Спорт
Ривалдо: Тажен сум кога гледам кој ни е 10-ка! (фото)
Аргентина синоќа во Ријад, Саудиска Арабија, во пријателски меч славеше против Бразил со 1-0. Поразот тешко му падна на легендарниот „кариока“ Ривалдо кој критиката ја упати кон селекторот Тите кој реши дресот со број 10 да му го довери на Лукас Пакета, фудбалерот кој ги брани боите на Милан.
Пакета поради лошата игра беше заменет уште на полувремето.
„Го гледав Бразил против Аргентина и тажен сум поради тоа што се случува со нашата „десетка“. Тие на мечот против Аргентина „десетката“ му ја дале на Лукас Пакета. Дрес кој се цени и почитува ширум планетата. Тој дрес не смее да седи на клупа во второ полувреме, затоа што тој дрес го носеле Пеле, Ривелињо, Зико, Ривалдо, Кака, Роналдињо, Нејмар. Не е негова вината, туку на тренерот. Тие знаат колкав носи бразилската „десетка“, а му ја дале на момче со 22 години. Тој има голем потенцијал и иднина во селекцијата, но сега се уште нема квалитет за 10-ка. Селекторот требаше да го заштити, да не игра во тој дрес затоа што знае дека не постојат пријателски натпревари меѓу Бразил и Аргентина“ – напиша Ривалдо на Инстаграм.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Тајрис Мекси „најмногу напредувал“
Тајрис Мекси од Филаделфија Севентисиксерс најмногу напредувал оваа сезона. Мекси, во изборот за оваа награда, во која гласаат 100 претставници на медиумите, доби вкупно 319 поени, само 14 повеќе од второпласираниот Коби Вајт од Чикаго Булс.
Третото место му припадна на турскиот центар Алперен Шенгун од Хјустон Рокетс, на кого шансата да ја добие наградата му ја уништи повредата, поради која ја заврши сезоната месец и половина порано од останатите.
Минатата година, честопати заменувајќи го Џејмс Харден во стартната петорка, Мекси навести експлозија во неговата четврта сезона во НБА.
По заминувањето на Харден во ЛА Клиперс, а особено по повредата на Џоел Ембид, Мекси стана прва опција во нападот на Филаделфија. Сезоната ја заврши со просек од 25,9 поени, 3,7 скока и 6,2 асистенции. За прв пат беше избран и за Ол-стар натпреварот.
Со доделувањето на оваа награда, НБА почна да ги објавува сите индивидуални награди за оваа сезона, вечерва ќе го прогласи најдобриот шести играч, утре најдобар клач, а викендот најдобар тренер на лигата.
Следната недела следува прогласување на најдобриот дебитант и одбранбен играч, а кулминација е прогласувањето на МВП и првата петорка на лигата.
Спорт
Барселона го продава Де Јонг
Фудбалскиот клуб Барселона го подготвува трансферот на Френки де Јонг. Клубот ќе ги разгледа понудите на заинтересираните за услугите на Холанѓанецот. Де Јонг поради повреда ја заврши сезоната, па не е исклучено дека настапот во Ел Класико (во неделата Барселона загуби 3:2 од Реал), да биде негиот последен меч во дресот на Барселона.
Локалните медиуми тврдат дека Чави Ернандез и неговиот стручен штаб повеќе не го сметаат Де Јонг за недопирлив во тимот. Наводно им станало јасно дека не може сам да игра во дефанзивниот ред за врска. Токму на оваа позиција Барселона планира да се засили во летниот преоден рок.
„Релево“ тврди дека Де Јонг е достапен за сум од 70 милиони евра. Тие пари потоа клубот би ги вложил во врвен заден играч за врска, а во оптек се неколку имиња: Мартин Зубименди (Реал Сосиедад), Џошуа Кимих (Баерн Минхен) и Андре Онана (Евертон).
Дополнително, Де Јонг е убедливо најплатен играч на Барселона, а неговата плата дополнително ќе се зголеми во сезоната 2024/25, бидејќи еднаш потпиша нов договор поради коронавирусот каде што неговите приходи постепено ќе се зголемуваат од година во година.
Де Јонг пристигна во Барселона во летото 2019 година од Ајакс за 75 милиони евра, а се чини дека никогаш не го достигна целиот свој потенцијал и не ја направи разликата според очекувањата. Исто така, планот беше тој да биде замена за Серхио Бускетс, но во Барселона најмногу играше како централен, а не како заден играч од средниот ред.
Холанѓанецот претходно беше мета на Баерн Минхен, Пари Сен Жермен и Манчестер Јунајтед.
Спорт
Шпанскиот суд ја блокираше сметката на Пике
Шпанскиот суд нареди замрзнување на банкарската сметка на компанија со која раководи Жерар Пике, додека трае истрагата за бизнис зделката за преместување на Суперкупот во Саудиска Арабија.
Судот ги потврди извештаите на локалните медиуми дека истражниот судија Делија Родриго постапил по барањето на државниот обвинител за замрзнување на банкарска сметка на компанијата „Космос“, чии основач и управител е Пике.
Шпанската полиција го уапси поранешниот претседател на Фудбалскиот сојуз на Шпанија, Луис Рубиалес претходно овој месец како дел од истрагата за корупција и активности за перење пари за време на неговиот мандат.
Уште седум лица беа уапсени во март кога полицијата изврши претрес во канцелариите на Сојузот во Мадрид и домот на Рубиалес во Гранада.
Рубиалес го „пресели“ домаќинството на Суперкупот од Шпанија во Саудиска Арабија во 2020 година, со договор наводно вреден 40 милиони евра по турнир. Пике, кој во тоа време играше за Барселона и играше во Суперкупот на Шпанија, помогна да се заврши договорот преку неговата компанија „Космос“.
Државните обвинители започнаа истрага за договорот во 2022 година, откако беа обелоденети аудио снимки од разговори помеѓу Рубиалес и Пике во врска со провизија од неколку милиони долари.
Во меѓувреме Пике се повлече од фудбалот, а доживеа бродолом и во приватниот живот, бидејќи се разведе од колумбиската поп-ѕвезда, Шакира.
Космос се вклучи и во „реновирањето“ на тенискиот Дејвис куп, а лансираше и алтернативно фудбалско натпреварување – Кралската лига во Шпанија.
Рубиалес поднесе оставка во септември откако предизвика меѓународен скандал бакнувајќи ја во уста Шпанката Џени Хермосо, без нејзина дозвола, за време на церемонијата на доделување медали на Светскиот куп за жени во Сиднеј, каде Шпанија го освои првото место.