Спорт
Семењо во Сити, ќе го носи бројот 42
Манчестер Сити го комплетираше трансферот што им дава дополнителна надеж дека можат да ја освојат титулата оваа сезона.
Од денес и официјално, Антоан Семењо е нов играч на „Граѓаните“. На сметката на Борнмут се уплатени 75.000.000 евра, што дефинитивно е најголемиот трансфер во овој преоден рок.
Семењо се збогува со својот поранешен клуб на уникатен начин, со гол за победа против Тотенхем (3:2), во 95-та минута.
„Го гледав Сити во текот на последната деценија под водство на Пеп Гвардиола и тие беа доминантен тим во Премиер лигата, со неверојатен успех во Лигата на шампионите, ФА Купот и Лига Купот. Тие поставија највисоки стандарди и тоа е клуб со играчи од светска класа, одлични услови и еден од најголемите тренери на сите времиња – Пеп.
Имам огромен простор за напредок, па затоа доаѓањето во овој клуб, во оваа фаза од мојата кариера, е совршено за мене. Голема привилегија е да бидам тука.
Сигурен сум дека мојот најдобар фудбал допрва доаѓа. А Сити е во одлична позиција – сè уште е во игра во четири натпреварувања. Навистина верувам дека можам да им помогнам да имаат силна втора половина од сезоната.
Етихад е мојот нов дом. Едвај чекам да играм пред навивачите тука и се надевам дека ќе им покажам на сите што можам да направам“, се претстави Семењо.
Патем, тој го зеде бројот што некогаш го носеше Јаја Туре, 42.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Голем пресврт на „Стенфорд Бриџ“ – Челзи го победи Вест Хем
Фудбалерите на Челзи, со пресврт во второто полувреме, го добија градскиот дуел со Вест Хем (3:2).
По оваа победа, Челзи го престигна Манчестер Јунајтед на табелата во Премиер лигата со 40 бода, „црвените ѓаволи“ имаат два бода помалку и натпревар помалку од тимот од Лондон.
По две победи по ред, Вест Хем го забележа својот 14-ти пораз, по што остана на 20 бода и на 18-то место во Премиер лигата.
„Чеканите“ имаа предност по првиот дел од 0:2. Стрелци на головите беа Боувен и Самервил.
Челзи одговори на вистински начин. Израмнување на „сините“ им донесоа играчите кои влегоа од клупата за резерви, Жоао Педро и Кукуреља, а победата ја обезбеди Енцо Фернандез со голот во 92-та минута.
На крајот, натпреварот го зачини тешакчата во финишот, Тодибо за врат го фати Жоао Педро, Мавропанос се обиде да му удри шамар на Палмер. Во целата таа мешаница само Тодибо доби црвен картон.
Спорт
Македонија против Украина или Словачка во баражот за СП
Ракометната репрезентација на Македонија добро помина на ждрепката, која ги одреди двојките за баражот, за пласман на Светското првенство.
Македонија ќе игра против победникот од претквалификацискиот дуел меѓу Украина и Словачка.
Македонија на 13 или 14.мај ќе гостува, а реваншот во Скопје ќе се одигра три дена подоцна.

Foto/ EPA
Спорт
Пол Џорџ падна на допинг тест
Кошаркарот на Филаделфија, Пол Џорџ, е суспендиран поради позитивен допинг тест.
Инсајдерот Шамс Чаранија, објави дека НБА го суспендираше Џорџ на 25 натпревари поради кршење на антидопинг прописите.
Пол Џорџ издаде соопштение во кое се вели:
„Во текот на изминатите неколку години, многу зборував за тоа колку е важно менталното здравје и поради тоа, направив голема грешка со тоа што самиот си земав лекови. Ја преземам одговорноста за моите постапки и им се извинувам на Севентисиксерс, соиграчите, навивачите и сите други за моите лоши одлуки за време на тој процес. Фокусиран сум на тоа да го искористам ова време за да го опоравам мојот ум и тело на најдобар можен начин и да му помогнам на тимот кога ќе се вратам“, рече Џорџ.
Не е наведено зошто Џорџ не го поминал допинг тестот.
Популарниот играч има 35 години и имаше просек од 16 поени и 5 скока во 27 натпревари оваа сезона.

