Спорт
Роналдо: Никогаш не сум свртел грб на Португалија
Кристијано Роналдо, конечно, се јави по елиминацијата на Португалија во четврт-финалето на СП во Катар по 1:0 поразот од Мароко, велејќи дека никогаш не свртел грб на својата татковина и покрај сите шпекулации кои ги имаше во португалската и светската јавност.
Мундијалот во Катар нема да остане во најдобро сеќавање на CR7, откако тој по конфликтот со селекторот Фернандо Сантош беше пратен на клупата во осминафиналето против Швајцарија, кога Португалија стигна до лесна 6:1 победа, но и против Мароко во четврт-финалето, каде што влезе во игра во второто полувреме, кога веќе губеа со 1:0. Португалските медиуми беа полни со обвинувања дека тој одбивал да тренира, до заканите дека ќе си замине од Мундијалот предвреме, но Роналдо, откако се изнаплака по вчерашната елиминација се јави со емотивен пост на Инстаграм.
„Освојувањето на СП со Португалија беше мојот најголем и најамбициозен сон во кариерата. За жал, по освојување на многу титули на интернационално поле, вклучувајќи ја и Португалија, сонот се урна вчера. Се борев, се борев силно за овој сон. Во пет настапи давав голови на СП во 16 години, секогаш покрај големи играчи и со поддршка на милиони Португалци. Дадов се што имав. Никогаш не бегав од битката и никогаш не се предадов о тој сон. За жал, тој сон заврши и не вреди да се реагира во жештината на моментот. Сакам само да знаете дека многу работи се кажаа, се напишаа, се шпекулираа, но мојата посветеност кон татковината остана иста. Секогаш се борев за заедничката цел и никогаш не го свртев грбот на моите соиграчи и на мојата земја. Нема многу што да се каже сега. Благодарам Португалија, благодарам Катар. Сонот беше убаав додека траеше. Сега, времето ќе биде добар пријател и сите ќе можат да си ги кажат своите заклучоци“, објави Роналдо.
Во моментов Роналдо е без клуб по раскинот на соработката со Манчестер јунајтед.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Чешка го слави 19-годишниот Методеј Јилек
Со спектакуларно лизгање, Методеј Јилек и го донесе вториот златен медал за Чешка на Зимските олимписки игри во Милано.
Во трката на 10.000 метри во брзо лизгање, тој ја запре штоперицата на 12:33,42 и го постигна најубедливиот триумф во досегашниот тек од натпреварите во оваа дисциплина.
За чешкиот тинејџер, кој има само 19 години, ова е втор медал во Милано. Тој веќе го освои среброто на 5.000 метри.
Во сенка на сензационалниот Чех остана Полјакот Владимир Семируниј, кој стигна до среброто со заостанување од 5,65 секунди, додека бронзата му припадна на ветеранот, 40-годишниот Холанѓанец, Јорит Бергсм.
Foto/ EPA
Спорт
Игор Тудор ќе го води Тотенхем
Хрватскиот тренер Игор Тудор се согласи да ја преземе клупата на Тотенхем како привремено решение до крајот на сезоната. Тудор доаѓа откако Томас Франк беше отпуштен претходно оваа недела по лошата серија резултати што го остави клубот на 16-то место во Премиер лигата, само пет бода над зоната за испаѓање.
Извори велат дека одборот на Спарс сакал да назначи привремен менаџер пред играчите да се вратат на тренинзите во понеделник.
Последниот ангажман на Тудор беше во Јувентус, каде што помина седум месеци. Тој го презеде тимот во март минатата година како привремен тренер и забележа само еден пораз во девет натпревари до крајот на сезоната, обезбедувајќи му мест на клубот во Лигата на шампионите. Тој успех му донесе долгорочен договор.
Откако беше елиминиран во осминафиналето на Светското клупско првенство од Реал Мадрид, Јувентус ја отвори сезоната во Серија А со три победи, но следеше серија од осум натпревари без победа во сите натпреварувања. Тој беше отпуштен во октомври 2025 година по поразот од Лацио, оставајќи го клубот на осмото место на табелата.
Сепак, ситуацијата за следната сезона сè уште не е целосно дефинирана. Италијанскиот новинар Фабрцио Романо наведува дека Роберто Де Зерби и Маурисио Покетино се главните кандидати за трајно решение на клупата на Тотенхем по завршувањето на актуелната сезона.
Тудор го презема тимот во деликатен момент, со задача да го стабилизира тимот и да го извлече максимумот од сезоната, додека раководството ќе донесе конечна одлука за долгорочниот проект на лето.
Foto/ depositphotos
Спорт
Брентфорд го продолжи договорот со Игор Тијаго
Бразилскиот фудбалер Игор Тиаго го продолжи договорот со Брентфорд, објави англискиот клуб.
Со новиот договор, Тиаго би можел да остане во редовите на Премиер лигата до летото 2031 година, со можност за продолжување на соработката за уште една сезона.
Веста за продолжувањето доаѓа откако Премиер лигата го прогласи за најдобар играч во јануари. Тиаго постигна пет гола на пет натпревари во јануари, со што ја освои наградата за најдобар играч на месецот во Премиер лигата по втор пат оваа сезона.
Во тој период, Брентфорд забележа две победи, едно реми и два порази, и моментално е на седмото место на табелата во Премиер лигата со 40 бода.
Тиаго (24) пристигна во Брентфорд во 2024 година од Клуб Бриж, а пред тоа играше за Лудогорец и Крузеиро.
Бразилскиот фудбалер одигра 26 натпревари за англискиот клуб во сите натпреварувања оваа сезона и постигна 18 голови.
Foto/ depositphotos

