Спорт
(Не)очекувано – Надал се повлече од Индијан Велс
Денес во Индијан Велс стартува првиот Мастерс оваа сезона. Од турнирот пред неговиот почеток се повлече Рафаел Надал.
Шпанскиот тенисер сфати дека се уште не е подготвен за толку тежок турнир како Индијан Велс и реши да се повлече.
„Со голема тага морам да се повлечам од овој фантастичен турнир“, напиша Надал на социјалните мрежи. „Сите знаат колку го сакам ова место и колку сакам да се натпреварувам овде во Индијан Велс. Затоа дојдов во пустината толку рано да тренирам и да се обидам да бидам подготвен. Тренирав напорно и сите знаете дека направив проба минатиот викенд, но не се чувствувам подготвен да играм на моето максимално ниво на ваков важен турнир“.
Надал во неделата учествуваше на егзибицијата во Лас Вегас каде по квалитетна игра беше поразен од Карлос Алкараз во супер тај-брејк кој се играше наместо третиот сет. Тој спаси дури пет сет топки. Изгледаше дека е подготвен да се врати на теренот, но само три дена подоцна дозна дека не е.
Местото на Надал во главната ждрепка го зазеде Индиецот Самит Нагал, а прв противник е Милош Раониќ.
Рафа не ги откри натамошните планови, но може да се претпостави дека ќе се подготвува за сезоната на земјана подлога која започнува во април. Мастерсот во Мајами кој се игра по Индијан Велс секако не беше во неговите планови.
Тој годинава одигра само еден турнир и тоа во Бризбејн каде по две убедливи победи во четвртфиналето беше поразен од Австралиецот Џордан Томпсон по тричасовен маратон. Потоа го откажа учеството на Австралија опен, а три недели подоцна и се полече и од турнирот во Доха.
Пред да дојде во Бризбејн, Надал немаше играно 11 месеци, од минатогодишниот Грен слем во Мелбурн. Следната станица веројатно би требало да биде Мастерсот во Монте Карло кој започнува на 7 април.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Франк ги брои последните денови на клупата на Тотенхем
Челниците на Тотенхем сериозно размислуваат да му врачат отказ на тренерот Томас Франк. Тотенхем, вчера, доживеа пораз на домашен терен од Вест Хем (1:2).
Иднината на Франк. како што пишува „Тајмс“ е доведена во прашање по неговиот осми пораз во 14 натпревари.
Данецот беше исвиркан додека навивачите на Спарс скандираа „Утре сабајле ќе добиеш отказ“ по поразот од нивните лондонски ривали.
Во текстот се наведува дека раководството на клубот сакало да му даде време до сега, но најновиот пораз би можел да ја промени ситуацијата.
Тотенхем е 14-ти во Премиер лигата, десет бода над зоната за испаѓање и сè уште нема победа во 2026 година.
Спарс имаат победа само на еден од последните осум натпревари во сите натпреварувања, а во наредниот период им престои дуел со Борусија Дортмунд дома во Лигата на шампионите во вторник и на гостински терен против Барнли во Премиер лигата следната сабота.
Foto/ depositphotos
Спорт
Алкараз со победа стартуваше на Австралија опен
Светскиот број еден го победи Адам Волтон со максимален резултат, во првото коло на Австралија опен. Конечниот резултат не ги покажува мноштвото предизвици со кои се соочи Шпанецот против миленикот на домашната публика. Алкараз победи со 6:3, 7:6 (7:2), 6:2.
На 26-годишникот од Бризбејн му требаше околу половина час да се навикне на атмосферата и целосно да се опушти. Тоа е сè што му требаше на Алкараз за да го освои првиот сет, кој можеше да го добие уште поубедливо.
Проблемите за Шпанецот дојдоа во вториот сет. Момчето од Мурсија се мачеше со зглобот, но и со својот ривал кој прв направи брејк и поведе со 1:3. Сепак, му подари на Карлос ри-брејк, а потоа не го издржа притисокот во тај-брејкот.
Третиот сет беше сличен на првиот. Шесткратниот Гренд слем шампион, направи два брејка и рутински го потврди своето место во втората рунда.
Таму ќе го чека Јаник Ханфман. Во првото коло искусниот Германец го победи квалификантот Закари Свајда во четири тесни сета, 7:5, 4:6, 6:4, 7:6 (7:3).
Единствениот меѓусебен дуел го одиграа во Пекинг во 2023 година, кога Алкараз победи со 6:4, 6:3 во првото коло.
Foto/ depositphotos
Спорт
Историски настап на Венус Вилијамс во Мелбурн и пораз од Олга Даниловиќ
Венус Вилијамс испиша историја на Отвореното првенство на Австралија, но враќањето во Мелбурн по пет години го расипа српската тенисерка Олга Даниловиќ.
Во драматичен меч од првото коло, Даниловиќ победи со 6:7(5), 6:3, 6:4, иако Вилијамс водеше со 4:0 во решавачкиот сет.
На 45 години, Вилијамс стана најстарата тенисерка што некогаш играла во главниот ждреб на турнирот, за што доби покана од организаторите.
Својот прв натпревар на Отвореното првенство на Австралија во 1998 година го одигра како 17-годишна девојка. Самата таа призна дека не била свесна дека ќе го сруши рекордот кога ја прифатила поканата.
„Не размислував за тоа сè додека не излезе во медиумите. Па, браво. Да браво за мене! Ајде да го направиме тоа“, изјави таа.
Седумкратната освојувачка на Гренд слем се врати минатото лето, на Отвореното првенство на САД во септември, во пар со Лејла Фернандез, стигна до четвртфиналето.
Во декември се омажи за својот сопруг Андреа Прети, но истакна дека пред да дојде во Австралија, за прв пат од 2021 година, „тренирала без престан три месеци“.
Американката двапати играше во финалето на во Мелбурн, во 2003 и 2017 година, но двата пати беше поразена од нејзината сестра Серена. На истиот турнир, таа освои четири титули во двојки.
Foto/ EPA

