Спорт
Надал го доби трилерот со Циципас

Рафаел Надал го освои „Мубадала светскипт шампионат во тенис“. Шпанецот во финалето по голема борба го победи Стефанос Циципас.
„Бикот од Мајорка“ за нешто повеќе од три часа игра успеа да го скрши грчкиот тенисер со 6/7, 7/5, 7/6.
Циципас го доби првиот сет во тај брејк, откако успеа да му го одземе сервисот на противникот кога тој сервираше за добивање на сетот. Потоа Гркот го реши тај-брејкот со 7:5.
Во вториот сет решавачки беше брејкот што го направи Надал во 11 гем.
Голема драма се случуваше во решавачкиот сет. Истиот беше решен по 70 минути игра во тај-брејкот.
Шпанецот за победата на егзибицијата во Абу Даби освои 250.000 долари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Венеција од Интер го откупи договорот на Станковиќ

Српскиот голман Филип Станковиќ официјално стана член на Венеција, која го откупи неговиот договор од Интер.
Станковиќ ја изминатата сезона ја мина во Венеција како позајмен играч, а клубот одлучи да ја активира откупната клаузула, која изнесува два милиони евра.
Синот на Дејан Станковиќ потпиша договор до 2029 година. Пред Венеција, Интер го позајми 23-годишниот голман на Волендам и Сампдорија.
Следната сезона, Станковиќ ќе брани во Серија Б, бидејќи минатата сезона клубот го зазеде претпоследното место во Серија А и испадна од лигата.
Спорт
Тринкиери ја освои титулата, па доби отказ

Андреа Тринкиери со Жалгирис ја освои титулата во литванското првенство,а 36 часа подоцна доби отказ.
Жалгирис го победи Ритас во саботата навечер и го освои литванското првенство, па се чинеше дека Тринкиери дефинитивно ќе остане на клупата за тој тим, бидејќи имаше важечки договор за следната сезона. Италијанскиот тренер го предводеше Жалгирис 18 месеци.
Литванските медиуми пишуваат дека одлуката на клубот, спогодбено да се раздели со тренерот е чудна, бидејќи Тринкиери имаше удел во формирањето на тимот за следната сезона, продолжувањето на договорот на Силван Франциско и ангажирањето на тандемот на Олимпијакос: Најџел Вилијамс-Гос и Мозес Рајт.
Се додава дека Паулијс Јанкунас и раководството на Жалгирис ќе мора да ги почитуваат деталите од договорот на Тринкиери, барем додека искусниот италијански стручњак не потпише нов договор.
Тринкиери, покрај гореспоменатата шампионска титула, му донесе и два Купа на Жалгирис, а минатата сезона во Евролигата завршија на 13-то место со учинок 15-19.
Покрај разделбата со Тринкиери, Жалгирис му се заблагодари и на неговиот помошник Масимилијано Менети.
Спорт
Џон Текстор ги продаде акциите во Кристал Палас

Вуди Џонсон и Џон Текстор постигнаа договор, поранешниот амбасадор на Соединетите Американски Држави во Обединетото Кралство и сопственикот на Њујорк Џетс откупи 44,9 проценти од акциите на Кристал Палас.
Транскацијата изнесува 190 милиони фунти, што значи дека Кристал Палас ќе може да се натпреварува во Лига Европа.
Настапот на клубот беше под знак прашалник бидејќи Текстор е исто така сопственик на поголемиот дел од Олимпик Лион, но и сопственик на 90 проценти од акциите на Ботафого.
Секако, Премиер лигата мора да ја одобри оваа продажба, но се очекува тој дел од работата да биде завршен во следните четири недели.
Кристал Палас мора да ја реши сопствеичката структура до крајот на неделата, но се очекува и УЕФА да биде толерантна и да дозволи целата постапка да заврши за четири недели, а клубот да добие дозвола да се натпреварува во Лига Европа.
Вуди Џонс е сопственик на Џетс од 2000 година, а во 2022 година се обиде да го купи Челзи за две милијарди фунти.