Спорт
Почнува новогодишната турнеја, Гранеруд го брани „Златниот орел“
Денес стартува едно од најпрестижните натпреварувања во светот на спортот, Новогодишната турнеја, Четири скокалници.
Турнејата има четири станици: Оберстдорф, Гармиш-Партенкирхен, Инсбрук и Бишофсхофен. Четири од најпознатите ски скокалници во светот ги делат нешто повеќе од 400 километри, а натпреварувањето на нив се одвива во текот на 10 дена.

Традиционално, турнејата се отвора во Оберстдорф на 28 декември, кога се закажани квалификациите, додека главниот натпревар е закажан ден подоцна. Потоа следува Гармиш, каде квалификациите се на последниот ден од старата година, а главните скокови на првиот ден од Новата година, овој пат во 2024 година. Потоа, следува преселба во Австрија, каде што прво скока во Инсбрук на 4 јануари, пред големото финале во Бишофсхофен два дена подоцна.
Низ историјата, само тројца, успеале да го освојат „Златниот орел“ со четири победи. Прв тоа го направи Германецот Свен Ханавалд, кој во сезоната 2001/02, забележа четири победи. 16 години подоцна успехот на Ханавалд го повтори Полјакот Камил Штох, асамо една година подоцна истото да го направи и Јапонецот Рјоју Кобајаши.

И додека тројца во историјата влегоа со четири победи на Новогодишната турнеја, еден ски скокач успеал да го освои трофејот беа ниту еден триумф. Тоа му успеа на легендарниот Финец, Јане Ахонен пред 25 години.
Инаку, Ахонен е рекордер со пет „Златни орли“, а потоа следат Германецот Јенс Вајсфлог со четири, како и уште еден германски скокач Хелмут Рекнагел, Бјорн Виркола од Норвешка и Камил Штох со по три.

