Спорт
Селекторот Павличевиќ повика 24 одбојкари на подготовките во Маврово

Новиот селектор на одбојкарската репрезентација на Македонија, Ратко Павличевиќ, повика 24 одбојкари за прозивката утре во Маврово, на почетокот на подготовките пред стартот на Сребрената Европска лига 2022.
На техничарската позиција се повикани Ѓорѓи Ѓорѓиев, Филип Деспотовски, Ефтим Ричлиев и Давид Стојанов, коректори се Никола Ѓорѓиев, Стојче Арсов и Стефан Алексов, а на позицијата примач ќе конкурираат Владо Милев, Александар Љафтов, Стојан Илиев, Лука Костиќ, Васе Михаилов и новаците Блертон Бафтијари од Шкендија, Ангел Бошков од Универзитет во Тетово и Оливер Куновски од Борец.
Филип Маџунков, Ристо Николов, Филип Савовски, Славе Наков и Филип Лепидовски се блокери, а шанса добија и Михајло Мирасчиев од Штип УГД и за Христијан Андоновски од Борец.
Дарко Ангеловски и Костадин Ричлиев се повикани на позицијата либеро.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Вележ од Мостар го освои првиот трофеј од 1986 година!

Вележ го совлада Сараево по изведувањето на пенали за да го освои Купот на Босна и Херцеговина, прв трофеј за славниот клуб од Мостар од далечната 1986 година.
По регуларните 90 минути, резултатот беше 0:0, по што Вележ беше подобар во пенал-рулетот на стадионот „Билино Поље“ во Зеница.
Ова е прв трофеј за Вележ од 1986 година, кога го освоија вториот Куп на Југославија со 3:1 победа над Динамо Загреб.
Спорт
Чистката во Јуве продолжува: Мората и Бернардески следни на списокот

Јувентус по најавената разделба со Пауло Дибала решил да се ослободи и од Алваро Мората и од Федерико Бернардески продолжувајќи го ремонтот на тимот по неуспешната сезона.
Според „Марка“, Јуве веќе му соопштил на Мората дека нема да го откупи неговиот договор од Атлетико Мадрид и покрај тоа што Шпанецот веќе две сезони е во Торино како постојан играч. „Старата дама“ имаше шанса да го направи трансферот постојан за 35 милиони евра, но наместо тоа, Мората ќе бара нов тим.
Мората беше во Јувентус од 2014 до 2016 кога освои две титули од Серија А, а беше дел и од финалето на ЛШ против Барселона. Тој се врати во Реал Мадрид, со кој ја освои ЛШ во 2017 година по што играше во Челси и Атлетико пред да се врати во Торино.
Според „Фудбал Италија“, и на Бернардески му било соопштено дека ќе треба да си побара нов тим кога ќе заврши договорот, иако тој се надевал на нов договор. Бернардески беше цел на повеќе европски клубови додека беше фудбалер на Фиорентина пред во 2017 година да премине во Јуве за 40 милиони евра. Тој има 182 настапа и 12 гола за Јуве.
Спорт
Барса со нова победа над Флензбург патува на Ф4

Барселона им се приклучи на Веспрем и Кјелце на фајналфор-турнирот во ЕХФ Лигата на шампионите откако и во реваншот на домашен терен со 27:24 го совладаа Флензбург. Актуелниот десеткратен европски шампион имаше предност од четири гола од првиот меч (33:29).
Пред домашната публика во „Палау Блауграна“, Барса бргу дојде до 6:3 предност, но гостите покажаа дека дојдоа да се надигруваат успевајќи да израмнат на 6:6 и потоа да го преземат водството. Барселона не успеа резултатски да се одлепи до последните минути од мечот кога Јанц и Циндриќ со серија ја обезбедија клучната предност.
Дика Мем беше најефикасен за Барса со 6 гола, Јусеф Бен Али имаше 5, Лука Циндриќ 4, а за Флензбург, Хампус Ване, заврши со шест гола.
Кил ќе се обиде да обезбеди барем еден германски тим на Ф4 во Келн кога вечерва ќе го пречека Пари Сен-Жермен откако на првиот меч во Франција беше израмнето (30:30).
ЕХФ ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ, 1/4 ФИНАЛЕ
Барселона – Флензбург 27:24 (10:10), прв меч 29:33
Кил – Пари Сен-Жермен 20.45 ч, прв меч 30:30
Вчера играа:
Алборг – Веспрем 31:30 (20:21), прв меч 29:36
Кјелце – Монпелје 30:22 (15:8), прв меч 31:28