Спорт
Спасувачите нема да го извлечат телото на Далмаер – ќе ѝ ја исполнат нејзината желба
Спасувачите во Пакистан се откажаа од плановите за извлекување на телото на двојната олимписка шампионка, германската репрезентативка во биатлон, Лаура Далмаер (31). Решија да ја почитуваат нејзината последна желба да се избегне загрозување на животите на другите луѓе, изјави алпинистот Томас Хубер за ДПА во четвртокот.
Далмаер почина во понеделникот во одрон на карпа во близина на врвот Лаила, висок 6.069 метри, на планинскиот венец Каракорам, соопштија нејзините претставници и локалните власти.
Таа беше прогласена за мртва во средата вечер откога воздушните и копнените операции за спасување од врвот Лаила во регионот Гилгит-Балтистан (ВБ) беа неуспешни.
Пакистанските власти вчера изјавија дека спасувачките екипи предводени од меѓународни алпинисти и локални носачи на голема надморска височина ќе почнат нова операција за преземање на нејзиното тело.
„Кога го видовме телото на Лаура, беше јасно дека таа нè напуштила. Како искусни планинари, решивме да не одиме и да го извлекуваме нејзиното тело“, рече Хубер, кој е во регионот на ВБ.
„Телото се наоѓа на многу тежок терен, што би го изложило спасувачкиот тим на голем ризик“, рече германски алпинист, кој беше дел од спасувачкиот тим.
„Одлучивме да ја почитуваме последната желба на Лаура. Таа не сакаше никој да го ризикува својот живот за неа“, додаде тој.
Северниот регион на Пакистан е дом на неколку прекрасни врвови, вклучувајќи и некои што се издигаат над 8.000 метри. Секоја година регионот привлекува стотици планинари од целиот свет, вклучително и од Европа.
Несреќите, понекогаш фатални, се чести за време на овие експедиции, особено при искачување на вториот највисок врв во светот, К2 (8.611 м), и на Нанга Парбат (8.126 м).
Кралицата на Светското првенство во Хохфилзен во 2017 година, со дури пет титули и еден сребрен медал во шест дисциплини, Лаура Далмаер, освои злато во спринт и потера, како и бронза во поединечна трка, на Зимските олимписки игри 2018 во Пјонгчанг.
За време на нејзината најдобра сезона на Светското првенство 2016/2017 Баварката го освои и големиот „Кристален глобус“ за вкупен пласман.
По Пјонгчанг таа ја заврши кариерата во 2019 година на 25-годишна возраст.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Макаби ја преживеа тројката на Димитријевиќ
Макаби во трилер-меч по едно продолжение го победи Баерн со 111:106. Мечот во регуларниот дел заврши 99:99.
Натпреварот полн со пресврти, на крајот беше решен во последните девет секунди. Приводство на Макаби 98:95, Ненад Димитирјевиќ погоди тројка под фаул, го реализира и дополнителното слободно фрлање. На две секунди до крајот Брисет беше фаулран, но погоди само едно слободно фрлање.
Потоа во дополнителните пет минути, играчите на Макаби имаа повеќе сила и концетрација и ја забележаа третата победа по ред.
Димитријевиќ натпреварот го заврши со дабл-дабл, 15 поени и 10 асистенции. Блескаше кај Баерн, Андреас Обст со 33 поени (постигна осум тројки од 13 обиди). Кај Макаби се истакнаа Роман Соркин со 21 и Тамир Блат со 20 поени.
Foto/ EPA
Спорт
(Видео) Арсенал кај Брентфорд остави два бода
Последниот натпревар од 26-то коло од Премиер лигата на стадионот „Брентфорд Комунити“, меѓу домашниот тим и лидерот Арсенал заврши со 1:1 (0:0).
Арсенал, во Брентфорд имаше расположен ривал, кој потврди дека е во врвна форма.
Првото полувреме помина во тактичко надмудрување од страна на двајца менаџери, Кит Ендрус (Брентфорд) и Микел Артета (Арсенал). Без многу возбудувања пред двата гола.
Брентфорд ја имаше единствената вистинска шанса. Матијас Јенсен центрираше, а, Игор Тиаго со глава упати удар со глава, но голманот на „Топџиите“, Давид Раја, реагираше брилијантно и спречи водство на „пчелите“.
Лидерот во Премиер лигата не упати ниту еден удар во голот на Брентфорд во првото полувреме, а успеа да ја материјализира првата вистинска шанса во 61-та минута:
Пјеро Инкапие совршено центрираше од левата страна, а Нони Мадуеке скокна уште подобро и го совлада Ирецот Келехер.
Тој гол не ги обесхрабри домашните фудбалери. Напротив, тие тргнаа уште порешително кон голот на Арсенал и создадоа неколку опасни ситуации преку Кин Луис Потер и Игор Тијаго. Изедначија десет минути подцна.
По еден удар од далечина, Ван ден Берг ја упати топката со глава, а Луис Потер на ист начин го доби дуелот со Мартин Едегор и ја смести топката зад грбот на Раја.
Домашните фудбалери имаа одлична можност за целосен пресврт во 87-та минута. Игор Тијаго првично го надигра Москера, но кога требаше да шутира, младиот Шпанец се искупи со фантастична интервенција и ја елиминираше опасноста.
Бразилецот имаше уште една шанса во 90+2 минута, а потоа неговиот сонародник Габриел Мартинели на спротивната страна од теренот не успеа да му донесе победа на Арсенал.
Беше сам пред Келехер, но не постигна гол.
„Топџиите“, се први на табелата со 57 бода, четири повеќе од Манчестер Сити. Брентфорд е на одлично седмо место со 40 бода.
Спорт
(Видео) Атлетико за полувреме ја прегази Барселона
Со историско прво полувреме, Атлетико Мадрид ја декласира Барселона со 4:0, во првиот полуфинален натпревар во Купот на Кралот.
Сè започна со „мртвата шанса“ на Симеоне во третата минута, кога Џоан Гарсија излезе како победник. Три минути подцна Ерик Гарсија со автогол го најави потопот на Барселона. Антоан Гризман, по една течна акција го зголеми резултатот во 14-тата минута.
Хулијан Алварез, потоа ја презеде палката од Гризман, му асистираше на новодојдениот Адемола Лукман во 33-та минута.
Аргентинецот стави крај на совршениот период на Атлетико Мадрид во втората минута од судиското продолжение. Нигериецот овој пат му возврати со аситенција.
Алварез го прекина постот, ова беше негов прв гол од 9 декември минатата година.
Во првиот дел Атлетико имаше уште три големи шанси, но не успеаја да реализираат Гризман, Алварез и Лукман.
Единствените две шанси за Барселона ги промаши Фермин Лопез, во првото полувреме. Погоди пречка на 3:0, а имаше и „еден на еден“ ситуација со Мусо при истиот резултат.
В вториот дел, Атлетико трпеливо ги чекаше шансите, а Барселона залудно се обидуваше да создаде шанса за гол. Каталонците постигнаа гол во 53-та минута, кој по седум минути ВАР го поништи.
Барселона мечот го заврши со играч помалку, во 84-та минута Ерик Гарсија доби црвен карто. Дефанзивецот како последен човек во одбраната го фаулираше Баена.
Foto/ EPA

