Спорт
Русија нема право на настап на Олимписките игри, но сака да биде домаќин
Рускиот министер за спорт и претседател на Рускиот олимписки комитет, Михаил Дегтјарев, изјави дека Русија е подготвена да организира трети Олимписки игри. Во интервју за ТАСС најави дека Москва повторно ќе поднесе кандидатури за организација на летните и зимските Олимписки игри.
Тој нагласи дека Русија веќе двапати покажала дека може да организира натпревари „на највисоко ниво“. Според него, земјата наскоро ќе ги обнови односите со Меѓународниот олимписки комитет (МОК), потенцирајќи го руското гостопримство и развиената инфраструктура.
„Луѓето сѐ уште се сеќаваат на Светското првенство во фудбал во Русија. Се сеќаваат колку Русија беше гостопримлива, како луѓето се забавуваа и навиваа во Москва, Екатеринбург, Казањ, Волгоград, Калининград и други градови“, рече Дегтјарев.
Според него, олимпиското движење треба да ги обединува луѓето и не треба да постојат никакви бојкоти.
„Во 1980 година нам ни објавија бојкот, а подоцна и ние бојкотиравме. Сето тоа беше погрешно, исто како што е погрешна и денешната дискриминација врз нашите спортисти врз основа на националност. Тоа треба да престане“, додаде тој.
Претходно беше објавено дека руските гимнастичари и судии се враќаат на меѓународните натпреварувања, но ќе настапуваат под неутрален статус.
Руските спортисти во моментов немаат право да настапуваат на Олимписките игри под името, знамето или химната на Русија поради санкциите воведени по инвазијата врз Украина. Сепак, во ограничен број и под строги услови, одредени руски спортисти може да се натпреваруваат како „Индивидуални неутрални спортисти“, како што беше случајот на Игрите во Париз минатата година.
За да добијат дозвола за учество, не смеат да имаат никаква поврзаност со руската војска или безбедносни служби, не смеат јавно да ја поддржуваат руската агресија врз Украина и мора да поминат процес на проверка од страна на МОК.
Олимписките игри во Русија досега се одржале двапати: летните во Москва во 1980 година и зимските во Сочи во 2014 година.
Фото: ЕПА
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Тиаго Силва се враќа во Европа
Иако минатото лето се чинеше дека ќе стави крај на својата богата кариера во Флуминензе, Тијаго Силва ги промени своите планови.
Легендарниот бразилски стопер, по 15 години поминати во европскиот фудбал, се врати во својата татковина со идеја да се пензионира по шест месеци. Тој дел од планот сè уште стои – но каде ќе заврши кариерата веќе не е сигурно.
Имено, Силва (41) сериозно размислува за враќање во Европа, веќе во текот на претстојната зима. Главната причина е Светското првенство во 2026 година.
Искусниот дефанзивец сака да го импресионира селекторот на Бразил, Карло Анчелоти, и верува дека играњето во европскиот фудбал, дури и ако тоа се само неколку месеци, значително би ги зголемило неговите шанси да биде во составот за Светското првенство во САД, Канада и Мексико.
Заедно со спортските, постојат и приватни причини. Семејството на Силва моментално живее во Лондон – сопругата и децата останаа во Англија бидејќи најмалите се дел од академијата на Челзи – што дополнително ја поттикнува идејата за враќање на Стариот континент.
Ситуацијата во Флуминензе, исто така, придонесе за пресвртот. Клубот беше елиминиран од Купот на Бразил откако беше поразен од Васко де Гама, во Серија А го освои петтото место, а сега се очекува да настапи во првенството на Кариока, што не претставува предизвик што Силва го бара на крајот од кариерата.
Силва веќе се збогува со своите соиграчи во соблекувалната по испаѓањето од купот, што дополнително ги разгоре шпекулациите.
Foto/ depositphotos
Спорт
Левандовски ке ја „жртвува“ платата за да остане во Барселона
Роберт Левандовски не сака да ја напушти Барселона и верува дека сè уште има вештини да остане барем уште една сезона.
Според денешните информации од каталонските медиуми, неговиот агент Пини Захави бил во Барселона за време на викендот и во таа прилика се сретнал со Џоан Лапорта.
Не е тајна дека Захави и Лапорта се во одлични односи, па Левандовски сакал да го искористи тоа за што поскоро да го дознае својот потенцијален статус, но и да порача преку својот менаџер дека е подготвен да прифати значително намалување на платата за да остане до летото 2027 година.
Кога Полјакот пристигна во Барселона во летото 2022 година како профилиран напаѓач и еден од најдобрите во Европа, тој доби огромна плата, која дури и растеше со текот на времето, па сега е убедливо најплатен во тимот, иако е и најстар.
Левандовски е под договор до јуни 2026 година и сака да потпише за уште една сезона со значително намалување на платата, што би можело да биде клучен чекор во преговорите со Лапорта.
Да потсетиме, Барселона сè уште има проблем со финансискиот фер-плеј, и не е во можност да сонува за скапи засилувања, а Левандовски ја прифаќа улогата од клупата и да биде план Б, зад Феран Торес.
Спорт
Зидан се договорил со Фудбалската федерација на Франција
Зинедин Зидан постигнал договор да ја преземе француската репрезентација, тврди фудбалскиот инсајдер Фабрицио Романо.
Многу пати, познатиот фудбалер нагласувал дека негов голем сон е да ја води фудбалската репрезентација на Франција.
Сонот ќе му се оствари, бидејќи Зидан се смета за единствен наследник на Дидие Дешан на таа позиција.
Дешан веќе објави дека ќе се повлече од селекторската позиција по Светското првенство, и може да се каже дека Зидан е најблиску до селекторската функција.
Поранешниот светски и европски шампион со француската репрезентација во својата кариера го водеше само Реал Мадрид, со кого успеа да освои три последователни Лиги на шампиони, што никој друг не успеа.
Од 2021 година, кога се раздели со „кралскиот клуб“, во својот втор мандат, тој немал клуб.
Foto/ depositphotos

