Спорт
Сега и официјално – Самсоненко крева раце од Вардар!
Тоа за што подолго време се шпекулира, денеска е и официјално потврдено – рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко по седум години на чело на РК Вардар, си заминува од клубот.
Во објава на официјалната веб-страница на РК Вардар, Самсоненко со соопштение вели дека по големите средства што ги вложил во клубот и ветената помош, не може да продолжи со финансирањето на клубот.
Под водство на Самсоненко, РК Вардар стигна до титулата европски шампион во 2017 година, освои 4 титули од регионалната СЕХА-лига, а ЖРК Вардар трипати беше бронзен, а двапати сребрен во големите европски финалиња.
Известувањето на Самсоненко во целост:
Почитувани граѓани, пријатели! Почитувана јавност!
Изминува веќе 7. година од моето раководење и финансирање на ракометот во државата почнувајќи од ЖРК Вардар во 2012 година и веќе во 2013 година приклучувајќи го и РК Вардар.
Од седумте години поминати во ракометот, за жал, изминува веќе третата година како јас лично се борам од ден на ден за издржување на клубот, со постојано задолжување и земање кредити. Покрај оваа борба што ја водам секој ден, зад мене има повеќе од 5.000 вработени во моите компании, кои ги издржувам со нивните семејства и кои не сакам да ги загрозувам, а веќе тоа се одразува со моето постојано задолжување за спортот.
Приходот што ракометниот клуб го има од страна на Европската ракометна федерација и од спонзори изминативе години не е ни 10 отсто од буџетот што јас го давам годишно.
Добив премногу ветувања дека за кратко ќе добијам помош за ракометот, но еве веќе, како што напоменав, измина и седмата година и таа помош ја нема.
Ова е причината поради која јас од следната сезона не сум во можност да продолжам со финансирањето на ракометниот клуб Вардар.
Во изминатите години РК Вардар како симбол на државата доминира во спортот. Вардар е и ќе биде национална гордост за секој граѓанин. Вардар стана европски првак во машка конкуренција во ЛШ во 2017 година и на нашата земја ѝ го донесе европското злато.
„Црвено-црните“, како што нè нарекуваат, ја освоија европската круна во Келн и никогаш нема да заборавам, ниту јас ниту сите граѓани, како во Скопје нè пречекаа илјадници луѓе и се поклонија за успехот на ракометарите.
Да не заборавиме дека 6 сезони во ЖРК Вардар донесоа: 6 првенствени титули, 5 купа на РМ, 5 учества во Лигата на шампионите, од кои трипати европска бронза и двапати го освоивме второто место.
Шест сезони во РК Вардар донесоа: 4 првенствени титули, 5 купа на РМ, 2 супер купа на РМ, 4 регионални СЕХА-титули, едно изгубено полуфинале во Лигата на шампионите и титулата со непроценливо значење – освојувачи на ЛШ во 2017 година.
Поради сето ова погоре, со ова мое искрено писмо отворено ги повикувам сите македонски бизнисмени да дојдат и да се приклучат кон финансирањето на ракометниот клуб.
Вардар е едната радост на нашата земја! Се надевам дека ова ќе допре до вашите срца и заедно ќе ја сочуваме нашата гордост!
Со почит,
Сергеј Самсоненко
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Јунајтед стави 11 играчи на трансфер листата
Манчестер Јунајтед игра уште една лоша. Поради тоа Сер Џим Ретклиф и останатите челници на „црвените ѓаволи“ донеле радикална одлука, во летниот преоден рок на продажба ќе биде половина од тимот.
Шестото место, 53 бодови и 24 бодови зад лидерот Арсенал по 33 одиграни натпревари сигурно никого не задоволува на „Олд Трафорд“.
Покрај тоа, клубот го загуби финалето на Лига купот и заврши на четвртото место во групата на Лигата на шампионите во конкуренција на Баерн, Копенхаген и Галатасарај.
Пред неколку дена Манчестер Јунајтед на „мускули“, по изведувањето пенали го елиминираше Ковентри во полуфиналето на ФА Купот. За трофејот ќе игра против Манчестер Сити на 25 мај на Вембли.
Поради тоа во клубот донеле радикална одлука. 11 играчи ќе бидат ставени на трансфер листата и ќе можат да го напуштат клубот во летниот преоден рок.
На списокот има Во него има неколку звучни имиња:
Арон Ван-Бисака
Виктор Линделоф
Хари Мегваер
Рафаел Варан
Касемиро
Кристијан Ериксен
Антони
Дони Ван де Бик
Џејдон Санчо
Ентони Марсијал
Маркус Рашфорд
Спорт
Судењето на Манчестер Сити ќе започне во „блиска иднина“
Првиот човек на Премиер лигата, Ричард Мастерс, изјави дека „во блиска иднина ќе се одржи рочиште за случајот со Манчестер Сити по сите 115 точки“.
Бен Рамсби, истражувачки новинар на англиски Телеграф, ја објави веста на својот профил на мрежата „Х“.
Со коментар дека „ова е најблиску до кое Мастерс дошол да спомне конкретен датум“.
Некои информации кои се појавија во јавноста на крајот на минатата година укажуваа дека судењето би можело да започне есента 2024 година.
Сити е обвинет по 115 точки од обвинението за повеќекратни финансиски прекршоци. Истрагата започна уште во 2018 година и продолжи до почетокот на 2023 година, а беа проверени и одлуките и работењето на клубот од сезоната 2009/10.
Што значи тоа „во блиска иднина“ останува да видиме. Судењето веќе е одложено поради откривање на нови докази и сведоци подготвени да сведочат.
Спорт
Ибрахимовиќ му препорача тренер на Милан
Златан Ибрахимовиќ (42) од оваа сезона е советник за спортски прашања во фудбалскиот клуб Милан. Легендарниот шведски центарфор учествува во обликувањето на спортската политика на клубот, а наскоро „росонерите“ ќе треба да одберат нов тренер. Стефано Пиоли го напушта клубот на крајот на сезоната по пет години и едно освоено Скудето.
Италијанските медиуми пишуваат дека Златан лобира функцијата да ја преземе Марк ван Бомел (47). Поранешниот холандски играч за врска го предводи белгиски Антверпен.
Ибрахимовиќ и Ван Бомел играа заедно за Милан од јануари 2011 до јуни 2022 година. Наводно клубот веќе стапил во контакт со тренерот.
Ван Бомел во кариерата самостојно ги водеше ПСВ и Волфсбург, а работеше и како асистент во репрезентациите на Австралија и Саудиска Арабија. Во својата кариера настапуваше за Фортуна Ситард, ПСВ, Барселона, Баерн и Милан, а кариера ја заврши пред 11 години како играч на ПСВ Ајндховен.
Раководството на Милан размислува уште неколку кандидати. Според „Газета дело Спорт“, најголеми фаворити се Пауло Фонсека и Хулен Лопетеги. Фонсека е 51-годишен Португалец кој моментално раководи со Лил, а две години работеше во Италија како тренер на Рома.
Лопетеги (57) оваа сезона е без работа откако се раздели со Волвс, додека најпознат е по менаџирањето на Шпанија, Реал Мадрид и Севилја.