Спорт
Стефан Ристовски ќе го напушти Динамо Загреб
Поранешниот капитен на фудбалската репрезентација на Македонија, Стефан Ристовски, веројатно ќе го напушти Динамо Загреб по завршувањето на сезоната. Ристовски, еден од капитените на најтрофејниот хрватски клуб со доаѓањето на тренерот Фабио Канаваро остана без местото во стартната посатав.
Договорот на Ристовски истекува на 30 јуни 2025 година, а потоа ќе стане слободен играч доколку, се разбира, во меѓувреме не потпише нов договор со актуелниот хрватски шампион. Платата на Ристовски според сегашниот договор е околу 700.000 евра годишно.
„Индекс“ пишува дека на подготовките му бил понуден нов договор, но со значително намалување. Новиот договор би бил за најмалку една третина помал од стариот, што значи дека Ристовски би можел да заработува околу 450 илјади евра годишно.
Во овој момент одлуката на Ристовски не е потврдена, но тој најверојатно нема да потпише нов договор. Проблемот не е во парите, туку во тоа што не е задоволен од статусот што би можел да го има следната сезона на „Максимир“.
Тој има 33 години и се уште може да најде сериозна минутажа во европскиот фудбал, а источните лиги и земјите кои нудат профитабилни договори се секогаш опција за играчите кои се пред крајот на кариерата.
Ристовски одигра 177 натпревари за Динамо и одигра важна улога во освојувањето на многу трофеи, но се чини дека и клубот и тој се повеќе се свесни дека влегуваат во нова ера.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Голем пресврт на „Стенфорд Бриџ“ – Челзи го победи Вест Хем
Фудбалерите на Челзи, со пресврт во второто полувреме, го добија градскиот дуел со Вест Хем (3:2).
По оваа победа, Челзи го престигна Манчестер Јунајтед на табелата во Премиер лигата со 40 бода, „црвените ѓаволи“ имаат два бода помалку и натпревар помалку од тимот од Лондон.
По две победи по ред, Вест Хем го забележа својот 14-ти пораз, по што остана на 20 бода и на 18-то место во Премиер лигата.
„Чеканите“ имаа предност по првиот дел од 0:2. Стрелци на головите беа Боувен и Самервил.
Челзи одговори на вистински начин. Израмнување на „сините“ им донесоа играчите кои влегоа од клупата за резерви, Жоао Педро и Кукуреља, а победата ја обезбеди Енцо Фернандез со голот во 92-та минута.
На крајот, натпреварот го зачини тешакчата во финишот, Тодибо за врат го фати Жоао Педро, Мавропанос се обиде да му удри шамар на Палмер. Во целата таа мешаница само Тодибо доби црвен картон.
Спорт
Македонија против Украина или Словачка во баражот за СП
Ракометната репрезентација на Македонија добро помина на ждрепката, која ги одреди двојките за баражот, за пласман на Светското првенство.
Македонија ќе игра против победникот од претквалификацискиот дуел меѓу Украина и Словачка.
Македонија на 13 или 14.мај ќе гостува, а реваншот во Скопје ќе се одигра три дена подоцна.

Foto/ EPA
Спорт
Пол Џорџ падна на допинг тест
Кошаркарот на Филаделфија, Пол Џорџ, е суспендиран поради позитивен допинг тест.
Инсајдерот Шамс Чаранија, објави дека НБА го суспендираше Џорџ на 25 натпревари поради кршење на антидопинг прописите.
Пол Џорџ издаде соопштение во кое се вели:
„Во текот на изминатите неколку години, многу зборував за тоа колку е важно менталното здравје и поради тоа, направив голема грешка со тоа што самиот си земав лекови. Ја преземам одговорноста за моите постапки и им се извинувам на Севентисиксерс, соиграчите, навивачите и сите други за моите лоши одлуки за време на тој процес. Фокусиран сум на тоа да го искористам ова време за да го опоравам мојот ум и тело на најдобар можен начин и да му помогнам на тимот кога ќе се вратам“, рече Џорџ.
Не е наведено зошто Џорџ не го поминал допинг тестот.
Популарниот играч има 35 години и имаше просек од 16 поени и 5 скока во 27 натпревари оваа сезона.

