Спорт
„Судиите со години го фаворизираат Реал, знаат што ги чека ако не биде така“
Фудбалерите на Реал Мадрид, во четвртокот, со пресврт и по 120 минути фудбал го победија Атлетико и се пласираа во полуфиналето на Купот на кралот. Дел од шпанската јавност смета дека мечот го обележа судијата Цезар Сото Градо.
При резултат 0:1 и водство на Атлетико, во 71. минута Дани Себаљос направи прекршок на 18 метри, веќе имаше жолт картон но судијата не ги примени правилата и не му го покажа вториот жолт картон.
Извршниот директор на Атлетик Хил Марин имаше што да каже по овој натпревар и додаде дека ваков систем веќе подолго време го уништува шпанскиот фудбал.
„Жолтиот картон за Себаљос беше очигледен, по сите правила, чист како солза. Но, при наше водство од 0:1, во 71. минута, во борбата за полуфинале, да го оставиш Реал на неговиот стадион со играч помалку е голема работа. Исклучително ги почитувам судиите и сигурен сум дека нивните намери се секогаш најдобри, но секој што ја гледа ситуацијата однадвор може да види дека истите работи се случуваат со децении. За жал, никој не е изненаден. Медиумите во деновите пред дербито пишуваа дека судиите мораат да заштитат некои играчи. Искрено, не забележав дека некој ги заштити Гризман и Мората кои буквално беа шутирани од противниците. Но таков е системот. Боите на дресовите на теренот и на трибините не смеат да влијаат на одлуките на судиите. Нашите играчи ги почувствуваа последиците од тој притисок“, изјави Хил Марин.
Тој сепак призна дека Атлетико е виновен за лошите резултати, но дека тоа не ги менува фактите за лошиот систем.
„Ние сме целосно одговорни за нашите резултати оваа сезона, не ја поминавме групната фаза во Лигата на шампионите и заостанавме седум бода зад третопласираниот тим во Ла Лига. Од нас зависи што ќе правиме во преостанатите 20 натпревари. Без оправдување, но загрижен сум и за тоа како функционира системот, а тој секогаш фаворизира еден клуб“, потенцира Хил Марин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Интер сериозно заинтересиран за Костов
Интер е сериозно заинтересиран за Василије Костов, големиот талент на Црвена звезда.
Според италијанскиот новинар Матео Морето, кој работи со инсајдерот Фабрицио Романо, интересот на „Неразурите за Костов е исклучително голем.
Морено тврди дека Интер не само што го следи играчот, туку дека се започнати почетни разговори за да се утврдат временските рокови и трошоците.
Тој додава дека неколку клубови се заинтересирани за Костов, меѓу кои и некои од Шпанија.
Затоа, тимот од Ломбардија сака навреме да ја утврди својата позиција и да го доведе младиот играч од средниот ред пред нивните ривали во трката за неговиот потпис да им ги расипат плановите.
Јасно е дека Интер и претседателот Бепе Марота направија пресврт и од слободни, но и привремени засилувања, се свртуваат кон помлади играчи чиј потенцијал и целосната трансферна вредност, сè уште не е достигната.
Костов одигра 33 натпревари во црвено-белиот дрес во сите натпреварувања оваа сезона, постигна 12 гола и има шест асистенции.
„Трансфермаркет“ ја проценува неговата моментална вредност на 10 милиони евра, меѓутоа, потребната отштета ќе биде неколкукратно поголема.
Спорт
Дали Роналдо ќе биде подготвен за Светското првенство?
Легендарниот португалски ас Кристијано Роналдо, според британските медиуми, би можел да го пропушти Светското првенство во 2026 година по повредата здобиена за време на викендот.
Напаѓачот на Ал Наср се повреди на натпреварот од Саудиската професионална лига против Ал Фајха, кој неговиот тим го доби со 3:1. Роналдо го напушти теренот во 81-та минута, откако сигнализираше на клупата дека има проблем со мускулите.
Пред да го напушти теренот, португалскиот ветеран промаши пенал при резултат 0:0.
Тренерот на Ал Наср, Жорж Жезус, потврди по натпреварот дека Роналдо ќе биде подложен на итни медицински прегледи.
„Роналдо почувствува мускулен замор, а медицинскиот тим веднаш ќе ги изврши потребните тестови за да ја утврди неговата состојба“, рече Жезус.
Според весникот „Сан“, се зголемуваат стравувањата дека посериозна повреда би можела да го загрози настапот на Роналдо на Светското првенство во 2026 година, кое ќе се одржи во САД, Канада и Мексико.
Роналдо (41) сака да влезе во историјата и да стане првиот фудбалер што ќе игра на шест Светски првенства. Тој играл на секое Светско првенство од 2006 година и е во елитно друштво со пет настапи, меѓу кои се Лионел Меси, Лотар Матеус, Антонио Карбахал, Андрес Гвардадо и Рафаел Маркез.
Доколку се опорави на време, Португалија ќе го игра првиот натпревар на турнирот на 17 јуни против победникот од плејофот во кој учествуваат Нова Каледонија, Јамајка и ДР Конго. Во групната фаза ги очекуваат дуелите против Узбекистан и Колумбија.
Foto/ depositphotos
Спорт
Ред Бул има најголем спонзорски договор во Формула 1
Ред Бул, потпиша најголем договор за рекламно спонзорство оваа сезона. Уште во 2022 година, Ред Бул се договори со американскиот технолошки гигант Оракл да стане главен спонзор на тимот. Оваа сезона, тимот ќе инкасира 110 милиони долари.
Договорот за спонзорство на Ферари со ХП е исто така многу блиску до ова сума, изнесува нешто над 100 милиони долари по сезона.
Ова се единствените два спонзорски договори во Формула 1 оваа година, вредни повеќе од 100 милиони долари.
Светските шампиони, тимот на Мекларен, се исто така меѓу првите три тима, со договор за спонзорство со Мастеркард, кој им носи 90 милиони долари годишно. Сепак, Мекларен објасни дека финансиската компанија е „спонзор за преименување“, а не само „главен спонзор“.
Другите два големи договори се за Ауди – 75 милиони долари по сезона од Револут, додека Астон Мартин добива иста сума од саудискиот нафтен гигант Арамко.
Според непотврдени информации, Мерцедес добива 80 милиони долари по сезона од својот долгогодишен партнер Петронас.
Foto/ depositphotos

