Спорт
Најголемите трансфери на хрватските фудбалери – Гвардиол ја предводи листата, Модриќ е на четвртото место

Со преселбата во Манчестер сити за 90 милиони евра, Јошко Гвардиол стана вториот најскап дефанзивец во историјата на фудбалот и стана најголемиот хрватски трансфер досега.
Кога станува збор само за хрватските фудбалери, кои со години се на цена во европските кругови, Гвардиол се искачи на врвот на најголемите трансфери на играчи од таа земја.
На таа „вечена листа“ го претекна новиот клупски соиграч Матео Ковачиќ и неговиот трансфер од Реал Мадрид во Челзи во 2019 година за 45 милиони евра.
Интересно, во топ 10 најголеми трансфери на хрватски фудбалери, три трансфери се токму на Ковачиќ.
Ковачиќ е и на третото место со трансферот во Реал од Интер (38 милиони евра), а неговиот трансфер од Челзи во Манчестер сити летово е седми по вредноста, 29 милиони евра.
Името на Никола Влашиќ двапати се најде меѓу десетте најголеми хрватски трансфери.
На петтото место е неговиот трансфер од ЦСКА Москва во Вест Хем (30 милиони евра), а на деветтото место трансферот од Евертон во Москав (23 милиони евра).
Интересно, најголемиот хрватски фудбалер на сите времиња Лука Модриќ е само на четвртото место со преселбата од Тотенхем во Реал Мадрид за 35 милиони евра пред десет години.
Секако, тоа беше време кога трансферите беа со помала вредност, па Лука не е на местото што реално го заслужува на оваа листа.
Марко Пјаца (Јувентус – 29,4 милиони), Дејан Ловрен (Ливерпул – 25,3 милиони), Никола Калиниќ (Милан – 22,5 милиони) се останатите играчи на оваа листа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
УЕФА ги казни Јамал и Левадовски, а го суспендира тренерот Флик

УЕФА донесе одлуки да казни неколку членови на Барселона за инциденти што се случија за време и по полуфиналниот натпревар од Лигата на шампионите против Интер во Милано.
Ламине Јамал и Роберт Левандовски се казнети со по 5.000 евра за прекршување на антидопинг прописите, додека главниот тренер Ханси Флик доби суспензија од еден натпревар и парична казна од 20.000 евра.
Јамал и Левандовски ги прекршија одредбите од членовите 21.8 и 21.10 од регулативите на УЕФА со тоа што не одговориле веднаш на повикот за контрола на допинг по завршувањето на натпреварот против Интер во Милано.
Според извештаите, тие не ги следеле упатствата на официјалниот контролор за контрола на допинг и не се јавиле веднаш на контролниот пункт, што е прекршување на антидопинг правилата. Комитетот за контрола, етика и дисциплина на УЕФА пресуди дека двајцата играчи прекршиле протокол што бара итна соработка со антидопинг властите.
Тренерот Ханси Флик и неговиот помошник Маркус Сорг исто така беа казнети за нивното однесување за време на истиот натпревар. И двајцата добија суспензија од еден натпревар во клупските натпреварувања на УЕФА и казни од по 20.000 евра за кршење на општите принципи на однесување и основните правила на пристојно однесување. Казните се однесуваат на гласните протести на Флик за време и по натпреварот, кога ги критикуваше одлуките на полскиот судија Шимон Марчињак.
Сите казни стапуваат на сила веднаш и ќе влијаат на првиот европски натпревар на Барселона во новата сезона. На Флик нема да му биде дозволено да го води тимот од клупата, што значи дека некој од тренерскиот персонал ќе ја преземе одговорноста.
Исто така, Барселона како клуб мора да плати дополнителни казни поради однесувањето на навивачите, 5.250 евра за фрлање предмети на теренот и 2.500 евра за палење пиротехнички средства за време на натпреварот против Интер.
Спорт
Витезе остана без лиценца, крај на приказна долга 133 години

Витезе дефинитивно остана без професионална лиценца, одлуката ја потврди судот во Утрехт. Со тој чин, вториот најстар клуб во Холандија исчезнува од професионалната фудбалска сцена по 133 години. Во Холандија, само Спарта од Ротердам е постара од Витезе.
Фудбалската асоцијација на Холандија и Комисијата за лиценцирање донесоа одлука да не му доделат лиценца на Витезе. Клубот поднесе жалба до судот, кој во својата одлука потврди дека асоцијацијата и комисијата ги почитувале правилата во процесот на донесување одлуки и дека нема основа за жалба.
Асоцијацијата и Комисијата за лиценцирање одбија да му издадат лиценца на Витезе бидејќи беше утврдено дека клубот ги заобиколувал правилата и „го поткопувал системот за лиценцирање“ неколку години.
„Витезе доби неколку можности, но не искористи ниту една од нив. Клубот не покажа никаков напредок“, изјави адвокатот на ФС Холандија пред судот.
Витезе се обиде да го убеди судијата дека ја обезбедиле иднината на клубот бидејќи локалните инвеститори ги презеле сите акции од претходните сопственици, а за конечното преземање на клубот се чекала одлука за лиценцата.
Објаснувајќи ја својата одлука за отфрлање на жалбата на Витезе, судијата изјави дека ништо не може да го поништи фактот дека клубот ги прекршил правилата претходно.
Оваа одлука стави крај на 133-годишната историја на Витезе, и затоа натпреварот од првото коло што Витезе требаше да го игра против Алмер Сити ќе биде откажан.
„Што ни носи иднината во моментов не е јасно. Ги истражуваме сите можности. Во меѓувреме, раководството на клубот, кое останува во преговори за акциите за да го обезбеди опстанокот на фудбалот во Архем“, соопшти клубот.
Витезе никогаш не бил шампион на Холандија. Тој го постигна својот најголем успех во 2017 година кога за прв пат го освои Купот на Холандија.
Спорт
Шкендија со „петарда“ ја почна одбраната на титулата

Фудбалерите на Шкендија надмоќно ја почнаа одбраната на титулата во Првата македонска фудбалска лига. Во првиот натпревар за сезоната 2025/2026, Шкендија со 5:1 го победи Шкупи.
Убедливата победа на Шкендија, на стартото од сезоната, не треба да претставува некое големо изненадување, бидејќи Шкупи во Тетово настапи со седум младинци во стартниот состав.
Ќе остане забележано дека првиот гол во новата сезона го постигна Рамадани во осмата минута. Шест минути подцна Хајвали го изедначи резултатот.
Во која насока ќе се одвива натпреварот беше јасно во 17.минута кога поради вториот жолт картон беше исклучен Рустеми.
Четири минути подоцна Шкуши преку Зејнулаи ја материјализираше предноста на теренот.
Во вториот дел Ибраими постигна два гола, а точка на натпреварот стави Љатифи во 83.минута.
Foto/ facebook.com/fcshkendija