Спорт
Скандал со местење кошаркарски натпревари во Србија: Играле за 500 евра, а заработувале милиони
Српските медиуми пред два дена објавија дека околу 30 кошаркари од домашното првенство се под истрага бидејќи се сомничат дека учествувале во долгогодишен, разработен план за местење натпревари во соработка со обложувалниците. Бидејќи истрагата сѐ уште е во тек, не се знае точно за кои играчи и клубови станува збор.
„Ја информираме јавноста дека Кошаркарската лига на Србија активно соработува со ФИБА со цел да се решат дисциплинските постапки во најкус можен рок и да се обезбеди интегритет на натпреварувањето. Со оглед на тоа што дисциплинската постапка сѐ уште е во тек, во овој момент не можеме да дадеме детали кои натпревари и кои играчи учествувале во манипулативни акции.
Подетални информации за дисциплинската постапка ќе има по завршувањето на истрагата, со цел да се обезбеди непречено одвивање на постапката како и презумпција на невиност на осомничените“, соопшти Кошаркарскиот Сојуз на Србија.
Сепак, излегоа и повеќе деталите за самиот скандал.
„Просечната плата во српската кошаркарска лига е меѓу 500 и 1.000 евра. Повеќето играчи немаат други приходи, а парите што ги добиваат од кошарката не се доволни ниту за основни потреби. За жал, тоа беше сигнал за многумина да се ангажираат во местење натпревари. Дека сето тоа почива на заработка од обложување од неколку илјади евра, веројатно никогаш немало да се најдат под сомнение, но бидејќи парите што ги заработувале од обложувалниците станувале сѐ поголеми, па дури достигнувале и милиони, алармот се вклучил кај букмејкерите и тие се за се ја информирале ФИБА“, истакнал за српските медиуми еден од информираните за случајот.
„Обложувалниците масовно почнаа да пријавуваат огромни уплати на натпреварите од кошаркарската лига на Србија, а не постои ефикасен систем каков што е развиен во фудбалот од ФИФА и УЕФА, па сето тоа продолжи. Списокот на спорни натпревари се зголемуваше, па мораше да се покрене истрага која доведе до неверојатен број играчи кои се вмешани во сето тоа. Сега сите се обидуваат да се исчистат и да го сведат бројот на натпревари и играчи на минимум, за проблемот да не биде уште поголем“, дополнува изворот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Македонија со пораз од Данска го започна Европското првенство
Ракометната репрезентација на Македонија, со пораз го започна настапот на 17-то Европско првенство во Данска, Шведска и Норвешка. Во првото коло, во Б групата, Данска ја победи Македонија 36:24 (17:12).
Македонските репрезентативци, во Хернинг, дадода се од себе, но Данска го демонстрираше својот квалитет и покажа зошто е најдобриот тим во светот.
Македонија се држеше во првото полувреме, најмногу поради тактички добрата игра во нападот, одбраната не можеше да ги задржи ѕвездите на данската селекција.
Десет минути беше нерешено, а потоа Данците со молскавична серија 5:0 се одвоија на 8:3. Успеа Македонија да фати каков таков приклучок, намали на три гола и не реализира напад за минус два. На крајот првиот дел заврши 17:12.
Во вториот дел Данците го засилија темпото во одбраната, во првите 15 минути Македонија тешко доаѓаше до чисти позиции. Данците стекнаа двоцифрена предност и забележаа очекувана победа.
Најефикасни играчи во македонската репрезентација беа Серафимов со шест, односно Кузмановски и Митев со по четири гола. Најдобрите Данци, Питлик и Гидсел со девет осносно осум гола ја предводеа својата репрезентација.
Второто коло во Б групата на програмата е в недела, Македонија од 18 часот ќе игра против Португалија, а од 20.30 Данска ќе се соочи со Романија.
Foto/ EPA
Спорт
Тер Штеген пред трансфер во Џирона
Марк-Андре тер Штеген ќе ја напушти Барселона до крајот на преодниот рок. Германецот мора да брани доколку сака да биде во германската селекција на Мундијалот во САД, Мексико и Канада.
Според шпанските медиуми, речиси сè е договорено, германскиот голман да се пресели во Џирона. Тер Штеген ги прифатил условите, а сè што останува е клубовите да ги дефинираат деталите за позајмицата.
Тер Штеген го загуби местото како прв голман со доаѓањето на Џоан Гарсија, а се мачеше и со повреди во претходниот период.
Бидејќи сè уште има што да покаже, логичниот следен чекор беше да ја напушти Барса, засега само привремено, а ќе видиме на лето кои ќе бидат следните чекори.
Foto/ depositphotos
Спорт
Скандал на ЕП во ватерполо – Покрената е истрага поради обложување
Неколку ватерполисти од репрезентацијата на Малта се под истрага поради сомнение дека се обложувале на гол-разликата на натпреварот од Европското првенство против Црна Гора во Белград.
Информацијата ја објави порталот „Тајмс оф Малта“. Според истиот извор, по повод настанот е покрената истрага, а повеќе детали ќе бидат познати во наредните денови.
Селекцијата на Црна Гора го доби споменатиот дуел од групната фаза со резултат 21:12. Малта беше поразена во Белград од Франција (22:13), Унгарија (21:6), а денес во битката за пласман од 13-то до 16-то место го победи Израел 16:15.
Foto/ EPA

