Спорт
По повеќе од две години, продолжи судењето на браќата Мамиќ
По повеќе од две години, денеска во судот во Осиек со препрочитување на обвинението продолжи судењето на Здравко и Зоран Мамиќ и уште петмина обвинети дека го оштетиле фудбалскиот клуб Динамо Загреб за околу 200 милиони куни со подигање пари како дел од злосторничко здружување.
На Здравко и Зоран Мамиќ, кои се во бегство во Босна и Херцеговина, им се суди во отсуство.
Во вториот судски процес за извлекување пари од Динамо Загреб, кој започна во Судот во Осиек на почетокот на март 2021 година, досега е одржано само едно главно рочиште, на кое на обвинетите им беше прочитан обвинителниот акт, по што следуваше долга пауза поради бегството на Зоран Мамиќ во Босна и Херцеговина и процедурите за барање екстрадиција, што властите на БиХ на крајот го одбија.
Последните неколку рочишта во февруари, март и април годинава беа одложени поради барањето на одбраната предметот да се префрли на Жупанискиот суд во Загреб.
Покрај Здравко и Зоран Мамиќ, во обвинението се и синот на Здравко, Марио Мамиќ, поранешниот директор на Динамо Дамир Врбановиќ, претприемачите Сандро Стипанчиќ и Игор Крота и менаџерот Ники Артур Вуксан.
Во обвинението од речиси 700 страници, УСКОК го обвинува Здравко Мамиќ дека од декември 2004 до декември 2015 година ги организирал другите обвинети во злосторничко здружување и дека со склучување фиктивни договори меѓу Динамо и неколку странски компании од Велика Британија, Швајцарија, Обединетите Арапски Емирати, Сент Винсент и Гренадини, Белизе, Хонг Конг, Гибралтар и Соединетите Американски Држави и со издавање фактури за плаќање на непостоечки услуги за трансфери на играчи, кои Динамо ги платил, го оштетил клубот за повеќе од 144 милиони куни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Драматична трка во нордиска комбинација, победи Офтебро
Победниот во нордиската комбинација (скокови од малата скокалница и 10 км трчање) беше решен во трилер-завршница. На крајот, златото го освои Норвежанецот Јенс Лурас Офтебро.
По скоковите на малата скокалница, Естонецот Кристијан Илвес беше прв. Тој имаше солидна предност пред двата најголеми фаворити, лидерот во генералниот пласман на Светскиот куп Австриецот Јоханес Лампартер (21 секунда) и Норвежанецот Јенс Лурас Офтебре (28 секунди).
Но, уште од самиот почеток на скијањето во крос-кантри на 10 км, беше јасно дека Илвес нема долго да биде во водство. Група од шест натпреварувачи, предводени од Офтебро, го фатија на половина од трката.
Групата од седум натпреварувачи беше компактна до последниот километар. Потоа Офтебро направи потег и се одвои. Но, неговото темпо го следеше лидерот во генералниот пласман на Светскиот куп Јоханес Лампартер и му дишеше во вратот до целта. Во последните 50 метри им се придружи и Финецот Еиро Хирвонен. Сите тројца влегоа на целта со минимално растојание, но на крајот, Офтебро заштеди доволно гориво во резервоарот и на крајот победи со време од 29:59,4.
Лампартер го освои сребрениот медал една секунда зад него, додека бронзата му припадна на Хирвонен, 2,5 секунди зад лидерот.
Foto/ EPA
Спорт
Сноубордер на ЗОИ со две фрактури на вратот итно хоспитализиран
Камерон Болтон (35), сноубордер од Австралија, го скрши вратот кога падна за време на тренингот на Зимските олимписки игри. Веднаш бил префрлен со хеликоптер во болница во Милано.
Болтон падна за време на тренингот во сноуборд крос во Ливињо. Иако успеал веднаш по падот да ја напушти патеката, следниот ден се разбудил со силна болка во вратот.
Дополнителните тестови покажаа две фрактури, по што итно е префрлен со хеликоптер за понатамошно лекување.
„Кам сакаше неговите сонародници да знаат што се случува и дека е добро и дека за него се грижиме на најдобар можен начин. Тој е свесен колку сериозно пристапуваме кон неговата ситуација и комуникацијата беше одлична. Горда сум на нивото на грижа што ја доби“, рече Алиса Камплин од Австралискиот олимписки комитет.
Болтон освои сребро во мешан тимски сноуборд крос на Светското првенство минатата година со Миа Клифт.
Спорт
Влаховиќ бара 15.000.000 евра само за потпис на договорот
Според информациите од италијанските медиуми, повеќе нема да има преговори меѓу Душан Влаховиќ и челниците на Јувентус, околу нов договор. Сигурно е дека српскиот напаѓач, во јуни како слободен играч ќе го напушти клубот.
Весникот „Коријере дело Спорт“ денес донесе информации, околу финансиските барања на Влаховиќ кога станува збор за следниот договор.
Според нивните информации, српскиот фудбалер бара 10.000.000 евра годишна плата, како и бонус за потпис од 15.000.000 евра.
Дури и сега, со 12.000.000 евра годишна заработка, Влаховиќ е меѓу најплатените фудбалери во Серија А и е убедливо најплатениот во клубот.
Во преговорите околу новиот договор, Јувентус се обиде да ја намали таа сума, но да му понуди договор на Србинот на неколку години, така што намалувањето на платата би било компензирано, но тој ја одби таа понуда.
Како што тврди „Кориере“, Влаховиќ ги претпочита Баерн и Барселона како опции, кои најмногу се споменуваат во последните шест месеци.
Foto/ depositphotos

