Спорт
Нејмар решил каде ќе ја продолжи кариерата

Бразилскиот фудбалер Нејмар постигнал договор со Сантос во врска со новиот договор и се очекува да го потпише оваа недела, тврдат бразилските медиуми.
Претседателот на Сантос, Марсело Тешеира, во текот на денот треба да се сретне со таткото на Нејмар за да се договорат сите услови од новиот договор. Актуелниот договор на Нејмар со Сантос истекува на 30 јуни.
Тешеира веќе навести претходно оваа недела дека е можно клубот има можност да го задржи Нејмар, и покрај шпекулациите дека е во преговори со неколку тимови од Европа.
Новиот договор ќе вклучува бонуси поврзани со одиграни натпревари и бројот на постигнати голови. Сантос, исто така, ќе отплати долг од 13 милиони евра на рати до декември 2026 година.
Се очекува Нејмар да се врати на тренинзите во петок.
Откако се врати во Сантос од Ал-Хилал во јануари, 33-годишниот Нејмар постигна три гола и имаше три асистенции во 12 натпревари за бразилскиот тим.
Нејмар планира да ја искористи следната година во Сантос за да влезе во врвна форма за Светското првенство во 2026 година, а новиот селектор на Бразил, Карло Анчелоти, веќе неколку пати изјави дека смета на овој играч за Светското првенство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Тежок пораз на Вардар во Лозана, црвено-црните се елиминирани од Конференциската лига

Foto/ teraz.sk
Фудбалерите на Вардар во второто квалификациско коло го завршија настапот во Конференциската лига. Актуелниот освојувач на Купот на Македонија доживеа тежок пораз во Лозана. Швајцарскиот тим победи со 5:0 и со вкупен резултат 6:2 го елиминира Вардар.
Вардар во Лозана со исклучок на периодот од 18. до 21.минута, кога имаше шанси преку Мато и Омерагиќ, не постоеше на теренот.
Серијата голови во 16.минута ја отвори Дусен, ја продолжи Сене во 33.минута, а третиот гол во втората минута од надополнувањето на времето го постигна истиот фудбалер.
Во вториот дел Ајдини ја зголеми предноста на Лозана во 55., а точка на мечот во 84.минута стави Траоре.
Спорт
Конор Мекгрегор прогласен за виновен: Судот потврди силување и брутален напад

Конор Мекгрегор, еден од најпознатите ММА борци, претрпе пораз на суд во граѓанска парница во која Ирката Никита Хенд го обвини за силување и брутален напад во хотел на крајот од 2018 година.
Ирскиот суд едногласно ги отфрли сите пет точки од жалбата на Мекгрегор и ја потврди претходната пресуда според која тој мора да плати отштета од 248.600 евра, како и околу 1,3 милиони евра судски трошоци.
На судењето во Високиот суд во Даблин минатата година, поротата утврди дека Никита Хенд ја кажувала вистината кога опишала дека била силувана и удирана од Мекгрегор за време на приватна забава по божиќниот настан на ѕвездата на ММА.
За време на судењето, Мекгрегор се бранеше тврдејќи дека станува збор за консензуална врска и дека обвинувањата биле обид за уцена, но судот пресуди во корист на жртвата, додека сообвинетиот Џејмс Лоренс беше ослободен од одговорност за самиот напад.
Одбраната на Мекгрегор се базираше на неколку нивоа. Од обидот да се оспори употребата на неговите одговори „без коментар“ за време на полициското испрашување во судот, до тврдењата дека терминологијата во клучните прашања за поротата била непрецизна („напад“ наместо „сексуален напад“), до обидот да се допушти ново сведочење кое, според одбраната, би можело да го објасни потеклото на модринките на телото на тужителот.
Сепак, судот ги отфрли сите аргументи, наведувајќи дека ниту еден член на поротата не можел да биде заведен од формулацијата на прашањето, додека повлекувањето на барањето за нови сведоци се сметаше за индикација за слабоста на самата жалба.
Самиот Мекгрегор не беше присутен во судницата за време на изрекувањето на пресудата со која се отфрли неговата жалба. Поддржувачите на жртвата Никита Хенд се собраа пред судницата, а откако беше објавена одлуката, таа рече дека процесот бил исклучително тежок и болен и дека сега може да го започне процесот на заздравување. Таа, исто така, ги повика другите жртви да не се откажуваат и да бараат заштита и правда преку институциите.
Борецот не зборуваше во медиумите или на социјалните мрежи во врска со пресудата, додека ирската јавност го следи целиот случај низ призмата на општествената одговорност на спортските идоли и потребата од зајакнување на правата на жртвите на сексуално насилство.
Спорт
Ферстапен пресече, познато за кого ќе вози следната сезона

Четирикратниот шампион во Формула 1, Макс Ферстапен, ќе остане во Ред Бул и следната сезона.
Веќе подолго време се шпекулираше дека Холанѓанецот ќе премине во Мерцедес, но пред трката на Хунгароринг, тој ги отфрли тие гласини.
„Работата е во тоа што луѓето многу зборуваат во текот на целата сезона, а единствениот што навистина треба да зборува, a не зборува – сум јас. Секогаш било јасно, па и за следната година. Веќе разговарам со тимот за плановите за наредната сезона. Тоа значи дека останувам со тимот и следната година“, изјави Ферстапен.
Шпекулациите за премин во Мерцедес го достигнаа врвот кога беше објавено дека тој и Тото Волф биле заедно на одмор на Сардинија.
„Ако мојата јахта е до јахтата на Тото, тогаш е така. Можете да имате личен однос со некого дури и ако немате деловен“, додаде Макс.
Ферстапен минатиот викенд беше четврти на патеката Спа Франкошамп.
Сега е трет во генералниот пласман, со 81 бод помалку од водечкиот Оскар Пијастри и 65 помалку од второпласираниот Ландо Норис.