Спорт
Повеќекратен олимписки првак во пливање остана без место во репрезентацијата на САД
Повеќекратниот олимписки шампион, американскиот пливач Калеб Дресел, не успеа да избори пласман во националниот тим на претстојното Светско првенство во Фукуока.
Дресел не успеа да се квалификува за А финалето во две дисциплини, вклучувајќи го и денешниот квалификациски натпревар на 50 метри слободно, бидејќи заврши на 22. место за 22,72 секунди. Тој беше за 1,07 секунди побавен од Рајан Хелд, кој беше најбрз во квалификациите.
Тоа беше прво натпреварување за 26-годишниот Дресел откако минатото лето ненадејно го напушти спортот.
„Тој е среќен, тој е среќен што плива за првпат по долго време. Знаете дека среќниот спортист е брз спортист. Очигледно тој сè уште не е брз, но со оглед на околностите во кои се наоѓа, тој се подобрува”, изјави неговиот тренер Ентони Нести.
На Олимписките Игри во Токио, Дресел освои златни медали во две штафети на 4 x 100 метри слободно и мешано, 100 метри пеперутка, 50 метри и 100 метри слободно, додека на Игрите во Рио де Жанеиро во 2016 година освои две злата во две штафети 4 x 100 метри слободно и мешано.
Дресел стана првиот пливач по сонародникот Мајкл Фелпс кој освоил седум златни медали на Светското првенство во Будимпешта во 2017 година, а две години подоцна освои шест златни и два сребрени медали на Светското првенство во Гуангжу.
Дресел се врати во базените на крајот на февруари оваа година.
Светското првенство ќе се одржи во Фукуока од 14 до 30 јули.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Македонија со пораз од Данска го започна Европското првенство
Ракометната репрезентација на Македонија, со пораз го започна настапот на 17-то Европско првенство во Данска, Шведска и Норвешка. Во првото коло, во Б групата, Данска ја победи Македонија 36:24 (17:12).
Македонските репрезентативци, во Хернинг, дадода се од себе, но Данска го демонстрираше својот квалитет и покажа зошто е најдобриот тим во светот.
Македонија се држеше во првото полувреме, најмногу поради тактички добрата игра во нападот, одбраната не можеше да ги задржи ѕвездите на данската селекција.
Десет минути беше нерешено, а потоа Данците со молскавична серија 5:0 се одвоија на 8:3. Успеа Македонија да фати каков таков приклучок, намали на три гола и не реализира напад за минус два. На крајот првиот дел заврши 17:12.
Во вториот дел Данците го засилија темпото во одбраната, во првите 15 минути Македонија тешко доаѓаше до чисти позиции. Данците стекнаа двоцифрена предност и забележаа очекувана победа.
Најефикасни играчи во македонската репрезентација беа Серафимов со шест, односно Кузмановски и Митев со по четири гола. Најдобрите Данци, Питлик и Гидсел со девет осносно осум гола ја предводеа својата репрезентација.
Второто коло во Б групата на програмата е в недела, Македонија од 18 часот ќе игра против Португалија, а од 20.30 Данска ќе се соочи со Романија.
Foto/ EPA
Спорт
Тер Штеген пред трансфер во Џирона
Марк-Андре тер Штеген ќе ја напушти Барселона до крајот на преодниот рок. Германецот мора да брани доколку сака да биде во германската селекција на Мундијалот во САД, Мексико и Канада.
Според шпанските медиуми, речиси сè е договорено, германскиот голман да се пресели во Џирона. Тер Штеген ги прифатил условите, а сè што останува е клубовите да ги дефинираат деталите за позајмицата.
Тер Штеген го загуби местото како прв голман со доаѓањето на Џоан Гарсија, а се мачеше и со повреди во претходниот период.
Бидејќи сè уште има што да покаже, логичниот следен чекор беше да ја напушти Барса, засега само привремено, а ќе видиме на лето кои ќе бидат следните чекори.
Foto/ depositphotos
Спорт
Скандал на ЕП во ватерполо – Покрената е истрага поради обложување
Неколку ватерполисти од репрезентацијата на Малта се под истрага поради сомнение дека се обложувале на гол-разликата на натпреварот од Европското првенство против Црна Гора во Белград.
Информацијата ја објави порталот „Тајмс оф Малта“. Според истиот извор, по повод настанот е покрената истрага, а повеќе детали ќе бидат познати во наредните денови.
Селекцијата на Црна Гора го доби споменатиот дуел од групната фаза со резултат 21:12. Малта беше поразена во Белград од Франција (22:13), Унгарија (21:6), а денес во битката за пласман од 13-то до 16-то место го победи Израел 16:15.
Foto/ EPA

