Спорт
Пелистер поразен во Битола од ГОГ Гудме

Mакедонскиот шампион Еурофарм Пелистер доживеа пораз во третото коло во Лигата на шампионите. ГОГ Гудме славеше во Битола со 31:28 и се изедначи на табелата со Пелистер. Двата тима имаат по победа и два порази.
Фуриозно започна Пелистер, една серија од 6:1, му обезбеди предност од пет гола (10:5). Проблемите за Пелистер настанаа кога Данците започнаа во нападот да играат „седум на шест“. До полувремето ја анулираа предноста, а во вториот дел дојдоа и до највисоката разлика од чето гола (18:22).
Се што направи Пелистер до крајот е што успеа да се доближи до гол негатива (23:24), но играчите на Рубвен Гарабаја немаа сили за целосен пресврт.
Дејан Манасков со девет и Филип Кузмановски со осум гола го предводеа Пелистер. На спротивната страна блескаше Фредерик Бјерне кој натпреварот го заврши со 13 голови без промашување.
Во следното коло, Еурофарм Пелистер ќе гостува во Полска, кај Висла Плок на 8 октомври.
Foto/ facebook.com/hceurofarmpelister
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Јоаким Лев за Светското првенство со 64 репрезентации: Бесмислено

Поранешниот германски селектор Јоаким Лев (65) остро ги критикуваше плановите за проширување на Светското првенство во 2030 година на 64 репрезентации. „Тотално преувеличено“, изјави Лев за телевизиската станица „Нитро“.
„Пред половина година слушнав дека ФИФА зборува за ова и дека ги туркаат таквите планови. Првенство со 48 репрезентации го намалува квалитетот. Здравјето и квалитетот на играчите секогаш мора да бидат на прво место. Оваа идеја е многу критична“, додаде Лев, кој го освои Светското првенство во Бразил во 2014 година со Германија.
За прв пат, 48 репрезентации ќе учествуваат на следното СП во САД, Канада и Мексико следната година, но веќе има планови за проширување на СП во 2030 година, кое ќе се игра во дури шест земји (Шпанија, Португалија, Мароко, Аргентина, Уругвај, Парагвај).
Идејата за проширување на 64 репрезентации најмногу ја застапува јужноамериканската фудбалска федерација КОНМЕБОЛ.
„Се надевам дека националните тимови со понизок квалитет нема да ме обвинат, но на Светските или Европските првенства, гледачите сакаат да гледаат натпревари на највисоко ниво“, рече германскиот стручњак, кој ја водеше Германија 15 години.
Доколку Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) го прошири форматот на натпреварувањето на 64 национални тимови, тогаш за време на шестнеделното натпреварување ќе има 128 натпревари на распоредот, што, според Лев, е сосема бесмислено.
Спорт
УЕФА нема да му воведе санкции на Израел

Иако имаше гласини дека Европската фудбалска унија (УЕФА) ќе ги исклучи израелските тимови од своите натпреварувања, тоа не се случи.
Израел може да здивне, објавуваат локалните медиуми, бидејќи по неколку недели притисок од разни држави, предводени од Катар, нема да има исклучување од натпреварувањето на УЕФА. Барем не засега.
Како што пишува „Израел Хајом“, исклучувањето на Израел – репрезентацијата и клубовите – од натпреварувањето на УЕФА во моментов не е на дневен ред на оваа организација, најмногу поради контрапритисокот од Соединетите Американски Држави.
Оваа одлука дојде веднаш пред првиот натпревар на Макаби од Тел Авив во Лигата на Европа, во кој ремизираа со ПАОК во Солун без голови.
Да ве потсетиме дека по почетокот на војната во Украина, УЕФА брзо ја исклучи Русија во 2022 година, но тоа не е случај сега со Израел, и покрај она што моментално се случува на Блискиот Исток.
Foto/ EPA
Спорт
(Видео) Предводен од Меси, Интер го растури Њујорк

Аргентинскиот фудбалер Лионел Меси продолжи да блеска во МЛС лигата.
Меси беше клучен играч на натпреварот помеѓу Интер Мајами и Њујорк Сити, кој тимот од Флорида го доби со 4:0.
Со оваа победа, Интер официјално се квалификуваше за плејофот во МЛС, со скор од 16 победи, шест нерешени резултати и седум порази.
Со асистенција во првото полувреме, Меси стана првиот играч во историјата на МЛС кој имал најмалку 35 гола (голови + асистенции) во две последователни сезони, а до крајот на натпреварот, тој постигна два гола и стана четвртиот играч кој имал осум натпревари со два или повеќе гола во една сезона.
Ankara Messi, Ankara Messi, Ankara Messi Ankara Messi, Ankara Messi . 🐐 pic.twitter.com/8yTgHhkPOC
— Major League Soccer (@MLS) September 25, 2025