Спорт
Пандев: Грузија? Најважниот натпревар во мојата кариера
Фудбалската репрезентација на Македонија, утре во Тбилиси, ќе го одигра најважниот натпревар во својата историја. Победата во дуелот со Грузија ќе ја однесе Македонија на Европското првенство во 2021 година.
Очите на нацијата најмногу се вперени во најискусниот, капитенот Горан Пандев, кој во кариерата има и трофеј со Интер во Лигата на шампионите.
Капитенот најпрвин се огласи на „Инстаграм“.
„113 натпревари, повеќе од 19 години носење на овој свет дрес, многу порази, победи, радости и понижувања. Многу убави и лоши работи поминав со тебе Македонијо….. Остана уште еден чекор до остварување на мојот сон, до остварување на сонот на моите колеги, на моето семејство, на цела нација.
Во овие тешки времиња, да се обединиме сите заедно и да се обидеме сонот да ни стане реалност. Еден за сите – сите за еден…Да живее Македонија“, напишал играчот на Џенова.
Покрај оваа порака на Пандев, Фудбалската федерација на Македонија на објави на „Фејсбук“, кусо интервју со Пандев, во кое тој уште еднаш потенцира колку натпреварот во Тбилиси е важен за него и за целата држава.
„20 години сум во репрезентацијата, ова е најважниот натпревар во мојата кариера, најважниот натпревар за цела Македонија. Се надевам дека и ние конечно ќе се израдуваме, дека ќе се оствари мојот сон. Со нетрпение го очекувам натпреварот“, вели Пандев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Куртоа се враќа до крајот на сезоната
Tренерот на Реал, Карло Анчелоти денеска изјави дека голманот Тибо Куртоа треба да се врати во тренажен процес за десет дена, пренесуваат шпанските медиуми.
На 20 март Куртоа беше опериран поради скинат менискус на десното колено. Шпанските медиуми потсетуваат дека белгискиот голман требаше да паузира до крајот на сезоната, но Анчелоти тврди дека Куртоа успешно се опоравува.
„Куртоа добро закрепнува, би можел да биде во тимот против Кадиз“, изјави Анчелоти.
Шпанските медиуми пренесуваат дека Куртоа сигурно ќе го пропушти натпреварот против Реал Сосиедад во Ла Лига, како и првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампионите против Баерн.
Натпреварот од 34. коло во шпанското првенство помеѓу Реал и Кадиз ќе се одигра на четврти мај во Мадрид.
Спорт
Евролигата нема да го толерира однесувањето на Атаман
Кошаркарската Евролигата се огласи по бурната реакција и изјава на Ергин Атаман по поразот на Панатинаикос од Макаби, во Атина на стартот од четвртфиналната серија.
Во соопштението на веб-страницата на елитното натпреварување, се нагласува дека е недозволиво Атаман да ги етикетира судиите, дека таков приситсок нема да биде толериран и дека е покрената дисциплинска постапка против тренерот на Панатинаикос.
За потсетување, Атаман веднаш по натпреварот потенцираше дека судиите му доделиле шест поени на Балдивин, бидејќи досудиле два непостоечки, смешни фаули при шут за три поени, но во исто време нагласи дека ПАО продолжува понатаму, до завршниот турнир во Берлин.
Атаман на прес-конференцијата отиде чекор понатаму, велејќи дека ќе го напушти Панатинаикос доколку не избори пласман на завршниот турнир.
Макаби води во четвртфиналната серија со 1-0, вториот меч се игра вечерва повторно во Атина, а потоа следуваат два натпревари во Белград – 30 април и 2 мај, а евентуалната мајсторка ќе се игра на 8 мај во Атина.
Спорт
Гвардиола за Жоао Кансело: Ќе видиме на крајот на сезоната
Жоао Кансело е член на Манчестер Сити, а моментално е на позајмица во Барселона до крајот на сезоната. Прашање е дали Барселона сака да го отткупи неговиот договор, откако Португалецот беше означен како еден од главните виновници за елиминацијата од ПСЖ од Лигата на шампионите и поразот од Реал во Ел Класико.
Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола изјави дека на крајот на сезоната ќе одлучи дали Кансело ќе се врати во клубот, пренесуваат британските медиуми.
„Се уште не сме разговарале за иднината на Кансело во нашиот клуб. Ќе разговараме на крајот на сезоната“, изјави Гвардиола.
Кансело (29) е член на Манчестер Сити од 2019 година. Тој има договор со англискиот клуб до 30 јуни 2027 година.
Вториот дел од минатата сезона Кансело го мина на позајмица во Баерн, а потоа Манчестер Сити го испрати португалскиот фудбалер на едногодишна позајмица во Барселона.
Кансело оваа сезона одигра 36 натпревари за Барселона и постигна четири гола.