Спорт
„Роналдо во Јувентус сакаше да покаже дека е посилен од Реал Мадрид“
Еден од легендарните фудбалери на Јувентус, Џорџо Кјелини, во интервју за домашен подкаст зборуваше за времето кога Кристијано Роналдо пристигнал во Торино. Летото во 2018 година, Роналдо за 117 милиони евра од Реал пристигна во Јувентус.
„Неговиот карактер во тешките моменти ме импресионираше. За време на неговата прва година во Јувентус сакаше да го стресе целиот свет и да им покаже на сите дека е поголем од целиот Реал Мадрид“, изјави Кјелини за подкастот „БСМТ“.
Сезоната беше таква што Јувентус ја имаше можеби најголемата шанса да дојде до европската титула, на крајот сето тоа заврши со елиминација од Ајакс веќе во четвртфиналето.
„Немавме среќа со повреди и тој пораз од Ајакс навистина тешко ни падна. Да го поминевме Ајакс и да стигневме до финалето, Роналдо ќе не водеше до титулата“.
Кјелини не крие дека годините полека го земале данокот на играта на Кристијано, но дека тоа не е главната причина поради која Јувентус речиси 30 години нема титула во Лигата на шампионите.
„Во следната сезона падна квалитетот во неговата игра, поради годините повеќе не можеше да го носи тимот на својот грб. Тој беше црешата на врвот на тортата, но му недостасуваше поголема торта“.
И покрај ова, Кристијано го заврши престојот во Јувентус со две Скудета, два Суперкупа на Италија и еден Куп. Тој постигна 101 гол на 134 натпревари и стана 14-ти најефикасен стрелец во историјата на клубот.
„Го ценивме неговиот напор и посветеност. Тој е мултинационален играч, но одлично се вклопи во тимот. Не е како другите и не може да биде. Не можеше да бараш од него да одите на ручек, но на теренот никогаш не разочара. Дури ни на тимските вечери. Имаше почит кон сите, беше опседнат да се грижи за своето тело и како да го сочува што подолго. И денес сака да постигнува голови, да победува и да освојува трофеи. Ми беше чест да бидам негов капитен во Јувентус и да живеам дел од мојата кариера со таков шампион“, изјави Киелини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Гарабаја го напушти Еурофарм Пелистер, в.д тренер ќе биде Шундовски
Шпанскиот стручњак, Рубен Гарабаја, повеќе не тренер на Еурофарм Пелистер. Гарабаја поднесе оставка, два дена по поразот од Загреб во Лигата на шампионите. Претходно, тимот одигра нерешено до Алкалоид во домашното првенство. Оставката на Гарабаја дојде во незгоден момент за Еурофарм Пелистер, бидејќи викендов го играат дебито со Вардар 1961.
„Сакам да потенцирам дека по натпреварот со Алкалоид не почувствував поддршка од амбиентот. Очекував реакција во Загреб, но со оглед на тоа што таа реакција не дојде, се одлучив да ја понудам мојата оставка. Сметам дека мое заминување во овој момент ќе предизвика позитивна реакција кај тимот и ракометарите. Сакам да им се заблагодарам на сите ракометари, со кои имам одличен однос, и да им посакам успех во продолжение на сезоната. Голема благодарност до клубот за ова мое искуство и многу среќа во иднина“, се наведува во оставката на Шпанецот.
Клубот експресно реагираше и соопшти дека до крајот на полусезоната, екипата ќе ја предводи клупскиот директор, Звонко Шундовски.
Foto/ EPA
Спорт
„Ван Дајк е виновен за се она што му се случува на Ливерпул, а него никој не го критикува“
Поранешниот играч од средниот ред на Челзи, сега стручен коментатор на „ESPN“, Крег Барли, остро го критикуваше капитенот на Ливерпул, Вирџил ван Дајк. Тој тврди дека формата на Холанѓанецот е најголемиот проблем што го мачи тимот оваа сезона. Реакцијата на Барли дојде откако Ливерпул неочекувано одигра нерешено (1:1), на домашен терен против Сандерленд.
Шкотскиот аналитичар истакна дека премногу внимание се посветува на другите играчи, додека проблемите на Ван Дајк се занемаруваат.
„Преку глава ми е да седам тука и да слушам луѓе како велат дека Мо Салах не игра добро, дека Флоријан Вирц не се снаоѓа во новиот клуб, за Александар Исак, Екитике и дека динамиката на средниот ред се променила. Ван Дајк е барометар за тоа што не е во ред оваа година“, нагласи Барли.
„Тој треба да биде лидер. Цела го фрла Керкез под автобус и ги крева рацете во воздух. Тој прави исто толку грешки како и секој друг играч. На секој натпревар, можете да го гледате и да се прашувате што прави.“
Берли верува дека Ван Дајк е директно одговорен за голот што го постигна Чемсдин Талби (Сандерленд).
„Тој прави сè погрешно. Додава, не го затвора просторот и го врти грбот како кукавица. Тоа е едноставно апсолутно лудо. Никој не го критикува и вината е на сите други.“
Foto/ EPA
Спорт
29 фудбалери приведени во Турција за местење натпревари
Турските власти, во петокот наредија апсење на 46 лица, вклучувајќи 29 фудбалери, како дел од широка истрага за местење натпревари, објави обвинителството во Истанбул.
Меѓу уапсените е и Метехан Балтаџи, играч на Галатасарај, актуелниот трикратен шампион на Турција, а обвинителството не ги откри идентитетите на другите 26 фудбалери. Мерт Хакан Јандаш, играч на Фенербахче, уште еден голем клуб од Истанбул, е осомничен за обложување на разни натпревари преку трето лице.
Обвинителите, открија дека досега се уапсени 35 од 46 барани лица, исто така наредиле апсење на претседателите на два клуба осомничени за „обид да влијаат на исходот“ од натпревар меѓу нив во третата лига во сезоната 2023/2024.
Истрагата на обвинителството во Истанбул, која го тресе турскиот фудбал, веќе доведе до притворање на шест судии и претседателот на Ејупспор, клуб од првата лига, на почетокот на ноември.
Турската фудбалска федерација (ТФФ), која тврди дека сака да го „исчисти“ турскиот фудбал, суспендираше речиси 150 судии неколку дена претходно откако беа прогласени за виновни за обложување на натпревари.
Дваесет и пет играчи во првата лига и речиси 1.000 други кои играат во втората, третата и четвртата дивизија, исто така, добија суспензии до дванаесет месеци во ноември.
Foto/ EPA На фотографијата: Метехан Балтачи (Галатасарај)

