Спорт
Њукасл летово ќе потроши рекордни 450 милиони евра на нови засилувања
Англискиот премиерлигаш Њукасл по цели 20 години повторно ќе игра во Лигата на шампионите, а раководството на клубот на менаџерот Еди Хау ќе му даде на располагање неверојатни 450 милиони евра за трошење во претстојниот летен преоден рок.
Познато е дека Њукасл има ултра богати сопственици и дека само небото е граница кога станува збор за тоа кој фудбалер можат да го доведат.
Како што пренесуваат медиуми на Островот, Њукасл нема да биде скржав или срамежлив во овој преоден рок бидејќи сака да прави големи работи следната сезона.

На врвот на листата на желби на Еди Хау е капитенот на Тотенхем, Хари Кејн, кој речиси сигурно ќе го напушти клубот на крајот од сезоната. Тој има уште една година од договорот со Тотенхем и се чини дека конечно дојде време за промена на клубот.
Иако имаат многу добри напаѓачи во Калум Вилсон и Александар Исак, Хау сака во својот тим да го донесе и феноменалниот Кејн.
Второто засилување на листата е Бразилецот Нејмар. Иако се зборуваше дека немаат пари за него, јасно е дека сопствениците на клубот можат да го доведат доколку навистина тоа го сакаат. На долгата листа на желби се и Жоао Феликс, Сергеј Милинковиќ-Савиќ, Чуквуезе, Рајан Гравенберч, Џејмс Медисон, Еберечи Езе, Муса Дијаби, Мохамед Кудус и Доминик Шобошлаи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Американките во драматично финале го освоија олимпиското злато
Поделени се медалите на женскиот хокеарски турнир, на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина. САД го освоија златото со победа од 2:1 над Канада во финалето по продолжение. Швајцарија ја освои бронзата.
Како и во претходните три, САД и Канада се сретнаа и во ова финале. И приредија спектакл. На крајот, сè беше решено во продолжението.
Херој на третото злато за Американките беше Меган Келер. Таа го постигна победничкиот гол во петтата минута од продолжението.
Но, Канада има многу за жалење. Водеше од почетокот на вториот период со голот на Кристин О’Нил, па сè до две минути пред крајот. А потоа Хилари Најт, на асистенција на подоцнежната хероина Келер, постигна гол за 1:1 и продолжение. Во кое Келер погоди за голема победа.
И Швајцарија забележа голема победа. За третото место, ја поразија Шведска, исто така по продолжение, со 2:1, и со тоа Швајцарките го освоија својот прв олимписки медал по 12 години.
Foto/ EPA
Спорт
(Видео) Звезда победи во Лил, Штутгарт го декласира Селтик
Фудбалерите на Лудогорец ја спасија честа на домашните тимови во Лига Европа. Во првите осум натпревари, шест победи забележаа гостите, само Лудогорец победи на домашен терен, а Панатинаикос успеа да извлече реми.
Изненадувањето на вечерта го направи Црвена звезда со победата во Лил. Српскиот првак победи со голот на Тебо Учена во првата минута од надополнувањето на времето во првото полувреме.
Црвено-белите доминираа против Лил и само можат да жалат што победата не е изразена со повеќе голови разлика.
Инаку, Црвена звезда ја забележе првата победа на француска почва, во својата историја. Во претходните девет гостувања, црвено-белите имаа две нерешени и седум порази.
Селтик доживеа тежок пораз од Штутгарт (1:4). Во првото полувреме се истакна Мароканецот Билал Ел Ханус, кој игра за Штутгарт како позајмен играч од Лестер Сити.
Прво, во 15-та минута, искористи „бразилска“ асистенција со петицата на Денис Ундав, а во 28-та минута реагираше добро по центаршутот на Анџело Стилер и, заборавен од домашните играчи, повторно го совлада ветеранот на Селтик, Каспер Шмајхел.
Помеѓу двата гола на Штутгарт, Бенџамин Нигрен ја искористи конфузијата во одбраната на „Швабите“.
Сепак, во вторите 45 минути, Германците беа уште поубедливи.
Првиот, со прецизен удар на Џејми Левелинг, а потоа Тијаго Томас го постави конечниот резултат на крајот од натпреварот.
Лудогорец е единствениот тим што победи на домашен терен. Шампионот на Бугарија се сретна со Ференцварош во Раздград и победи со резултат од 2:1 (1:1).
Домашниот тим поведе со голот на Кванд Ду, Деле израмни за Унгарците.
Победата за Лудогорец ја донесе Шпанецот Сон во 67-та минута.
Foto/ EPA
Спорт
Меншик го победи Синер
Чешкиот тенисер Јакуб Меншик го победи Јаник Синер во четвртфиналето на турнирот во Доха.
Меншик славеше по два часа и 13 минути борба, со 2-1 во сетови – 7:6(3), 2:6, 6:3.
Ова е втората најголема победа во неговата кариера, откако го победи Новак Ѓоковиќ во финалето во Мајами минатата година.
За 20-годишниот Чех, ова беше прв дуел со Синер во кариерата, а првото полуфинале во Доха, ќе му го донесе и 13-то место на АТП листата.
Foto/ EPA

