Спорт
Новак фуриозно против Шварцман, заврши турнирот од соништата за Гоф
Новак Ѓоковиќ експресно влезе во четврт-финалето на Австралија опен, откако со 6:3/6:4/6:4 го „збриша“ Аргентинецот Диего Шварцман на „Род Лејвер арената“ и сега го очекува пресметка со својот стар познаник, Канаѓанецот Милош Раонич.
Србинот немаше поголеми проблеми против Шварцман во меч кој траеше нешто повеќе од два часа и по 11. пат во кариерата се пласираше меѓу осумте најдобри на Мелбурн парк. Раонич претходно со фантастичен сервис со 6:4/6:3/7:5 го победи Хрватот Марин Чилиќ.
„Диего немаше загубено сет во првите три кола и играше навистина добро. Знаев дека ако му дадам време може да наштети бидејќи е еден од најбрзите тенисери на турнејата. Сега одам на Милош, еден од најсилните и највисоките тенисери на турнејата и ќе треба да бидам подготвен за ракети од негова страна“, изјави Ѓоковиќ.

Кај дамите, Американката Софија Кенин стави крај на турнирот од соништата на тинејџерската сензација Коко Гоф, победувајќи ја со 6:7(5)/6:3/6:0 за прво гренд слем четврт-финале во кариерата.
15-годишната Гоф, која претходно ги елиминираше Венус Вилијамс и актуелната шампионка Наоми Осака, успеа да се врати од брејк-негатива да го освои првиот сет носена од поддршката на публиката, но 14. носителка Кенин успеа да се врати и да ги искористи грешките кои се нижеа за импресивна победа. Во четврт-финалето таа ќе игра со Тунижанката Онс Жабер, која со 7:6(4)/6:1 ја совлада кинеската тенисерка Ванг Кијанг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Дубаи има договор со најдобриот европски шутер
Кошаркарскиот клуб Дубаи сериозно се подготвува за новата сезона. Откако, како што објави „Естандо“, клубот постигна договор со Ели Окобо, договор за следната сезона има и Андреас Обст.
Договорот на германскиот „снајпер“ со Баерн истекува во јуни оваа година и се чини дека тој е подготвен да го нплати својот квалитет.
Обст кој наскоро ќе наполни 30 години, има просек од 15,5 поени по натпревар оваа сезона, а неговиот процент на шут за три поени е импресивни 41 процент.
Foto/ depositphotos
Спорт
Леброн: Не знам дали ќе играм следната година
Леброн Џејмс, еден од најдобрите кошаркари во историјата, ја игра својата 23-та сезона во НБА.
Асот на Лејкерси беше во центарот на вниманието на медиумите за време на Ол-стар натпреварот во Лос Анџелес, а главното прашање беше, секако, дали ќе игра следната сезона.
„Сакам да живеам. Кога ќе знам, ќе знаете и вие. Не знам во моментов. Немам поим“, истакна Џејмс.
Леброн има 41 година. Ова е последната година од неговиот договор со Лејкерси, во кој треба да добие 52,6 милиони долари.
„Целосно сум фокусиран на оваа сезона. Сакам да влеземе во плејофот и да се бориме за титулата. Се надевам само дека ќе останеме здрави, бидејќи тоа е предуслов за секој квалитетен настап“, заклучи Џејмс.
Foto/ depositphotos
Спорт
Капитенот на Њукасл на долга пауза поради повреда
Бруно Гимараеш од Њукасл Јунајтед ќе отсуствува околу два месеци откако заработи повреда на тетивата.
Фудбалерот од средниот ред се повреди за време на натпреварот од 26-то коло од Премиер лигата против Тотенхем. Њукасл славеше, а капитенот се повреди на самиот крај од натпреварот.
Ова беше негов втор натпревар откако се опорави од повреда на глуждот. Скенирањата потврдија дека Бразилецот го очекува подолга пауза, што е голем удар за Њукасл.
Њукасл ја победи Астон Вила во четвртото коло од ФА Купот, а следниот натпревар ќе го игра како гостин на Карабаг во првиот натпревар од плејофот за осминафиналето на Лигата на шампионите.
Тимот на Еди Хау е на 10-то место на табелата во Премиер лигата со 36 бода.
Foto/ depositphotos

