аеродром им изразуваат огромна благодарност на сите кои синоќа одвоија два ипол часа на големиот христијански празник Велики петок и дојдоа да ни дадат поддршка на патот кон неопходната победа над Цибона. Вам, ви се поклонуваме до земја. Но, благодарни сме и на сите што сакаа, а не можеа да дојдат во „Јане Сандански“ и кои испраќаа позитивни мисли и навиваа за нас од далечина.
Прекрасно беше вчера да се биде дел од спортскиот спектакл каков што одамна не е виден на кошаркарски меч во Македонија. За феноменалната атмосфера на големо се пишува и зборува на просторот од Триглав до Гевгелија. Пет илјади присутни во арената дишеа како еден и не ги штедеа гласните жици за да им помогнат на своите миленици. Нашите навивачи уште еднаш покажаа дека знаат да направат фешта, со уникатни кореографии кои веднаш беа одбележани и од самата АБА-лига. Тие докажаа дека МЗТ Скопје Аеродром, без разлика на сите други параметри, е во самиот врв на јадранската елита по бројноста и фанатичноста на своите фанови, веднаш зад Партизан и Црвена Звезда.
Синоќешната битка ја добивме, но дали ќе излеземе победници од регионалната „војна“ ќе дознаеме денеска. Свесни сме дека и самите грешевме сезонава, имавме пропусти и лошо одиграни средби, но факт е и дека на многу пресметки немавме спортска среќа. Колку ли само наши мечеви беа решени на една топка, на колку ли натпревари речиси ја имавме победата в раце пред таа да ни излизга од нив. Барем еден од тие да завршеше во наша корист, сега веќе ќе славевме опстанок.
Вака, нашата судбина е во рацете на Будуќност. Нашето срце е спортско и во него нема простор за никаков сомнеж. Уверени сме дека кошаркарите од Подгорица ќе дадат сѐ од себе за да победат на вечерашната пресметка, со цел да покажат дека ферплејот е вграден во нивните гени, како што чистиот образ и честа се и тоа како врежани во ДНК-то на секој Црногорец. На МЗТ Скопје Аеродром му е неопходна АБА, но истовремено и на АБА и е потребен клуб како МЗТ Скопје Аеродром – организиран, стабилен, со прекрасна арена и услови за кои повеќе од половина учесници може само да сонуваат. Исто како што ѝ треба и Македонија како држава.
Затоа, вечерва нека победи кошарката во Подгорица! Нека победи подобриот на паркетот, а не надвор од него“, се вели во соопштението на македонскиот кошаркарски првак.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Брансон ја испрати Филаделфија на летен одмор, Милвоки без Јанис немоќни против Индијана
Кошаркарите на Њујорк Никс и Индијана Пејсер се изборија за меѓусебна пресметка во полуфиналето на Источна конференција, во НБА лигата. Изминатата ноќ Никс и Пејсер ги забележаа победите број 4 против Филаделфија односно Милвоки.
Пред една деценија, Филаделфија го избра Џоел Ембид како прв пик на драфтот. Со него Сиксерси се уште немаат финале на Истокот.
Брилијантниот Џејлен Брансон го предводеше Њујорк до победата 118:115 во шестиот натпревар.
Брансон забележа 41 поен и 12 асистенции (трет последователен натпревар со најмалку 40 поени), Донте ДиВинченцо постигна 23 поени со седум асистенции, а О Џи Ануноби имаше 19 поени и девет скока.
Џош Харт додаде 16 поени, 14 скока и седум асистенции и ја постигна клучната тројка за победа на 24,4 секунди до крајот.
Во тимот од Филаделфија најефикасен беше Џоел Ембиид со 39 поени и 13 скока. Бади Хилд додаде 20 поени, Тајрис Макси имаше 17 поени, пет скока и пет асистенции, Кели Оубре имаше 17 поени и пет скока, а Николас Батум заврши со 16 поени и седум скока.
Индијана Пејсерс славеше против Милвоки 120:98 за вкупни 4:2 во серијата. Без Јанис Адетокумбо и со повредениот Демијан Лилард, Милвоки немаа шанса против Индијана. Шестиот меч го решија играчите од клупата. Резервите на Индијана постигнаа 40 поени.
Оби Торпин со 21, Ти-Џеј Меконел со 20 поени и девет асистенции, односно Паскал Сијакам со 19 ја предводеа Индијана.
На спротивната страна Лилард, кој го припушти претходниот меч постигна 28 поени, Боби Портис додаде 20 поени и 15 скока, а Брук Лопез 20 поени.
Спорт
Тонали повторно е казнет поради обложување
Фудбалерот на Њукасл, Сандро Тонали (23), повторно е казнет за нелегално обложување.
Фудбалската асоцијација на Англија (ФА), го казни со двомесечна суспензија условно и 20.000 фунти поради кршење на правилата поврзани со забраната за обложување во Англија.
Оваа казна значи дека Тонали ќе може да се врати на терените откако ќе му истече 10-месечната забрана што му ја изрече Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ) на 27 октомври минатата година, со услов да не направи нов прекршок.
Минатата есен, ФИГЦ го казни Тонали за обложување на натпревари во Италија, а поради тоа овој талентиран играч за врска нема да може да игра на Европското првенство во Германија, каде Италија ќе ја брани шампионската титула.
Тонали на почетокот на оваа сезона се пресели од Милан во Њукасл за 70 милиони фунти и веднаш покажа дека ќе биде големо засилување за „страчките“.
Сепак, набрзо следеше суспензијата на ФИГЦ, па младиот Италијанец забележа само осум настапи, на кои постигна еден гол во дресот на Њукасл.
Спорт
Уште еден голем пријател на Меси пред трансфер во Интер
Уште еден пријател на Лионел Меси наскоро би можел да пристигне во Интер Мајами. Како што пренесува ЕСПН, Анхел Ди Марија ги започнал преговорите со Дејвид Бекам.
„Ди Марија сериозно преговара со Мајами и можеби тој ќе стане челн на тимот веќе во јули. Таа опција му се допаѓа на Фидео (прекар Ди Марија)”.
На Анхел Ди Марија договорот со Бенфика му истекува на крајот од сезоната.
Ди Марија и Меси долги години се соиграчи во репрезентацијата на Аргентина, со која го освоија Светското првенство во 2022 година.
Интересно е тоа што Ди Марија отсекогаш имал голема желба да игра со Меси, а уште додека играше во Реал Мадрид заедно со Кристијано Роналдо велеше дека Меси е најдобриот фудбалер на светот.