Спорт
Пливачот Марко Пејчиновски доби стипендија од државата во износ од 200.000 денари

Младиот пливач Марко Пејчиновски кој летово исплива дури 64 километри во Охридското езеро, денеска беше примен од премиерот Димитар Ковачевски, кој му честита на досегашните спортски успеси.
Првиот човек на македонската влада на херојот Марко, кој плива со вроден хендикеп на ногата, му ја врачи одлуката за стипендија во износ од 200.000 денари, средства обезбедени преку Националната федерација „Спорт за сите”.
„Со доделувањето на стипендијата на овој млад спортист му беше укажана почит и благодарност за неговиот личен пример на пожртвуваност и високи спортски успеси кои Пејчиновски ги посвети на подигнувањето на свеста за лицата со ретки болести. Неговиот последен спортски успех, кој предизвика восхит, е препливувањето на делницата од 64 километри на релација Охрид – Струга – Св. Наум – Охрид. На средбата беше разговарано и за идните спортски и професионални планови на младиот спортист и за заложбите на Владата за вложување во модерна, безбедна и пристапна спортска инфраструктура наменета за рекреативни и професионално спортување, со цел да го развиваме спортот согласно со светските стандарди“, се вели во соопштението од кабинетот на Ковачевски.
На средбата присуствуваше и првиот човек на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
(Видео) Сити го прегази Јувентус

Фудбалерите на Манчестер сити го декласираа Јувентус во Орландо (5:2) и ја освоија првата позиција во Групата Г на Светското клупско првенство. .
Џереми Доку постигна гол за „граѓаните“ во деветтата минута, Пизедначи Теун Копмајнерс две минути подцна, а потоа следувше канонада кон голот на Јувентус.
Мрежата на „старата дама“ ја погодија Пјер Калулу (автогол) во 26-та минута, Ерлинг Халанд во 52-та, Фил Фоден во 69-та минута и Савињо во 75-та минута. Вториот гол за Јуве го постигна Душан Влаховиќ во 84-та минута.
Сити и Јувентус од оваа група се пласираа во осминафиналето.
Спорт
Младинците на Холандија го освоија Европското првенство

Холандската фудбалска репрезентација ја победи Шпанија со 1:0 во финалето на Европското првенство во фудбалери до 19 години, кое се одржа во Романија.
Шпанците не успеаја да слават по 13-ти пат, за среќа на Холанѓаните, кои за прв пат станаа европски шампиони во оваа категорија.
Двата тима внимателно влегоа во финалето, а клучниот момент се случи во 63-та минута кога шпанскиот репрезентативец Раул Хименез си постигна автогол, кој подоцна ќе се покаже како одлучувачки.
Залудно, до крајот на натпреварот, Шпанија се обидуваше да го промени резултатот, и покрај нападите, реализацијата изостана, а титулата европски шампион отиде во рацете на Холандија.
Спорт
Европско првенство во џудо за кадети од денес во Скопје

Отворено е Европското првенство (ЕП) во џудо за кадети, во организација на Европската џудо-унија (ЕЏУ), кое од денес до недела ќе се одржи во Скопје
Под мотото „Младите ѕвезди на иднината“, овој престижен настан ќе ги собере најдобрите млади џудисти од целиот континент, кои ќе се натпреваруваат за европските медали и ќе ги покажат својата сила, техника и спортски дух.
Македонија за првпат е организатор на Европско првенство во џудо, а по тој повод на отворањето на настанот се обрати министерот Панче Тошковски кој рече дека чест и задоволство е што државата ги пречекуваме младите џудисти и нивните поддржувачи од цела Европа.
„Џудото нè обликува преку дисциплина, почит и стремеж кон извонредност – вредности што силно ги цениме. Ова првенство е вистинска манифестација на младешкиот дух, истрајноста и светлата иднина на овој благороден спорт.“, потенцираше министерот.
Претходно беше потпишан Мемнорандум за разбирање помеѓу Министерството за внатрешни работи, Европската џудо федерација и Националната џудо федерација на Македонија. Целта е соработка на проекти за промоција и џудото Македонија, со посебен фокус на едукација на полициски службеници во областа на џудо спортот и самоодбраната. Планирани се програми за физичка обука базирани на џудо за полициски службеници за подобрување на самоодбраната, техниките на ограничување на движењето и целокупната физичка подготвеност и соработка во многу други активности кои го промовираат спортот, дисциплината и здравото живеење на младите.