Од актуелните скокачи, покрај веќе споменатиот Штох, титулите на турнејата ги имаат Кобајаши, кој е единствениот покрај Полјакот со повеќе од еден, Австриецот Штефан Крафт, Петер Превц од Словенија и актуелниот шампион Халвор Егнер Гранеруд.
Кога ќе се погледнат резултатите во претходниот дел од сезоната, пред почетокот на турнејата има само еден апсолутен фаворит, а тоа е Крафт.
Двократниот освојувач на Кристалниот глобус од почетокот на сезоната пет пати беше на највисокото скалило на подиумот и моментално има 222 поени предност пред второпласираниот Андреас Велингер од Германија.
Покрај Крафт, од почетокот на сезоната победи забележаа Германците Карл Гајгер и Пиус Пашке.
Во добра форма е и олимпискиот шампион на големата скокалница Мариус Линдвик, додека за разлика од него, неговиот сонародник и актуелен победник Гранеруд во овој период не скока ни приближно како лани. Од сенка својата шанса ја чекаат Велингер, Австриецот Јан Херл, односно Кобајаши и Анже Ланишек.
Не треба да го заборавиме човекот кој сезонава по 25-ти пат учествува на Четири скокалници, тоа е Симон Аман. Швајцарецот во текот на кариерата успеа да освои се освен „Златниот орел“.
Распоред на турнеја со четири ски скокалници:
Оберстдорф:
28 декември, 16:30 часот квалификации
29 декември, 17:15 скокови
Гармиш-Партенкирхен:
31 декември, 13:45 часот квалификации
1 јануари, 14 часот скокови
Инсбрук:
2 јануари, 13:30 часот квалификации
3 јануари, 13:30 скокови
Бишофсхофен:
5 јануари, 16:30 часот квалификации
6 јануари, 16:30 скокови
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Голчиште на Собослај, а потоа победа на Сити во дербито
Манчестер Сити го доби Ливерпул на „Ефилд“ во 25.коло во Премиер лигата, со 2:1 и остана во трката за шампионската титула.
Сè што беше важно се случи во последните 20 минути од натпреварот. Ливерпул поведе во 74-та минута, но со голови во 84-та и 93-та минута, Сити направи пресврт и запиша три важни бода.
Доминик Собослај постигна гол за водство на Ливерпул со моќен погодок од слободен удар со помош на стативата. Сити израмни по само десет минути, кога Бернардо Силва натрча на топката која ја доби од Ерлинг Халанд.
Во судиското продолжение, Сити победи откако Алисон направи пенал, а Халанд го реализираше.
Рајан Шерки исто така постигна гол во 100-та минута, но тој гол беше поништен поради претходен прекршок на Доминик Собослај, кој доби црвен картон.
Foto/ EPA
Спорт
Трамп го критикуваше американскиот скијач: „Срамота е што ја претставува Америка“
Американскиот претседател Доналд Трамп го критикуваше американскиот олимписки скијач Хантер Хес, неколку дена откако спортистот изрази измешани чувства во врска со претставувањето на САД на Зимските олимписки игри во северна Италија, пишува „Ројтерс“.
„Ако е така, ни немал потреба да се обиде да се квалификува за репрезентацијата и срамота е што е дел од неа“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social, осврнувајќи се на коментарите на Хес. „Многу е тешко да се навива за некој таков.“
Зимските олимписки игри беа одбележани и со политички тензии, меѓу другото и поради присуството на службеници на американската Служба за имиграција и царина (ICE). Оваа агенција се соочи со масовни протести низ САД откако нејзини агенти минатиот месец во Минеаполис застрелаа и усмртија две лица.
Хес, скијач во слободен стил, изјави на прес-конференција во Милано во петокот дека му е „малку тешко“ да ја претставува Америка и дека има измешани чувства.
„Очигледно се случуваат многу нешта со кои не се согласувам, а верувам дека и многу други не се согласуваат“, рече тој.
„Тоа што ја носам знамето не значи дека претставувам сè што се случува во САД.“
Неговиот колега од репрезентацијата, Крис Лилис, на истата прес-конференција исто така истапи против дејствувањето на Службата, велејќи дека поради тоа му е „скршено срцето“.
„Мислам дека како земја треба да се фокусираме на почитување на правата на сите луѓе и да се погрижиме кон нашите граѓани, како и кон сите други, да се однесуваме со љубов и почит“, изјави Лилис.
„Се надевам дека луѓето, гледајќи ги спортистите на Олимписките игри, ќе сфатат дека тоа е Америка што ние се обидуваме да ја претставиме.“
Спорт
„Сѐ се случи за миг“ – сестрата на Линдзи Вон зборуваше за нејзината состојба по страшниот пад на Олимписките игри
Линдзи Вон моментално е на лекарски прегледи по тешкиот пад што ѝ се случи утрово, потврди нејзината сестра Карин Килдо во изјава за „Ен-Би-Си“. Таа рече дека сцената била застрашувачка и многу тешка за гледање.
„Тоа дефинитивно беше последното што сакавме да го видиме. Сѐ се случи многу брзо и во такви моменти само се надеваш дека е добро“, рече Килдо.
Таа додаде дека станало уште пострашно кога забележале дека изнесуваат носила.
„Тоа никогаш не е добар знак. Но, како што вели онаа изрека за човекот во арената – таа се осмели, даде сѐ од себе и одеше до крај. Тешко е да се гледа, но најважно е таа да биде добро“, изјави таа.
Сестрата на познатата американска скијачка потврди дека во моментов не знаат што следува: „Превезена е со хеликоптер од местото на несреќата. Со неа се сите нејзини лекари, хирурзи и физиотерапевти. Ќе не известат и ќе отидеме во болницата каде што ја прегледуваат. Засега знаеме само дека е на прегледи и се надеваме наскоро да добиеме повеќе информации.“
Главниот брзински тренер на американскиот скијачки тим, Пол Кристофик, изјави дека Линдзи Вон и понатаму е под медицинска проценка во Кортината, а тимот сѐ уште нема добиено никакво ажурирање за нејзината здравствена состојба.
„Сѐ уште не знаеме ништо конкретно“, изјави Кристофик. „Таа е со медицинскиот тим во болница. Во моментов се проценува во Кортината. А потоа, во зависност од сериозноста на повредата, ќе се донесе одлука каде ќе биде сместена.“

