Спорт
ПСЖ и Челси загубија, но влегоа во полуфиналето на Лигата на шампиони

Пари Сен-Жермен и Челси се првите два полуфиналисти во Лигата на шампионите, откако во реваншите успеаја да ја заддржат предноста од првото полувреме.
ПСЖ имаше повеќе од играта и шансите, но загуби од Баерн Минхен со 0:1, но 3:2 победата на гости им беше доволна да влезат во полуфиналето поради повеќе постигнати голови на гости, додека Челси по гостинската 2:0 победа над Порто, како домаќин во Севилја одиграа здодевен меч кој заврши 0:1 за гостите.
Тимот на Баерн пристигна ослабен на „Паркот на принцовите“ и со многу шпекулации во Германија околу конфликтот на тренерот Ханси Флик со спортскиот директор, Хасан Салихамиџиќ, но јасно беше дека минатогодишниот шампион не дојде со бело знаме кај фаворитите. Нејмар имаше посебно добар натпревар за ПСЖ, погодувајќи ја стативата и пречката во првото полувреме, но гостите успеаја да дојдат во водство во 43. минута, откако Ерик-Максим Чупо-Мотинг ја смести топката во мрежата на Кејлор Навас по ударот на Давид Алаба.
Во второто полувреме, ПСЖ повторно беше поконкретен – Нејмар во 53. минута не успеа да ја казни грешката на одбраната, а во 82. минута, голот на Килијан Мбапе беше поништен поради офсајд. Баерн тргнаа во потрага за голот, но нивното европско владеење на крајот заврши против тимот кого го победија во минатото финале. ПСЖ сега ќе го следат утрешниот меч на Манчестер сити и Борусија Дортмунд со интерес, бидејќи тоа е нивниот противник во полуфиналето.
Челси, пак, со убедлива 2:0 предност од првиот меч против Порто, играше „опуштено“ на „Рамон Санчез Писхуан“ во Севилја, во меч во кој во првото полувреме двата тима не успеаја да упатат ниту еден удар кон голот. Во самиот финиш на мечот, во 94. минута, Мехди Тареми постигна гол за 0:1 „пирова“ победа на Порто. Челси сега го чека противникот од подобриот од дуелот Реал Мадрид и Ливерпул.
ЛИГА НА ШАМПИОНИ, 1/4 ФИНАЛЕ, ВТОР МЕЧ
Пари Сен-Жермен – Баерн Минхен 0:1, прв меч 3:2, вкупно 3:3, ПСЖ одат понатаму поради повеќе голови во гости.
Челси – Порто 0:1, прв меч 2:0, вкупно 2:1
Ливерпул – Реал Мадрид 14.04, прв меч 1:3
Борусија Дортмунд – Манчестер сити 14.04, прв меч 1:2
ПОЛУФИНАЛЕ
Пари Сен-Жермен – Манчестер сити/Борусија Дортмунд
Реал Мадрид/Ливерпул – Челси
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Имобиле се врати во Серија А

Фото/ EPA-EFE/ERDEM SAHIN
Искусниот италијански напаѓач Чиро Имобиле (35) се враќа во Серија А.
Неговиот нов клуб е Болоња, тврди најпознатиот трансфер инсајдер Фабрицио Романо.
Имобиле ја помина претходната сезона во Бешикташ, одигра 30 натпревари и постигна 15 голови, потврдувајќи ја својата класа, но еден повик од неговата татковина го направи своето.
Чиро е играчот со најмногу титули „крал на стрелци“ во италијанското првенство, тој дури четири пати беше „Капоканониере“ на Серија А, еднаш во дресот на Торино, три пати како играч на Лацио.
Според Романо, тој ќе потпише едногодишен договор со Болоња со можност за продолжување за уште една сезона. Истиот извор претходно објави дека поранешниот играч на Јувентус, Федерико Бернардески, ќе се приклучи на Болоња ова лето.
Спорт
„Леброн е фрустриран поради Дончиќ“

Фото/ EPA-EFE/ALLISON DINNER
Американските медиуми шпекулираат дека работите се хаотични во соблекувалната на Лос Анџелес Лејкерс и дека Леброн Џејмс е фрустриран од Лука Дончиќ.
Според американскиот „Јаху“ и нивниот НБА инсајдер Џон Гамбадоро, ситуацијата во соблекувалната на Лос Анџелес Лејкерс не е баш најдобра и наводно има тензии.
Иако сè изгледа фантастично на паркетот, тој наведува дека нема добра хемија помеѓу Лука Дончиќ од една и Леброн Џејмс и Остин Ривс од друга страна.
„Леброн е фрустриран затоа што не сака да игра со Лука. Ривс не сака да игра со Лука. Не сака да ја добие топката две секунди пред крајот на нападот. Лејкерс дефинитивно треба да изградат тим околу Лука, а не околу Леброн. Сега ова е тим на Дончиќ. И двајцата ќе се вратат по летната пауза, но мора да се биде внимателен“, рече Гамбадоро.
Оваа информација е изненадувачка за многумина, но многумина ќе разберат дека на Леброн не му се допаѓа што Дончиќ е новото лице на франшизата и дека е навикнат да биде на местото на Лука.
Гамбадоро, исто така, праша дали Леброн има тешкотии со реалноста да го дели целото тоа внимание за прв пат во својата кариера и апострофираше дека Џејмс го фали Дончиќ и е единствениот соиграч кого не го критикувал.
Погледот на бројките на Ривс дава поинаква перспектива за нивниот однос. Во натпреварите без Лука минатата сезона, Ривс имаше просек од солидни 19,8 поени, 6,3 асистенции, 4,3 скока, 1,3 украдени топки, шутирајќи 45% од поле и 36,2% за три поени.
Кога играше покрај Лука, Ривс всушност ја зголеми својата продуктивност, постигнувајќи просек од 21 поен, 4,8 скока, 4,8 асистенции, додека шутираше подобро со 47,9% од поле и 40,2% за три поени.
Досега, доаѓањето на Дончиќ не му наштети на Ривс во офанзива. Напротив, се чини дека ја зголеми неговата ефикасност и бројот на поени. Поголемиот проблем кога двајцата беа заедно на теренот беше одбраната.
И Дончиќ и Ривс беа мета на противничките играчи, особено на Минесота Тимбервулвс во првото коло од плејофот, што придонесе елиминацијата на Лејкерси по пет натпревари.
Спорт
Квитова се збогува со Вимблдон

Фото/ EPA/DANIEL HAMBURY
Двократната шампионка Петра Квитова (35) загуби од Ема Наваро со 6:3 6:1 во првото коло на Вимблдон.
Тенисерката од Чешка беше ѕвезда по мечот, бидејќи се збогува со Вимблдон, има намера да посвети повеќе време на своето семејство.
„Честитки Ема. Жал ми е што не можевме да играме уште малку. На ова место се најубавите спомени што можев да ги посакам. Среќна сум што можев да играм на ова посебно место уште еднаш“, рече Квитова.
„Никогаш не сонував дека ќе го освојам Вимблдон, а го освоив двапати… Ќе ми недостига Вимблдон, ќе ми недостига тенисот. Но, подготвена сум за следното поглавје во мојот живот. Дефинитивно ќе се вратам тука како член на клубот“, заклучи Квитова.
Таа го освои Вимблдон во 2011 и 2014 година и заработи над 37 милиони долари само од тенисот.