Спорт
Шефот на Мекларен: Нема тензии меѓу Норис и Пјастри

На половина од сезоната во Формула 1, јасно е дека тандемот на Мекларен Оскар Пјастри-Ландо Норис ќе се бори за титулата. И покрај тоа што влогот е голем, првиот човек на британскиот тим Зак Браун истакнува дека меѓу нив нема „лоша крв“.
Постарите фанови на Мекларен добро се сеќаваат на легендарните борби меѓу Ален Прост и Аиртон Сена. Сепак, овој сегашен меѓу Пјастри и Норис навистина не изгледа ни приближно така. Додека легендарниот Бразилец и Французинот отворено се мразеа, Австралијанецот и Британецот, барем пред камерите, изгледаат како најдобри пријатели.
Иако, имаше и искри како Монтреал. Но, првиот човек на Мекларен Зак Браун инсистира дека тоа бил само инцидент, грешка што подоцна ја призна Ландо Норис.
„Нема тензии. Постои натпреварувачки дух, но верувам дека тензиите полека ќе растат. Сакаме предизвици и со нетрпение очекувам да се борат за титулата“, рече Браун.
Пјастри има освоено шест трки, една повеќе од Норис и има девет бода повеќе во генералниот пласман. Макс Ферстапен е трет но со дури 97 бода помалку од лидерот Пјастри.
Што се однесува до шампионатот на конструктори, доминацијата на Мекларен е јасно изразена. Британскиот тим има 559 бода, додека второпласираниот Ферари има 260.
Фото/ Принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Реал Мадрид издвојува најмногу за плати од сите клубови во Европа

Реал Мадрид и во новата сезона 2025/2026 го потврдува статусот на клуб со највисоки плати во европскиот фудбал. Според податоците на специјализираните страници „Betideas“ и „Capology“, просечната годишна плата на играчите на „кралскиот клуб“ е 11,2 милиони евра.
Оваа бројка е дури за 60 проценти повисока од сумата што ја издвојуваат повеќето други европски гиганти. Интересно е што ова е сепак мало намалување во споредба со минатата сезона, кога просекот беше малку повеќе од 12 милиони евра.
Далеку зад Реал Мадрид е нивниот најголем ривал, Барселона, чии играчи заработуваат просечно 7,91 милиони евра годишно. Каталонците исто така забележаа пад, со оглед на тоа што минатата сезона просекот беше 8,5 милиони евра.
Третото место на рангирањето го зазема Манчестер сити со просечна плата од 7,43 милиони евра. Сепак, за разлика од шпанските гиганти, англискиот клуб ја зголеми својата сметка за плати за повеќе од еден милион евра во споредба со претходната сезона.
По водечкото трио следува Баерн Минхен со 7,38 милиони евра, потоа Пари Сен Жермен и Арсенал, кои издвојуваат околу 7 милиони евра за просечна плата.
Клубови со највисоки просечни бруто плати во светот
1. Реал Мадрид – 11,2 милиони евра
2. Барселона – 7,9 милиони евра
3. Манчестер Сити – 7,43 милиони евра
4. Баерн Минхен – 7,38 милиони евра
5. ПСЖ и Арсенал – 7 милиони евра
6. Ливерпул и Манчестер Јунајтед – 6 милиони евра
7. Челзи и Тотенхем – 4,5 милиони евра
Foto/ EPA/J.L. Cereijido
Спорт
Нико Ковач го продолжи договорот со Дортмунд

Тренерот на Борусија Дортмунд, Нико Ковач, го продолжи договорот со „милионерите“ до јуни 2027 година, објави германскиот клуб.
„Нико целосно се посвети на својата улога во Дортмунд. Тој многу добро го познава фудбалот, има јасни принципи, е искрен и директен во комуникацијата и наградува добра работа“, изјави Ларс Рикен, спортски директор на Дортмунд.
Ковач, кој претходно освои трофеи со Баерн Минхен и Ајнтрахт Франкфурт, го презеде тимот во февруари кога беа 11-ти на табелата во Бундеслигата, по лошиот почеток под водство на Нури Сахин.
Под негово водство, тимот стана многу постабилен и ја заврши сезоната на четвртото место, со што ја обезбеди Лигата на шампионите.
Медиумите известуваат дека клубот преговара со Челзи за потпишување на договорот со аргентинскиот стопер Арон Анселмино, со цел зајакнување на одбраната.
„Веруваме дека тука, заедно со клубот и навивачите, можеме да постигнеме нешто посебно. Нашите разговори во последните недели го зајакнаа моето верување дека можеме да изградиме долгорочен успех врз основа на досегашните резултати и да ја вратиме Борусија таму каде што припаѓа“, изјави 53-годишниот Ковач.
Спорт
Кадилак го потврди и Серхио Перез

Кадилак од наредната сезона ќе се натпреварува во шампионатот на Формула 1. Минатата недела тимот го потврди дека еден од возачите ќе биде Валтери Ботас, а денес потврда дојде и за Серхио Перез.
Мексиканецот и Финецот имаат многу искуство зад себе, бидејќи во својата богата кариера возеа и за Ред Бул и за Мерцедес во своите најдобри сезони. Ова ќе биде интересен тим, бидејќи за прв пат ќе имаат можност да се борат за статусот на прв возач, што не беше можно ниту за Перез поради Ферстапен, ниту за Ботас поради Хамилтон.
„Потпишувањето на овие двајца возачи е голем чекор за овој нов тим. Сите ги познаваат, додека тие знаат како да бележат одлични резултати во Формула 1“, соопштија од Кадилак.
Од следната сезона, Формула 1 ќе претрпи големи промени, буквално „најбрзиот циркус“ ќе влезе во нова ера, со нов тим во името на Кадилак, кој ќе настапува во докажан состав.
Серхио Перез не е во караванот на Формула 1 оваа сезона, додека Валтери Ботас е трет возач во тимот на Мерцедес.