Спорт
Почина легендарниот тренер Јанко Лукоски
Тажната вест пристигна од Нови Сад. На 78-годишна возраст почина Јанко Луковски, легендарен македонски кошаркар и познат тренер во поранешна Југославија, особено во Македонија и Србија.
Луковски потекнува од кошаркарската школа на Работнички во Скопје, каде прво со голем успех играше заедно со својот брат Митко, а потоа стана одличен тренер во својот матичен клуб.
Познатиот тим од скопски Градски парк со стратегот Луковски ги оствари двата најголеми успеси во историјата на клубот во поранешна СФРЈ, во сезоната 1991/92 го освои третото место во националното првенство, кое и тогаш важеше за едно од најсилните во Европа. Неполни десет години пред тоа го предводеше Работнички до финалето на Купот на Југославија (1983 година), во кое беа поразени од Цибона.
Од 1982 до 1986 година ја водеше, понекогаш самостојно, а повремено и како помошник на Русмир Халиловиќ, јуниорската, кадетската и младинската репрезентација на Југославија, во која тренираше асови како Дражен Петровиќ, Јуре Здовац, Жарко Паспаљ, Миодраг Пецарски, Данко Цвјетичанин, Велимир Перасовиќ, Зоран Сретеновиќ…
Пред две децении тој ја основа познатата кошаркарска школа „Спорт Ки“ во Нови Сад.
Пред неколку години ја имаше својата последна функција во македонската кошарка, како советник за помлади категории во Македонската кошаркарска асоцијација и во младинската школа МЗТ Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
По три години во пензија, Пике се враќа во професионалниот фудбал
На самиот крај на 2025 година, од Шпанија пристигнува сензационална вест, Џерар Пике реши да се врати во професионалниот фудбал, иако неговата кариера заврши на крајот од 2022 година.
Пике нема да игра во Кралската лига на фудбал 7 на 7, која самиот ја основа, туку се враќа во натпреварувачки ритам, во втората дивизија на Шпанија (Сегунда).
Поранешниот столб на одбраната на Барселона и шпанската репрезентација, потпиша за ФК Андора, клубот што го поседува од 2018 година, кога од петтата дивизија го презеде преку компанијата Космос.
Според каталонските медиуми, Пике би можел да дебитира на 4 јануари 2026 година, на гостувањето против АД Сеута во 20-то коло од второлигашкото натпреварување.
Поранешниот шпански репрезентативец одигра 102 натпревари и постигна пет гола во дресот на „црвената фурија“, а воедно остави неизбришлива трага во Барселона.
За време на збогувањето со фудбалот на „Камп Ноу“ во ноември 2022 година, тој им порача на навивачите дека еден ден ќе се врати, нагласувајќи дека никогаш нема да ја напушти Барселона.
Покрај враќањето на теренот, Пике продолжува да привлекува внимание со своите ставови за модерниот фудбал. Неодамна, во подкастот на Икер Касиљас, тој повторно зборуваше за потребата од промени, сугерирајќи дека натпреварите што завршуваат со резултат 0:0 не носат бодови за ниту еден тим, бидејќи, како што истакнува, фудбалот мора да остане пред сè – забава.
Враќањето на еден од најголемите дефанзивци на Барселона во овој век сигурно ќе го означи почетокот на 2026 година и ќе привлече големо внимание од јавноста и фудбалските фанови низ цела Шпанија.
Foto/ depositphotos
Спорт
Реал без најдобриот ќе влезе во 2026 година
Реал Мадрид во новата 2026 година ќе влезе без својот најдобар играч и стрелец, Килијан Мбапе.
Како што потврдија бројни извори, Мбапе претрпел повреда на лигаментите на коленото, повредата не е сериозна, но тој ќе мора да отсуствува три недели.
Ова значи дека Французинот ќе пропушти најмалку четири натпревари, гостувањето на Бетис на „Сантијаго Бернабеу“, а потоа и турнирот во Суперкупот на Шпанија, полуфиналето со Атлетико Мадрид на 8 јануари, како и потенцијалното финале со Барселона или Атлетик Билбао.
По враќањето од Саудиска Арабија, Реал Мадрид го пречекува Леванте на 17 јануари, а потоа Монако на 20-ти во Лигата на шампионите.
Во најдобар случај, Мбапе ќе биде подготвен за незгодното гостување кај Виљареал на 25 јануари.
Мбапе е најдобриот играч и стрелец на Реал Мадрид, па неговото отсуство ќе биде голем удар за тимот на Чаби Алонсо.
Тој одигра 24 натпревари оваа сезона, постигна 29 гола и додаде пет асистенции.
Во негово отсуство, нападот ќе го предводат бразилскиот тандем Винисиус Жуниор – Родриго, како и младиот Гонзало Гарсија.
Foto/ depositphotos
Спорт
Кансело може да бира, Барселона или Интер
Жоао Кансело, поради лошиот однос што го има со тренерот Симоне Инзаги, донесе одлука да се врати во Европа.
Португалецот, нема долго да биде без клуб, прашање е само што ќе избере. За неговите услуги сериозно се заинтересирани Барселона и Интер.
Каталонците сакаат да имаат алтернатива за Жил Кунде, кој има голем број натпревари во своите нозе, но проблемот е финансискиот фер-плеј.
Затоа, ќе мора да бидат трпеливи за да видат како можат да го решат и да го доведат Кансело.
Ситуацијата внимателно ја следи Интер, кој бара замена за Дензел Дамфрис, бидејќи Холанѓанецот е повреден и нема да биде во тимот неколку месеци. Кристијан Киву инсистира на замена и дал зелено светло, клубот да тргне по Кансело.
Да ве потсетиме дека Португалецот дојде во Ал Хилал, пред 18 месеци од Манчестер Сити за 25.000.000 евра.
Foto/ freerangestock

